25.08.2007
Еве ме мене пак... мора да си ја одржувам темата
Струшки вечери на поезијата: Одржана Вечерта посветена на современата турска поезија
Во рамки на Струшките вечери на поезијата синоќа традиционално по 46. пат се одржа Вечерта на национална поезија која овојпат беше посветена на современата турска поезија.
Четворицата турски поети Атаол Бехрамоглу, Кучук Искендер, Ердол Алова и Атила Илхан ја претставија новата антологија на современа турска поезија преведена и на македонски јазик „Модар вез“.
Академик Матеја Матевски за анталогијата подготвена од Атаол Бехрамоглу рече дека вистински ја отсликува современата турска поезија.
- Антологијата нуди поезија од 40-те до 90-те години, нудејќи еден луциден есеистички и историски вовед во турската поезија посебно задржувајќи се на главните тенденции, појави и имиња, поетот Бехрамоглу како и префинет избор на 40-ина поети родени од 1925 до 1964 година, рече академик Матевски.
Во своето излагање „Процесите на модернизација“ во турската поезија поетот Бахрамоглу истакна дека таа во себе ги вклучува традициите на народната и диванската поезија, првата со речиси едноилјадна историја, а втората која започнува во 13. век и во себе ја содржи крстосницата помеѓу западната и домашната традиција во текот на втората половина на 20. век.
Започнувајќи од Назил Хикмет кој творел во првата четвртина на 20. век и како што рече Бахрамоглу ја понел турската поезија кон нови универзални димензии тој како еден од поважните поети го спомена и Фазим Хисни Дагларџи првиот и единствен турски поет кој го добил „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Во педесеттите години од 20. век се појавуваат првите процеси на модернизација во турската поезија. Позначајни поети од тој период се Орхан Вели, Октан Рифат и Елих Џевад Андај.
Преку турските современи песни „Покана“, „Фиа“, „Разделбата е дел од љубовта“, „Две лица“, „Хаос“... ја доближува турската современа поезија до публиката на 46. Струшки вечери на поезијата.
Третиот ден на 46. Струшки вечери на поезијата ќе започне со чествување по повод 145 години од смртта на Браќата Миладиновци кое ќе се одржи пред нивниот спомен-дом. Во предворјето на црквата „Света Богородица“ во селото Калишта е предвидено меѓународно поетско читање „Матине“, а попладне ќе биде претставен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ Никола Маџиров, како и поетскиот портрет на годинашниот лауреат палестинскиот поет Махмут Дарвиш кое ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Извор
ИРИ: 91 отсто од граѓаните во Македонија се за влез во НАТО
Безбедносните прашања повеќе не се приоритет за граѓаните во Македонија. Има претпазлив оптимизам и последните анкети на ИРИ покажуваат надеж меѓу граѓаните во Македонија за подобар живот, оцени Линзи Лојд, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.
За Лојд, бројките за поддршка меѓу граѓаните на Македонија за влез во НАТО се импресивни, посочувајќи на резултати од извршената анкета од ИРИ, според кои, како што подвлекува, 91 процент од анкетираните сметаат дека Македонија треба да стане дел од НАТО. Според него, тоа е голем процент споредено со 2003-та, кога поддршката изнесуваше 75 проценти и многу поголема поддршка отколку во која било земја - потенцијална членка на Алијансата, пренесува МИА.
- Високиот рејтинг на премиерот Никола Груевски од 61 процент се должи на неговите ветувања дека ќе се фокусира на економски прашања. Бројките се уште не ветуваат, но првпат по многу години во истражувањата на ИРИ бројот на граѓаните што мислат дека работите ќе бидат подобри се зголемува за разлика од оние кои го мислат спротивното, заклучува Лојд.
Македонија се уште минува низ периодот на економска транзиција, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Линзи Лојд и констатира дека граѓаните во земјата имаат претпазлив опмистизам дека работите ќе тргнат во вистинска насока.
Стравувањата на граѓаните за иднината на Македонија стануваат минато, коментира Лојд.
- Интересно е што за многу граѓани од Република Македонија тоа повеќе не е горливо прашање. Со години анкетираме на прашањето – дали Македонија е постабилна земја. Во 2001-ва 83 проценти од испитаниците рекоа дека земјата е понестабилна од порано. Денес 70 отсто граѓани сметаат дека земјата е постабилна или на исто ниво. Охридскиот договор ја зголеми довербата и безбедносните прашања ги стави во втор план, вели директорот за Европа при ИРИ.
Линзи Лојд, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт нагласува дека тоа е добра основа властите да се фокусираат на економска преродба, унапредување на образовниот систем и модернизирање на здравствената заштита.
Извор
Венецуела купува 98 руски авиони
Русија и продаде на Венецуела 98 авиони за превоз на патници и стока, јавуваат руските медиуми.
Договорот, чија вредност се проценува на повеќе милијарди долари, се однесува на продажба на авиони од типот „Иљушин-114“, соопшти за руските медиуми Сергеј Чемезов, директор на државниот извозник на оружје „Рособоронекспорт“.
Минатата година Русија и продаде на Венецуела 24 авиони „Сухој“ и 53 хеликоптери во склоп на долгорочниот пакет договори за испорака на оружје во вредност поголема од три милијарди долари.
Русија се обидува да се пробие на новите пазари на оружје во Латинска Америка, југоисточна Азија и северна Африка.
Извор
Американско беспилотно летало се урна на граница меѓу двете Кореи
Американско шпионско беспилотно летало вчера се урна во близина на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, при што нема настрадани, соопшти денеска американската армија.
Леталото од типот „Шадоу – 200“ синоќа се урна во близина на базата на САД во Дондучон, 18 километри јужно од демилитаризираната зона во планинска област со густа вегетација. Причина за уривањето е најверојатно поради техничка неисправност на леталото. Задача на леталото била да ги следи движењата на север од демилитизираната зона.
Извор