Морам да те корегирам, за да не биде погрешно сфатено од оние што планираат да започнат со овој бизнис - почетниците, она што погоре го напишав.
Целта на ФХ фирмите е да привлечат што повеќе клиенти и да ги задржат што е можно подолго затоа што профитираат од „ спредот“ кои им го нудат на своите клиенти без разлика дали клиентите се профитабилни или не. Значи имаат сигурна заработка врз основа на секоја трансакција која ја остваруваат нивните клиенти. Но исто така сакаат да ги привлечат и ситните клиенти ( оние кои отвораат ФХ сметки од по 100 евра), иако знаат дека тие брзо ќе „изгорат“ на ФХ пазарот. Ова за нив е исто така профитабилно, затоа што секој ден во светот се отвораат милиони вакви сметки од по 100 евра од почетници кои сакаат да се опробаат во овој бизнис, за да после краток период (најчесто за неколку дена) банкротираат. За ФХ фирмите ова се чисти пари затоа што трансакциите од овие клиенти најчесто и не влегуваат на светската берза на валути. Затоа се служат со разни финти и реклами, нереални ветувања за да ги привлечат ваквите клиенти во што поголем број.
Невозможно е со сметка од 100 евра да направиш ниту 4-5 евра на крајот од месецот! Тоа е тешка задача дури и да се работи за искусен ФХ трговец со долгогодишно искуство на ФХ берзата, затоа што се работи за преголем ризик.
Во ФХ берзата, со трговија на валути правиш профит - купуваш ефтино, продаваш скапо. Меѓутоа ниту најспособниот трејдер неможе точно да утврди кога цената на одредена валута го достигнала дното, односно е најефтина, за да од тој момент ја купува, или пак точно да ја утврди највисоката цена на одредена валута и тогаш да ја продава. Затоа, како што напишав во претходниот пост, сите, буквално сите трејдери во одреден момент влегуваат во негатива. Потоа чекаат, будно пратејќи ја фундаментална и техничка анализа, додека не се остварат нивните предвидувања за движењето на односната валута. Или пак ја затвораат отворената позиција ако понатамошниот тек на настаните се испоставило дека погрешиле односно дека односната валута нема да ја достигне посакуваната вредност, и на тој начин се штитат од понатамошни губитоци. И најспособниот трејдер има затворано и затвора многу позиции во негатива. Тоа е сосема нормално во тргувањето. Разликата меѓу успешениот и неуспешниот трејдер е во тоа што првиот има затворено повеќе позиции во позитива, односно остварува позитивно салдо.
Но за сето ова потребно е да имаш добро „искеширана“ сметка. Едноставно кажано, почетникот со неговата сметка од 100 евра, нема простор да „маневрира“. Можеш да бидеш сосема во право и правилно да одредиш дека на одредена валута ќе и паѓа вредноста и затоа одиш на sell, но поради Х причини вредноста на валутата и понатака почнува да расте и наеднаш забележуваш дека си во негатива која ја опфаќа половина од твојата сметка. Ги затвораш негативните позиции со цел да не ти изгори цела сметка. После неколку моменти вредноста на валутата почнува драстично да паѓа и се остварува твоето предвидување за движењето на односната валута. Но ти веќе ги имаш затворено во негатива твоите позиции, кои ако би ги оставил отворени уште кратко време, истите би ти донеле профит намест загуба. Во случајов ти воопшто не си крив, едноставно твојата сметка е премногу мала, а ти си се изложил на преголем ризик. Твојата сметка е толку мала што не може да ги издржи турбуленциите на пазарот. Ова е само еден пример од милионите можни на ФХ пазарот. Уште подобро можеш да ме сфатиш, ако отвориш Демо сметка од 100 евра и пробаш да освариш профит од барем 4-5 евра месечно како што напиша во твојот пост. Ама нема да ти дадат да отвориш толку мала Демо сметка. Зошто тогаш ќе се увериш дека она што ти го напишав погоре е вистина. Затоа и нудат Демо сметки со по 50000 или 100000 евра, бидејќи со толку пари е многу полесно да се направи профит и така ќе намамат лековерни клиенти.
Сепак, постои можност да отвориш сметка од 100 евра и со толку ниска сметка да имаш реални шанси за профит. Доколку најдиш фирма која нуди тргување со нано лот - 100 единици ( тоа се таканаречени вежбовни сметки, но тргуваш со реални пари и остваруваш реален профит), тогаш шансите за успех ти се еднакви како и да си отворил сметка од 1000 евра во фирма во која минимална сума на тргување е еден микро лот - 1000 единици. Ваквите вежбовни сметки овозможуваат отворање позиции во вредност од само 100 евра и можеш да оствариш профит и од само неколку центи. Нормално и ризикот е далеку помал. Јас пред неколку години имав отворено таква сметка во GO MARKETS, но егзекуцијата беше на многу ниско ниво. Сега ги укинаа таквите сметки.