Хрватски телеком се откажува од оптика
Лути на одлуката на хрватските регулатори, од Т-ХТ најавија дека ќе ја стопираат инвестицијата во новата оптичка мрежа вредна преку 10 милијарди куни (над 1 милијарда евра) и сериозно ќе ја преиспитаат економската оправданост за воведување оптички пристапни технологии
Хрватската агенција за пошта и електронски комуникации (ХАКОМ) му забрани на Т-ХТ да ги спојува корисниците на оптика сè додека алтернативните оператори не можат барем шест месеци истата таа инфраструктура да ја купат од Хрватски телеком.
Првите луѓе на ХТ тврдат дека постапката не само што не е корисна за пазарот и крајните корисници, туку ќе има сосема спротивен ефект. Според нив, потребно е прво да се изгради оптичка инфраструктура до одреден степен на капацитетот, за да може истата да се регулира.
Освен тоа, ХАКОМ му забрани на ХТ и во наредните пет години да ја исклучува бакарната мрежа и онаму каде што ќе се изгради оптичката. Со оглед на тоа што ќе мора во исто време да управува и со бакарната и со оптичката инфраструктура, на Хрватски Телеком му се се зголемуваат трошоците.
“Додека не се изгради минимална количина на оптички пристапни мрежи, очекуваме регулаторната активност да се насочи само на постоечката бакарна мрежа а не на оптиката. Моментално сите услуги на крајните корисници можат да им се пружаат на бакарната мрежа и затоа не гледаме причина за регулирање на оптиката”,
гласи ставот на Т-ХТ.
Меѓу другото, очекуваат и моделот за регулација на оптиката да се темели на чесна распределба на ризикот од вложување со алтернативните оператори. Доколку не се создаде поттикнувачко опкружување, Телеком се заканува дека целосно ќе се откаже од вложувањето во оптичката мрежа. Алтернативните оператори ги поддржуваат вложувањата, но сметаат дека заканите не се примерни.
Минатата година, во 200.000 домаќинства Т-ХТ ја замени постоечката бакарна жица со оптички приклучок, но на новата инфраструктура се поврзале само 2.400 домови. Причина за тоа е одлуката на ХАКОМ, според која Т-ХТ не смее да спојува повеќе од 1.000 корисници по општина.