Незаборавна забава со Тиесто
Настапот на овој светски диџеј овозможи Скопје да стане дел од светската клупска сцена и да го почувствува нејзиниот вкус
Холандскиот диџеј Тиесто, кој три пати беше прогласен за најдобар диџеј во светот, направи жур што долго ќе го паметат сите што во петокот беа во скопскиот клуб „Колосеум”. За жал, организаторот „Авалон продукција”, во последен момент одлучи наместо во „Метрополис арена”, да се одржи во „Колосеум”. Но, за среќа, тоа не ги онерасположи љубителите на електронската музика да се растрчаат низ Скопје за да стигнат навреме.
Тиесто зад диџејскиот пулт застана во еден часот по полноќ и одржа неколкучасовен сет. Покрај лентите од новиот албум „Елементс оф лајф”, одлично беше поддржан и стариот материјал, кој на публиката и' е веќе добро познат. Енергијата што циркулираше низ салата направи секоја нова нумера да биде поздравена со овации. Присутните, кои беа во неверојатно голем број, едноставно не можеа да здивнат.
Флуоросцентните стапчиња на технаџиите дадоа дополнителна енергија, која зрачеше од подиумот. Иако за минатиот концерт на Тиесто, кој се одржа пред две години на Скопско сајмиште, некои велеа дека тој ја добил најисплатливата публика, тинејџерите, овој пат меѓу присутните имаше многу повозрасни. Настапот на овој светски диџеј овозможи Скопје повторно да се доближи до светската клупска сцена и да го почувствува нејзиниот вкус, иако сме се' уште далеку од неа. Едноставно, атмосферата остана вжештена до крајот. Тиесто го посети Скопје во рамките на својата летна турнеја со која го промовира новиот албум „Елементс оф лајф”. Покрај тоа што потпишал договор дека нема да настапува пред помалку од 15.000 посетители, за македонската метропола направи исклучок.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=DCF8B6060D87C144844B116B899677B0