Јави ми се...
5 години веќе живееше во Лондон, 5 години градеше успешна кариера, имаше стабилен и убав живот, солидна плата. На моменти ја мачеше носталгија, но знаеше дека тоа е цената која требаше да ја плати за да го оствари својот сон. И недостигаа сите пријатели, фамилијата, омилените кафулиња, но постојано се храбреше дека треба да издржи уште малку, уште само малку... Ги броеше секундите, минутите, часовите, деновите... додека да се врати дома. Ја обожаваше Англија, таа си имаше посебен дух, посебен шмек, но копнееше по своето Скопје, по својата Македонија.
Дојде и тој магичен ден, дојде денот Д. Денот кога по 5 години, ќе ги види сите што и значат, сите што ги сака, денот кога повторно ќе го почувствува загадениот скопски воздух. Додека ги пакуваше своите работи, облеката во својот ормар случајно пронајде една кутија во која имаше оставено некои ситници кои не и беа потребни. Се сепна кога го виде белото плико внатре... Страв и беше да го допре, 5 години поминаа, а таа сосема заборави на тоа писмо. Или сакаше да заборави, сеедно. А сега е пред неа. Го немаше ни отворено. Не знаеше ни што пишува, беше полна со горчина кога и го даде молчејќи, па не сакаше тогаш ни да знае што пишува. Реши дека сепак треба да го прочита, реши дека нема да биде мирна, дека нема да се врати дома со чисто и спокојно срце. Можеби половина час седеше со писмото во рака, треперејќи и полека го отвори пликот и почна да го чита писмото:
“ Знам, добро знам дека згрешив, знам дека не требаше да го направам тоа, знам дека погрешив, но исто толку добро ја познавам твојата гордост и знам дека ниедно мое извини, ниедно мое преколнување нема да те премисли да ми простиш... Само знај дека навистина те сакам, навистина ми значиш. А за грешките, па сите сме луѓе, сите грешиме, запамти и дека ни ти не си совршена и покрај тоа што мислиш дека живееш во совршен свет, бегаш од се, се плашиш од се...
И не, не сакам да те изреволтирам повеќе, не сакам да те навредам, напротив, не знам ни дали некогаш ќе го прочиташ ова писмо, само сакам да ти кажам дека секогаш ќе те сакам, секогаш ќе бидеш дел од мене, ако си отидеш од мојот живот, со тебе ќе си оди и еден огромен дел од мене.
Ти посакувам среќен пат, се надевам дека во Лондон ќе ја пронајдеш својата среќа, знам дека работеше и се трудеше за ова и тоа беше твојата цел. Ти ја посакувам целата среќа на светов.
И... ако некогаш... иако во моментов ми изгледа невозможно... ако некогаш, посакаш да бидеме заедно, ако некогаш твоето срце се реши да ми прости... само јави ми се. Само подигни ја слушалката.
Јави ми се. Ќе те чекам.
Тука сум. Не одам никаде.
Те сакам.
Јави ми се. Те молам.“
Почна да плаче. Нормално, по толку време, излезе дека се уште има чувства, не и се веруваше во ова што го чита. И тоа токму на денот на нејзиното враќање во Македонија.
- Добро, зошто? Зошто морал да ги напише тие зборови? Што сака? И самиот знае дека нема да му простам, не сакам, не смеам, не можам... - размислуваше на глас.
Но, немаше многу простор за размислување, затоа што таксито веќе ја чекаше. Влезе, беше толку многу вознемирена, не знаеше ни дали сака да се качи на тој проклет авион, не знаеше повеќе ништо.Беше лута на себе, како можеше да си дозволи едно писмо старо толку време да ја повреди ПОВТОРНО?
Додека вака размислуваше, ги прекина мислите, затоа што време беше да се качи во авионот.
Додека траеше патувањето, проба да заспие, но не можеше, не можеше, ја мачеше проклетото писмо, неговите проклети магични зборови, на кои секогаш паѓаше. Секогаш, одново и одново.
А памети како и го даде писмото. Толку беше повредена, разочарана, никогаш никој претходно и го немаше така скршено срцето. Ја следеше еден ден накај дома и таа не му правеше муабет, он пробуваше да ја сопре, да и го привлече вниманието, но таа беше одлучна дека не сака да прави муабет и само ја сопре и го бутна писмото во рака и си замина. Не и рече ништо. Знаеше дека нема смисла. Таа само го држеше и кога дојде дома го бутна во кутијата со непотребни ситници кои можеби ќе и притребаат во Лондон. Но си вети дека нема да го отвори. Премногу беше разочарана, реши дека не сака никаков контакт.
А сега, сега што? Сега откако го прочита почна да се преиспитува себе, почна да ја гризе совеста дека можеби гордоста премногу преовлада над неа... И последните зборови од писмото постојано и се вртеа во глава... Јави ми се. Ќе те чекам. Тука сум. Не одам никаде.
Те сакам. Јави ми се. Те молам. А како да му се јави? Како? Не може туку така, не е тоа толку лесно. Не може туку така да му признае дека проклето и недостига и дека и таа се уште го сака него. Или може, но гордоста не и дозволува?
Заробена во мислите, сонот ја преовлада и се разбуди веќе кога стигнаа на скопскиот аеродром. Поминувајќи ги сите тие процедури, излезе надвор каде што ја чекаа сите. Нејзините, другарите и другарките... сите, освен оној со кој беше окупирана за време на целиот пат. Па нормално дека нема да биде, кога чека да му се јавам јас, си помисли и сепак славеше со останатите за тоа што се врати. Вечерта беа сите заедно во кафана, се потсетија на старите денови, кога беа млади и изгубени во просторот. За 5 години сите се промениле, кој нашол работа, кој се омажил... ништо не е како порано. Времето одлетало. Неколку дена поминаа, а таа не можеше се уште да верува дека е пак назад во нејзиното Скопје,а гордоста не и дозволуваше да му се јави на него
По традиционалниот семеен ручек, за да се одмори го зема дневниот весник да ги види денешните случувања...
...очаен крик се слушна од нејзината уста. Мајка и во паника дотрча до неа, а таа само зјапаше во една точка и не мрдаше...
- Што е? Што ти е? Што ти се случи? - ја праша.
Немаше одговор од нејзе. Само молчеше и солзи и течеа по образите.
Мајка и го забележа паднатиот весник и таа се стаписа кога ја прочита главната вест:
... Смртно застрелано момче во неговиот стан при обидот да се одбрани од провалниците...момчето живеело само веќе повеќе подолго време...
А до веста сликата од бившото момче на нејзината ќерка со кого се разделија пред да замине за Лондон.