Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Јави ми се...

Стоев покрај огромниот прозорец, залепен со лицето на стаклото и зјапав. Вкочанет, без сила за било каков потег. Се ѕверев во осветлениот град пред мене. Зад мене само мрачната и ладна соба. Во мене една огромна самотија, која не се пополнува со ништо.
Ги гледав околните осветлени прозори и ѕиркав во секој од нив барајќи... ништо. Всушност сакав да влезам во туѓите животи и да се уверам дека и во нив нема ништо, дека никој не е среќен, дека сите тагуваат и патат по нешто.
Јас патев по тебе. Откако те пронајдов, јас бев најсреќниот човек на планетата. После толку пресвртници во мојот живот се појави ти. Ме воскресна. Ме научи повторно да живеам. Ми покажа дека е во ред да се смеам, да уживам во секој миг, да му се радувам на животот како дете. Последните шест години поминати со тебе, ми донесоа повеќе убавина отколку што мислев дека заслужувам.
Ти беше токму таква каква што посакував. Ти беше жената на мојот живот. Ти беше мојот мир и мојот неспокој. Живеев само заради тоа што постоеше ти. Ми беше извор на сила, ми го разубавуваше секој ден, ме полнеше со енергија која ретко се среќава. Знам дека беше мој спасител.
Сеуште стојам залепен за стаклото. Ги шетам очите од едниот до другиот крај на градот. Го вртам филмот назад. Го одмотувам и одмотувам...ја барам грешката во себе, во тебе. И пак не знам што се случи.
За миг го видов твојот лик од другата страна на стаклото. Се сепнав. Ја подадов раката да те погалам. Те нема. Се прашувам дали исчезна затоа што си премногу сурова или премногу кревка. Можеби никогаш не ме сакаше или пак твоето младо и нежно срце не можеше да ја издржи мојата љубов. А претпоставувам дека не можеш ни да замислиш колку многу те сакав. Те сакам сеуште. И не само тоа. За целото ова време јас бев вљубен во тебе девојко! Онака детски, заљубен до уши. Опседнат, зависен од тебе. Стана моја потреба. И сеуште си.
Ги набљудувам минувачите долу по улицата. Те гледам во секоја жена. Во секоја те препознавам. А ниедна не е ти. И никогаш нема да биде.
Се одлепив од прозорот. Погледнав зад мене. Само мрак и болка. Зошто толку многу боли? Пуста е собата без тебе во неа. Ледена. Се испружив на двоседот. Ги затворив очите и ја слушав тишината, која напати ми ја прекинуваа звуците од автомобилите. Ми се редеа сликите од минатото во глава, сосема неповрзани, без некој редослед. И наеднаш како камен ме удри сликата кога ја славевме нашата годишница.
Го имав зготвено твоето омилено јадење. Масата поставена за двајца. Те чекав со нетрпение. Ми се јави и рече дека ќе задоцниш. " Во ред. Ќе те чекам, дојди штом ќе можеш." И дојде. Нервозна, исплашена, растревожена. Немаше зборови. Само солзи и плач. Ме гушна најсилно на свет и ми рече дека мора да одиш. Дека не сакаш да ме повредиш. ама нема лесен начин да ми го кажеш тоа. Ме бакна и со размачкана шминка излезе. Останав скаменет пред затворената врата. Сакав да рикнам на цел глас, ама не можев. Немав сила, ми секна гласот. Сакав и да плачам. Пресушија и солзите. Тоа беше шок, од кој тешко ќе заздравам. И не те обвинувам. Млада си, убава, совршена. Не знаеш кого да одбереш. Него или мене. И не знаеш дали ќе згрешиш што и да одлучиш. Знам како се чувствуваш. И знам како му е нему со тебе. Конечно го пронајде она од кое цело време се плашев. Ви ја посакувам целата среќа на овој свет.
Ги отворив очите. Ги пуштив солзите конечно да течат. Нека ми ја измијат душата. Станав и го зедов кадифеното кутивче што стоеше на масата. Во него беше целата моја иднина. Во него беше мојот живот со тебе. Не успеав да ти го дадам. Излегов на терасата, замавнав силно и го фрлив во прегратките на градот. Што ќе ми е? Што ќе ми е животот без тебе? Во мојата фантазија го слушнав телефонот како ѕвони. И твојот глас: "Извини. Погрешив. Ќе ми отвориш ли ако ти заѕвонам на врата?" Влетуваш во соба и ми се фрлаш во прегратка.
...Ах, колку само боли и пече твоето отсуство. Се стресов од ладниот ветер. Влегов внатре и повторно се залепив на прозорското стакло. Свесен дека те изгубив засекогаш и потонат во сопствениот очај, продолжив да ги набљудувам минувачите, барајќи те тебе во секој од нив. И повторно ги пуштив солзите да ми се слеваат низ лицето, за да ми го замаглат видикот, за да ме загушат... за да не те барам повеќе.
 
Ладен канцелариски мебел. Купишта документи кои чекаат потпис и купишта мејлови на кои треба да се прати повратен одговор а само една ноќ да се заврши сето тоа.
Животот ми постана едно турбулентно движење во кое полека губам се што еден ден може да ми измами насмевка и расположение на лицето.
Далечни се и зборовите на едно добро сеќавање дека никогаш ништо нема да се смени и дека без разлика на се, ние ќе останеме заедно.
Сето тоа сега е заменето со непотребни документи на кои едноставно мора да фигурира нечиј потпис, и по некоја случајност тоа е токму мојот.
Сликата во рамката која ја чувам на бирото не е од кучето кое најмногу си го сакав. Не е ниту од родителите кои и ден - денес стојат покрај мене. Не е ниту од братот кој секогаш беше на моја страна и покрај грешките кои ги направив.
Не беше ниту од љубената која секоја вечер легнува со мислата дека премногу се грижам за работата и не и посветувам доволно внимание, а сепак е со мене и неизмерно ми ја враќа љубовта.
И токму таа вечер, во најголемиот метеж кој до сега сум го имал, на сликата го гледам моето насмеано лице до никој друг туку до најдобриот пријател. На сликата сме насмеани од уво до уво и имаме само по 10на години. Е, токму таа слика го заслужи приматот пред сите други.
Во тој момент ми текна на една песна која неодамна ја слушнав. Текстот одеше вака:
Then the busy years went rushing by us
We lost our starry notions on the way
Се чувстував изгубено додека низ глава ми се моташе остатокот од песната кој навистина ми ги спобрка мислите:
Those were the days my friend
We thought they'd never end
We'd sing and dance forever and a day
We'd live the life we choose
We'd fight and never lose
For we were young and sure to have our way.

Иако беше 3 часот по полноќ, го кренав телефонот и го завртев одамна заборавениот број. Одговори телефонската секретарка. Оставив порака. Бидејќи стиховите навистина ги разбудија спомените не можев да кажам ништо друго освен Јави ми се.

Сега сум посреќен човек.
 
Јави ми се

When you call my name it's like a little prayer
I'm down on my knees, I wanna take you there

Време и моменти без смисла, живот и постоење без смисла... исчекување поболно од глад, желба за залак леб кој ќе ти даде живот и подигне напред кон иднината - кон животот, желба да се слушна глас од другата страна... глас кој го изговара твоето име во занес, гласот за кој длабоко во себеси знаеш дека би сакал да биде последниот што би го слушнал во овој свет.

In joy and sorrow my home's in your arms
In world so hollow
It is breaking my heart...
My home is in your arms.

As always it was, as always it will till the end of time.

Приказната која сите ја знаат, ја дознале и осознале:

Приказната за мракот и мрачното време, за една душа заробена, за гласот кој ја ослободи, гласот кој ја подигна и и дари живот. Приказна стандардна и добро позната, почуствувана од многумина со желба никогаш да не се повтори. Приказна опевана и запишана низ жолтите страници на историјата на човештвото од самите почетоци, приказна зад која тлеела една и единствена желба, еден и единствен глас, вечна како и желбата да се чуе тој глас. Приказна со два извесни краја, понекогаш толку среќна а понекогаш и подеднакво тажна... краеви испишани во срцата на оние кои чекаат, кои чекале.

Јави ми се.

Јави ми се, твојот глас да ми даде живот, да ми даде смисла и желба да продолжам, да слушнам дека се е во ред, како некогаш порано, како што некогаш беше, јави се да ми кажеш дека повторно исто ќе биде.
 
Јави ми се- циклус непратени писменца

5 Август 2002 ,04:32

Малечка,те видов денес во супермаркетот.Тргна накај одделот со корнфлекс но откако го виде мојот грд лик побрза од другата страна. Го видов тоа да,иако бев свртен кон рафтот соочувајќи се со мојот најголем проблем...
Со чоколадно полнење или не.
Сакаш да ги скриеш тие прекрасни очиња зад рафтот со конзерви,ах не мила. Знаеш,јас можам од километар да ги познаам твоите штикли како невешто тупотат по калдрмата ,дури го имам пресметано и времето кое изминува во рок од еден твој...хм,штиклотрес,да? Хах. Јас и мојата невротичност.
Си го сменила парфемот. Не ми се допаѓаат овие твои цветни ноти,опиумот подобро ти стоеше.Многу нешта се променија откако замина малечка. Јас добив уште неколку бели влакна на косата,ти си станала малку потромава,но верувам дека сеуште би била секси кога би ја облекла мојава бела кошула и крадешкум би земала од корнфлексот во фотељата и така само на кошулка би го пуштила Синатра сонувајќи за Њујорк во распаднатиот стан на осми со расипано вц казанче.
Веќе го наѕирам сонцето,и се прашувам- дали утрово ако повторно отидам во истиот супермаркет би те видел пак? Едвај чекам да дојде 8 и 45...

7 Август,истата година,5:00
Будало од моја страна што очекувам повторно да те најдам низ рафтовите во супермаркетот. Која логика е тоа повторно да те најдам во истото време на истото место,со истата разлетана коса и напудрено лице. Сигурно си била на поминување. Дури и проверив да не си се преселила случајно во соседствово.Прости,проклетово жешко време мора сигурно да ми удрило во мозоков.
Колку поминаа,5 години? Мислевме дека ќе биде крај на светот нели? За моја штета,сеуште постојам. Ебано постојам. Чудно стои зборот ебано во роковников. Беспрекорен економист со сите одлики уфрли вишок мастило низ редовите.
Скоро се чувствувам како да сум изгубил невиност.

8 август,2002. Многу доцна.

Се зближив со тебе низ редчињава знаеш,толку зборови ти немам кажано ни во живо. Не можам да те извадам од глава деновиве,постојано те гледам,во ходникот,на столот,во мојот кревет...каде што спиеше сама,а јас спиев на софата...овојпат ти спиеш до мене...можев да го искористам тој момент,ти беше накисната и само бараше засолниште од бурата и топла храна,а јас се најдов во влезот на зградата,и како совесен граѓанин те примив да преноќиш...да,разведен совесен граѓанин со проблематично дете и бивша жена која се пали на тинејџерски бицепс.

Си ја заборави автобуската карта. Но не знам како да ти ја дадам,иако сега најверојатно нема да можеш да ја употребиш,логично да. Се надевав ќе ти послужи мојата ''визит картичка'' испишана на парче дневен весник,за било што,некогаш...
П.С- што побогу сум сакал да постигнам со напишаното на 5ти? да се убедам сам себе дека сум мачо мен...?Подобро да се напијам од лекот.


13 август,2002. 07:00
Те сонував,не знам зошто. Бараше помош од мене,ми велеше да ти помогнам,но се разбудив. Зошто се разбудив?Зошто сонот не ми дозволи бар на сон да те допрам? Да почувствувам како трепериш покрај овој странец кој очигледно се претвори во твој ангел чувар...а ти дури не го знаеш ни неговото целосно име.
Ќе полудам.

15 август,2002. 00:02
Беше во весник денес. Меѓу последните страници. Те поздравиле доста. Сега знам како се викала мајка ти,син ти...твојот сопруг.
Бар ќе имам твоја слика кога сеќавањето ќе обледне. Ако некогаш обледне. Чувстувам длабока тапост,гнев што...што не можев да те заштитам,малечка.Не доживеав да ме побараш ,да затреперам како пубертетлија.

не можеш да ми се јавиш,јас ќе те побарам...имам свој начин.
 
Знам дека знаеш за што зборувам, но погледни со мои очи... Од друг агол...
 
Од друг агол
Нештото кое никогаш нема да го преболам целосно, се наоѓа на првиот мезос под кожата, верно затскриено во сигурноста на невидливото и чека... Кога ќе зоврие тоа нешто, излегува на површината покрај влакненцата на рацете, го вкочанува директно мастилото од перото и умира. Ако еднаш верував дека е последица на „лошиот ден“, сега го поврзувам со неинспиративноста на другите, со нивните испарени мисловни добра, фрустрации кои ги перат врз мојата кожа со детергентот наречен авторитет.
Како е од другата страна? Аголот на строгоста е слеп, а најголемата острина му е еден степен. Во таквиот, единствено ти останува да ослепиш, да не гледаш, да си ја загубиш волјата, харизмата... Да сакаш да кажеш нешто, а да немаш израз на лицето кој тоа ќе го опишува. Да си блед. Така е од другата страна.
 
Такви сме.Никакви.Зајадливи, заслепени,занесени и преоптеретени од лажниот блескав сјај.Невнимателни за нашите коментари и забелешки, необзирни за тоа што предизвикуваат кај другите.
Осудуваме и пресудуваме.Дали е исправна пресудата и не е така важно.
Бидејќи нели сите ние сме добри психоаналитичари и добро знаеме да навлеземе во суштината и сржта на секоја индивидуа која е околу нас.Сезнајковци.
Знаеме зошто комшиите денеска јадат месо-први мина па земале плата.
Детето на улицата никогаш не е прибрано дома-срам да им е на родителите
Таа се враќа со насолзени очи-сигурно ја отпуштиле од работа...
И така до недоглед.
Драги мои никогаш нема да дознаете што се случува во животите на другите.
Дури и да знаете не можете да осудувате, бар не додека не ги облечете нивните чевли и зачекорите по нивниот пат и ги погледнете работите од друг агол, од нивниот агол.Не можете да знаете како им е во нивните грешни души и незрели глави.
Потребни се светлосни години да се сфати, спознае и прифати ова.
А до тогаш бар зафатете друг агол на прозорецот додека озборувате и осудувате...
 
Секогаш започнува со другарство. Никогаш не можеш да знаеш што ќе се случи во иднина. Секогаш е непланирано.
Двајцата ја сакавме спонтаноста. Се пронајдов во тебе. Ми помогна толку. Се покажа како совршен. Толку брзо ти се препуштив, толку интензивно започнавме со дружење..
Те гледав со очите на другарството. Не можев повеќе.
Побарав да ме гледаш како јас тебе.. разбрав дека чувствуваше нешто повеќе. И самата почувствував.
Ноќта кога ми кажа се.. тоа изгледаше толку слатко. Но, јас бев многу повредена. Како свежо ранета срна.
И сеуште ..неспремна за врска, неспремна за љубов. Се лишував за сечие добро..и сеуште. Симпатија кон некого не е доволна. Се беше само симпатија.
Го испочитував тоа. Реков дека е во ред.. и беше. Се гледавме другарски и натаму, како ништо да не се случило. Да. Вистина се гледавме, иако знаев се.
Но, во прегратката чувствував нешто повеќе. Навистина гаев надеж во себе дека еден ден ќе разбереш. Знаев дека ќе заврши лошо ако продолжевме со наредниот степен на нашето дружење.
Лесно се приврзав, не сакав да те загубам, а тоа секако се случи.. вака или онака.. сеедно. Не сакав никако да те повредам. Ете тука сме сега.
Оној момент до кога барав да престанеш со упорноста, сфатив уште нешто.. Тоа не беше вистинското за кое ти зборуваше. Не беше вистинското, љубов која се случува еднаш во животот. Не.. не изгледаше така.
Причина плус која ме спречуваше да започнам нешто повеќе.
А како да биде..? Премногу брзо заборави се и се впушти во нешто друго. Го докажа спротивното и дури ми го посочи како сопствена пофалба. А кога ќе помислам дека до вчера тие зборови беа упатени кон мене.. И тоа индиректно. Ме натера да видам човек кој го немав запознаено дотогаш. Не те препознав.
Но, бев среќна за тебе. Ти честитав од се срце и бев искрено радосна. Ќе ја споделуваше својата среќа со мене, ќе заборавеше на она што си ми го рекол и така ќе продолжевме натаму со нашето другарство. Но, дали е доцна веќе?
До кој степен стигнавме да се набљудуваме во облик на stalkers еден со друг и да донесуваме глупави заклучоци.. Да, можеби грешам и прости ми. Но, работата ја погледнав од друг агол. Овде бев јас, а онаму и другите покрај мене. Онака преку ноќ се смени `се. Првин беше на тест кој не го помина успешно, а сега и ова ми докажа..
Можеби беше само од инат, но дефинитивно јас не бев лажгата во случајот.
Навистина немав време за идните излегувања.. а штета. Ако имав, можеби ќе добиев прилика лично за да ти го кажам ова.
Којзнае како ќе разбереш, но работите стојат така. И воопшто не ми е грижа што ќе помислиш..било вистина или не.
Можеби си гневен. Двајцата направивме грешки.. но, ти почна прв..
Траги? Јас не сум никаков криминалец.
Но, ако.. Повторно е во ред.
Ако завршуваме вака, just let me know. На начин како што те запознав..така и ќе заминам.
 
Од друг агол...

Омраза, сивило, оговарање, кодошење... кукање... Да, ова е нашата сива реалност. Да, овде сите кукаме и го колнеме Балканот. Го мразиме овој полуостров кој некогаш изгледа дека е заборавен од се, го плукаме менталитетот, го плукаме народот кој живее тука, плукаме по се. А многу луѓе забораваат дека и тие се дел од тој менталитет. Не можеш да бегаш од тоа што си, ако плукаш по луѓето, плукаш по самиот себе. Да, сите мислиме дека сме поразлични и дека немаме ништо балканско, дека сме европски луѓе... но дали е тоа навистина така? Не можеш да бегаш од Балканот. Тој ќе те фати и ќе го извади најлошото од тебе каде и се наоѓаш. Балканот е секогаш чекор пред тебе. Балканот е Балкан. Уникат. Само на Балканот луѓето се колат меѓу себе преку ден, а навечер заедно се пијанат во кафани до зори. Само на Балканот секој со секого може во исто време да биде и душман и брат.
И јас некогаш плукам, се нервирам, знам дека не е совршен, се прашувам што ќе беше да се родев на место каде нема да се преокупирам со секакви глупости како што е случајот тука... а сепак, кога ќе погледнам од друг агол... на Балканот луѓето можеби немаат многу, ама знаат добро како да го искористат она малку што го имаат. На Балканот луѓето знаат како да се забавуваат, младите го живеат животот со полни гради и навистина ја ценат вредноста на фамилијата, пријателството. Не бегаат од дома на 18 години, не губат контакт со своите, не се хендикепираат емоционално. Не се однесуваат како роботи, имаат вишок на топлина и љубов во себе. Импулсивни се, емоционални, се сфаќаат трагично... ама тоа значи дека чувствуваат. Не се ладни копилиња... Да, секој го пика носот во туѓите работи, ама во исто време се грижат за блиските. Да, сеирот е неподнослив на моменти, ама ако падне некој ќе има и некој да му помогне да стане. Тоа го нема во Европа, го нема на Запад.
Жалосно е што и Балканот почнува да поприма работи од Запад. Се примаат некои непотребни вредности....
И каков и да е, колку и да има негативности. Балканот е Балкан и секогаш ќе го гледам од другиот агол... поубавиот. Оној кој вреди. Можеби не изгледа секогаш така, ама и Балканот си ги има своите светли моменти. Само треба убаво да ги отвориме очите и за момент да се тргнеме од точката од која ги гледаме работите.
И многу работи не знам, ама во едно сум сигурна... каде и да одам, на крајот секогаш ќе завршам тука, каде што навистина припаѓам и каде се започна...и тука и се ќе заврши.
 
Од друг агол...


Љубовта е одмазда, склупчена во темен ќош, која што се надева на нејзиниот момент за да се покаже на светлина во нејзината маестрална величенственост.Љубовта е емоционална проститутка која што се продава во име и чест на чистотата, љубовта е гревот кој што сите го простуваат и разбираат.Љубовта е хумана, чувство на топло чоколадо додека снегот го заледува телото, љубовта постои за да се искуси и да се изгуби, таа е деструктивна клетка која што пораснала како последица на хемиска компликација.Сликовница преточена во Библија и илјада романи.​


The Lovers
Love affairs.Romance building again within marriage.Relationship.Relatives.Loving relationship you could share with a friend.

Ангел со жешко црвени крилја, облечен во сатенска наметка се досадува на престолот, додека ги гледа младите души кои што сеуште не го заслужиле небото и просветлувањето, како се борат за она што мислат дека ќе ги воскресне.Расположен и весел од дејствието на благата амброзија ја гали куглата која што ја спасил од пеколот за да му служи како огледало, рефлексија на духовите што шетаат по земјата.Дефиницијата за љубовниците почнала да му станува одвратна после толку столетија, римска и хеленска култура изградена врз коските на епиклерата, страста треба да се осуди и да се протера кај Титаните или човечноста треба да доживее нова ренесанса.

Мајка со три деца која што работи во Црвен Крст, волонтира во сите големи општествени настани, секогаш совршено облечена, насмевната и полна со самодоверба и контрола.Заљубена во нејзиниот сопруг како средношколка, водат љубов како првиот пат во неговата куќа кога останале сами по немарност на свекорот и свекрвата.Му ги пегла пантолоните и кошулите и му ја средува косата, готви секој ден по два пати, никогаш она што тој не го одобрува и му простува кога ќе претера со виното затоа што тој работи напорно и не може да се одмори како што би требало да може.А кога на големиот дрвен часовник ќе чукне 10’30 таа излегува од дома облечена како дама со црвена долна облека.Влегува во колата и се упатува кон соседната улица, парикира пред зградата за која што секогаш коментирала дека е грозно здание во таква убава населба и се качува по скалите за да застане пред вратата бр.12.Внатре ја чека момче не постаро од нејзиниот најстар син со каубојска шапка на неговиот полов орган кој што таа галантно се одлучува дека треба да го стави во уста.
Зарем тоа не е љубов?

Девојка на 17 години бремена од човек кој што и ветува брак и добра иднина, всушност венчан со својата втора братучетка чија фамилијарна историја ветувала многу пари на банковна сметка.Брат очајно заљубен во својата сестра која што има блага ретардација и може секојдневно да ја силува затоа што нема да биде осуден кога таа не знае да зборува.Психопат кој што ги убил сите бивши девојки затоа што пенисот не му се кревал на живо тело, некрофил во плакар.Татко кој што ја силува ќерката, папа кој што силува малечки момчиња, жена што му го одгризала на сопствениот маж, маж кој што ја продал својата жена.Толку различни варијации на поимот љубов, како ангелите да не се досадуваат кога виделе што се љубовта може, изворот на сите (материјални) добра.

The Sun
Marriage.Happiness and bright prospects.


Пехар кренат високо кон небото за да се прослави спојувањето на овие две личности во света заедница.
Таа: Кога имала две годинки татко и ја напуштил светата заедница и ја оставил да расте сама со мајка која што имала невротични проблеми.Никогаш не била вистински прифатена од училиштето во кое одела и другите деца сакале да и лепат мастики во косата.Мајка и и ја прешивала истата облека дури и кога веќе и била мала.Сестра и ја тепала секогаш кога имала можност затоа што била постара од неа.Во средно професорите не ја приметувале доволно за да и дадат можност да ги покаже своите потенцијали, па затоа набрзо се откажала и почнала да работи како келнерка во локалот во кој се дружеле старите „пријатели“.Кога го запознала него тој бил обичен готвач кој што не заработувал доволно за себе а не за некој друг.По 5 години макотрпна работа и вложувајќи ги сите свои пари во неговото дообразување во кулинарската кариера тој успеал да се вработи во елитни расторани и да ја побара за жена.Нејзината бајка е прекрасна, со убав крај.
Тој: Ја изневерува со сестра и.​

3 of Swords
Deception.Frustration.Jealousy.Broken heart.

Љубов?
Зарем не е вистинска и чиста само кога болката се вгнездува во сржта на битието или и тогаш е помешана со фрустрација, омраза и тешка љубомора поткрепена со завист на туѓата среќа.
Љубов, изворот на сите зла.
Од друг агол ... лицето на љубовта, човекот, не е толку пластично убаво.​
 
Кога гледаш во моите очи што можеш да видиш??

Празна душа ,незначаен поглед, колоритна фасада во црно-бел свет, зеница којашто те избегнува...

Кога гледаш во мене што можеш да видиш?

Девојка која која очигледно заборава да спие,забрзаност, мистерија несовладливост,неоткриена среќа, ненападност....

Кога гледаш низ мене што можеш да видиш?

Апсолутно ништо,не можеш низ мене ....

Од друг агол.....
Ќе ме погледнеш во моите очи и ќе ја видиш твојата иднина ,онаа која неминовно го брише виртуелниот свет онаа во која нема место за мсн,онаа која не е лајкната на фејсбук и за која нема страница или група ...Онаа во која физичкиот контакт е денес,вчера и утре,онаа иднина каде сеуште може од некој агол да ја слушне ,,Кучето мое,, да изигра шах, да шета макар и по дождот, да пие и кога не и се пие.... Ќе ја слушнеш онаму каде што се смее ,кај што плаче,кај што вистински живее...
Од другиот агол ќе ја видиш среќата ,надвор од виртуелноста ,надвор од хаосот и од бироата,некаде на аголот на мостот на езерцето во парк,некој ги гледа облаците...

И го чека снегот и тебе...
 
На аголот кај Менковци... сега градат нова десеткатница. Од едната страна сеуште е бучниот булевар а од другата едно до друго како цвеќари пред гробишта има три спортски обложувалници, накитени со сите реклами како вистински претставници на портите на емотивниот и интелектуалниот пекол на земјата. Токму од спротива, по линија на ќошето каде сега се гради, веќе пред нецела година се издигна спектакуларно здание кое во моментов е поткрепено со оние прозорци низ кои тешко се ѕирка внатре но од таму со леснотија може да се види надвор. Пред влезот под греалката момче кое штотуку нагазило во третата деценија лежерно повлекува дим од цигарата и разговара смирено со соговорникот преку мобилен телефон не трудејќи се воопшто да ја сокрие својата незаинтересираност. Се чини дека разговара со неговата параноична девојка која од другата страна му се заканува на најразличен начин, го уценува, но тој сеуште нема проблем со секој нејзин збор, веројатно заради тревките кои делуваат фантастично во моментот. Во еден момент го спушта телефонот и го држи подолго соодветното копче за да го исклучи комплетно, притоа гледајќи полузагубено во светиот храм од спротива со поглед кој вели дека ги разбира нештата. Со другата рака смирено повелкува уште еден последен пат од цигарата замижувајќи слабо со очите. Потоа умешно и долго ја гаси од високиот пепелник додека го испушта димот. Влегува како да не се случило ништо и ја бакнува девојката загледана во преносниот компјутер како тој да е нејзиниот месија што ќе и ја објасни смислата на животот.

На семафорот за пешаци упорно свети црвено светло. Тоа е истата крстосница преку која пушачот од пред малку гледаше кон црквата. Друго момче неколку години постаро од последниот лик стои умно пред пешачкиот премин со надеж дека зеленото светло ќе се појави. Се лаже. Решава да мине на црвено но веднаш од спротива тоа го забележува полицаецот кој веднаш е спремен да му напише казна за непочитување на правилата. Момчето се обидува да му објасни, но како според секој Марфиев закон наеднаш зеленото светло работи. Убедувањето е залудно, тоа го знаат и двајцата. Пешакот ги става рацете во џебовите и промрдува внатре со прстите како да се труди да најде нешто, било што... смирено чека господинот во сино да ја запише казната и да замине.

Седнат на терасата на петтиот кат веднаш зад кафулето со модерни прозорци вакви случки ме допираат од прилика колку и комарците среде февруари, воопшто. Што ли да правам кога ми е гајле за овие луѓе, денес јас сум масивна црна дупка без агли, и само една мисла ми е надвисната, мисла која светот не ја знае, не ја разбира, а уште помалку сака да ја прифати и отстрани... за мене, за моја полза, за моја конечна среќа и уживање. Мх... седни, навали се. Уживај со мене само во држењето за раце, зашто денес од мене нема да добиеш ништо повеќе од одобрување за своите грозотии. Дефектен сум ко и ти.
 
Прозорците беа отворени постојано, вревата која допираше од надвор, продираше длабоко во душата и го пореметуваше внатрешниот мир. Но овој немир всушност наговестуваше нешто друго, различно од осаменоста која се јавува одкако ќе продрат тие звуци доцна во ноќта...

Сончево утро кое изнудуваше насмевка на многу лица. Онаа мала искривена црта, која знае да исправи многу нешта... Ретко колективно природна, но доволна за вакви денови да принудат да се извалка образот на улиците. Овој ден фасцинираше токму заради изобилството на природност кој толку ретко го гледаше девојката од соседството. Застаната на прозорецот ја набљудуваше магијата што ја создаваше токму онаа жолта точка која полека се издигнуваше на небесата. Сакаше да ужива подолго, да ја набљудува планината која го попречуваше нејзиниот видик, а истовремено и будеше поттик да фантазира таму негде зад хоризонтот....Најверојатно уште една планина.. секогаш ја пресекуваше оваа мисла и ја одвраќаше, но се надеваше ќе дознае еден ден со секој упатен поглед. Денес има толку многу обврски, а толку малку време за задоволство. Ова беше едно од тие... Колку пати ја имаше помислено реченицата и изговорено " ќе бидам среќна кога...." Дали ? Дали е потребно да се постигне само таа состојба или и да се задржи ? Списокот ја чекаше со внимателно одбрани намирници, нејзините желби и каприци за вкусот ставени на парче хартија.
Замина во маркет да ги исполни, со тоа ќе го задоволи својот апетит и делумно ќе ја постигне таа состојба. На излегување, од другиот агол на сивата зграда, која ја нагризуваше забот на времето, ја пресретна мало девојче, со валкан образ и искинати алишта. Со крупни исплашени сини очи и поглед кој прелетува од човек на човек. Плашејќи се и се доближи и срамежливо ја замоли за парче леб. Девојката успеа да измакне од својот џеб неколку ситни пари и да ги стави во нејзинито раче. Парталовото девојче ја подигна својата глава и тивко изусти благодарам. Замина да ја задоволи својата потреба, не своите желби и каприци. Девојката остана неколку моменти на паркингот и размислуваше, станувајќи свесна за дедото кој со својот бастум се движеше полека и беше сведок на ситуацијата од пред неколку моменти. На неговото одобрување и насмевката која се озрачи на неговото збрчкано лице... Со лесен чекор се упати кон својот дом, но мислата не можеше да ја исфрли од својата глава и покрај убавините кои ги нудеше неуморно денот.

Размислуваше за моменталната среќа на ова мало девојче, за старецот во кој сеуште тлееше надеж за хуманост меѓу младата генерација, за својата среќа по која бесконечно трага и се труди да ја постигне. Зошто овој мал гест од неколку ситни парички ја засени и ја исполни повеќе од нејзините желби и каприци кои ги претвори во реалност? Дали е затоа што ја доби благодарноста и наклонетоста на овие двајца случајни минувачи ? Или можеби треба таа да им изрази благодарност за состојбата која случајно и ја овозможија ? Велат да си благодарен значи да си задоволен од тоа што го поседуваш и од тоа што си во моментот. Нивната благодарност ја облагороди девојкатата и за момент ја понесе со оптимистички чувства, затоа што тие двајца беа концентрирани врз сегашниот миг и мисла за реализирање на своите намери.
 
"Од друг агол"

Ги ставам своите темно- розови очила и излегувам. Решена сум да пешачам до крајот на светот. Не, не зедов куфер, што ќе ми е? Одам на долго патување, на кое нема застој, нема одмор.
Зачекорив по калдрмата опуштена, ослободена од сите чувства, мисли, предрасуди и очекувања. Храбро и одлучно се движам. Не гледам наоколу, не разговарам со никој, немам никакви потреби. Освен да одам напред, кон непознатото, кон бескрајот. Ја пишувам сопствената ода на бесконечноста. Го оставив целиот свој живот зад мене и тргнав во потрага по нов. Одам во пресрет на иднината искушувана од опасностите на патот.
Ветрот ме удира и ме гали наизменично. Ми се вовлекува под фустанот и ме гали...ах колку пријатно чувство.
Мојата калдрма по која одев, веќе се претвори во шумска патека. Тесна и едвај проодна. Некаде на таа патека ме пресретнаа волци. Не се исплашив, не застанав. Ништо не е толку страшно како што изгледа. Излегов на отворено. Автопат со неколку ленти, автомобилите летаат, возачите ме предупредуваат да внимавам. А јас како ништо да не постои...одам, чекорам. Автопатот се стеснува во селски, прашлив пат. Почнува да паѓа дожд и правта се претвора во кал. Ми се валкаат чевлите. Веќе на следниот крстопат изгреа сонцето. Ох, подобро е.
Се чувствувам изморена, сакам да прилегнам. А не, не, решив нема одмор. Се втурнав во пресрет на иднината и морам што побргу да стигнам до неа. Но, што ме чека таму, на крајот од патот? Нов живот? Нов почеток? Навидум мојата одлука да тргнам на ова патување беше нелогична, апсурдна...ама важно ми беше само да тргнам некаде, да излезам од сопствениот шаблонизам и да го ослободам духот.
Дишам длабоко. Гледам втренчено пред мене во едноличниот предел. Ме привлекува далечината кон која се стремам, ме одржува неизвесноста. Таа ми е единствениот патоказ. Се надевам ќе се сретнам со мојот живот. Пред да тргнам, јас и мојот живот бевме две паралелни линии, со огромен простор меѓу нас, кој никако не можев да го преминам. Математички пресметано паралелните линии се вкрстуваат некаде во бесконечноста. Затоа јас тргнав да го најдам бескрајот.
На тој мој пат јас созреав, се соочив со многу нешта, открив многу работи за себе. И се запрашав: "Која сум јас"? "Што сум јас"? Јас сум жедна за живот; вечен оптимист; трагач по вистината.
Во туѓите очи јас сум можеби само изгубен патник, обичен смртник што еден ден ќе исчезне. Но, тие гледаат од поинаков, од свој агол. Моите и нивните гледишта се разидуваат. И не ми е гајле, зашто јас чекорам, се движам, уживам. Немам сигурност, но имам визија. Имам сон. И го следам. Свесна дека мојот пат ќе заврши можеби неочекувано, дека можеби нема да го најдам животот и нема да си го остварам сонот, но зарем е тоа важно?!
Важно е само да бидам среќна. А среќата не е дестинација што треба да се достигне, туку начин на патување. Гледано се разбира од мој агол. И не ми паѓа на памет да го прекинам својот пат и да се вратам онаму каде што бев, во сигурното и заштитено гнездо. Би било лудост.
Застанувам само за миг, колку да земам здив...и продолжувам безмилосно да го газам тлото под моите нозе.
 
И кога последните капки се расплиснуваа по моето лице се сетив на тој тажен звук од минатото. Срцето и онака се корнеше од болка сакајќи да ги собере сите свои сили и да продолжи понатаму, но нешто фалеше.. Да.. Се присетувам тоа беше сјајот на очите кои милно се криеа во браздите на мојата испиена душа, уморна за да се згрее од сопствениот порив и така неврзана сакаше да избега од својот ковчег. Некаде далеку во бескрајот, можеби и подалеку. Сакаше да се сплоти во минатото но да остане во сегашноста. Уште еднаш да ги почуствува тие раце обвиени околу неа, а тие сега лежеа ладно-безживотно, просто неверојатно мирно.. Додека се соочував со тој миг поминаа векови можеби и милениуми, остарев неповратно и ја загубив онаа децка искра во моето срце кое сега како бесшумно да го крадеше својот последен здив сакајќи да крикне и да летне.
И додека се искрадуваше тој кобен час, помина време и еве сум тука пред вас. И најголемата тага е недоволна и бескрајната радост не е бесконечна. И се тече по хаотичен редослед нижејќи ги бисерите на својот прашлив конец. И кога се изгледа бесмислено и во очај подаја раката кон животот без почит. Изгуби го срамот во своите жили и грабни го животот со своите сили. Да не бев јас во тој студен час ќе мислев дека тоа е крајот за мојот спас, но ќе кажам дека секоја скриена просторија во моето срце има повеќе агли, па затоа ги исполнив просториите со тага или срејќа за да нема место ни да се запали свеќа. Немаше да бидам тоа јас додека не го видов другиот агол во тој час.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom