Не си тука без причина, го знаеш тоа. Имаш цел зацртана пред тебе, да го убиеш оној господин со одвратен мирис и уште поужасен изглед кој мисли дека може да го скрие со раскошната облека. Пфф, па ми се гади од такви луѓе. И тебе, знам, ти се познава оној жар во очите кога ќе го спомнам.
Сигурно е болно да се присеќаш на таа сцена, но обиди се. Ти треба тоа за да ја разјасниш сликата и да си го олесниш патот кон неговото немо заминување. Ајде сега.. легни на каучот и затвори ги очите. Влези низ таа порта на горчливи спомени со грдо пакување, но остави ја отворена.
..Темно е, ти си во големиот ходник на старата куќа, но не можеш да го препознаеш. Не се плаши од тоа каде си, ниту од звуците на старата столица на тремот. Не е сега време за плашење. Ги гледаш скалите, пред тебе се, нели? Да, така, качувај се нагоре, но без шум. Токму на време. Не, не прави ништо. Остави нека гневот се насобере во твоето мало, чисто душиче. Остави да се извалка тоа бело платно со темните бои на изопачената реалност. Таа е.. добро го позна нејзиното тенко, детско гласче. Вика за помош, плаче и умира полека во себе додека нејзината бајка тргнува сосема погрешно. Каде си? Ах, онаму, позади вратата се криеш и ти од енормната сенка која ја покрива неа..
Однатре распарана, засекогаш обележана таа ќе продолжи да живее до некаде нормален живот, туркајќи ја сликата од таа вечер во што потесно катче од нејзината меморија.
Одмазди ја. Таа е слаба, секогаш зависна од некој, не може. Но, ти можеш. Направи го тоа, за неа.
Но, колку е за неа, толку е и за тебе. Колку години те јаде она чувство на вина што не се тргна од ќошето во кое се криеше, што не викна некој на помош, што остави само да гледаш како таа страда во грубите и суви машки раце без да направиш ништо? Уште полошо, знаеш и самиот колку си себичен, како и тогаш, така и сега. Не е таа главната причина. Ти текнува ли кога ја сретна и и' го кажа токму овој план, а таа те молеше, те преколнуваше да не го правиш тоа, затоа што тоа е нешто што било и поминало и не може ништо да го промени тоа? И што направи ти сега.. повторно се сврте кон себе и одлучи да не го промениш својот пат.
Тап удар, тресок, крв. Зарем е готово?
Честитај си. Сега си нов човек, чист, без грижа на совест за минатото. Но.. каде е сегашноста, мил мој?
И на крајот.. дали воопшто ја разбра скриената порака во нејзините очи?