Океј, it's on, The Killing.
На кратко можам да кажам дека ова беше совршено финале на една несовршена серија. Но, пред да преминам на последната епизода, и бидејќи до сега сум немал можност, да кажам збор-два за серијата како целина:
Во главно серијата ми се допадна бидејќи претставува големо отстапување од ваквиот cop-drama жанр. Реално гледано, сериите од типот на CSI, CIS, LAO:SVU наликуваат малку на научна фантастика, од аспект што им требаат само 40-тина минути (серија време, а не реално време) да решат случај, без оглед на тоа колку случајот е комплициран. На сметка на тоа, дејството понекогаш изгледа избрзано, има премногу коинциденции и недоволна разработка на главните ликови. Што се однесува пак до споредните, тие се секогаш потрошна роба. Оние луѓе погодени од трагедијата се маргинализирани, нивните животи се од корен променети, но гледачот не може да ги забележи нивните страдања.
Она што го сметам можеби за најјаката страна на The Killing е токму тоа што фамилијата на жртвата постојано беше тука некаде, понекогаш и во преден план. Тоа е тој аспект кој серијата ја правеше толку реална, пристапна, а поради тоа и потресна. Ваквите ликови беа детално разработени, нивните валкани алишта беа изнесени на површина. Овие луѓе со маани и' дадоа човечност на серијата.
Другото кое ми се допадна кај дотичната серија е мултидимензионалноста. Знам, траше долго, понекогаш беше претерано досадна и развлечена, но факт е дека за овие 26 епизоди имаше и динамика и разновидност. Особено ми се допадна 3во1 секментот во втора сезона. Односно, како паралелно се одвиваа дејства на трите места: сиромашниот кварт на фамилијата Ларсен, центарот на Сиетл, место на политичките турбуленции, и на крај, мистериозниот индијански остров. Контраст со кој се прикажува еден град и неговите три многу различни димензии.
Секако морам да ја спомнам и уникатната атмосфера на серијата, која мене потсеќа на филмовите од 50-тите. Дождот, тмурноста на градот, џемперите на Линден, канцелариите преплавени со кутии наместо со најнова технологија, излитените фрази на Холден (yo, watcha doin', man) на серијата и' даваа посебен шмек. Плус, и саундтракот кој особено во прва сезона значеше нешто, кој беше одраз на тензијата и на комплицираноста на случајот.
И за крај, извонредниот кастинг на актери кои личат на обични луѓе, баш како оние кои не опкружуваат. Главните ликови, како ретко во која друга ваква серија, се едноставно луѓе, луѓе со маани и пороци, ослободени од идеализации.
...мислев помалку ќе ми фати набројувањето на добрите страни на серијата, па како да се чини дека не оставив место за лошите. Сепак, бидејќи не верувам во девизата „За покојниот се' најдобро“ ќе оставам за друг пат да кажам кои беа мааните на серијата и според мене како можеа да направат феноменална приказна, наместо просечна. Што се однесува до финалето, и за тоа ќе дојде време, кога ќе може да се дискутира без споилери.