Прчевски на поправен за случајот со киднапираните Македонци
Време / 12.06.2004
ЕКСПЕРТИ ПО КРИВИЧНО ПРАВО МУ ДРЖАТ ЛЕКЦИЈА НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ
Емил Зафировски
Јавното обвинителство не може да се ослободува од надлежноста за случајот „Киднапирани Македонци“ бидејќи со закон е задолжено да дејствува онаму каде што има елементи за кривична одговорност, велат експерти по кривично право. Тие тврдат дека надлежноста е во рацете на македонското обвинителство и дека Хаг може да се вклучи во случајот, но никако не може да го суспендира домашното обвинителство. Ванчо Шехтански, адвокатот на роднините на киднапираните Македонци, најавува кривична пријава против јавниот обвинител Александар Прчевски за злоупотреба на службена должност. Јавниот обвинител Прчевски завчера изјави дека обвинителството не е надлежно за случајот со киднапираните Македонци затоа што предметот го води Хаг. Тој нагласи дека нема ингеренции да дејствува по кривичната пријава против Али Ахмети поднесена од роднините на киднапираните Македонци. Тој вчера за „Време“ изјави дека останува на првичната изјава и дека нема намера да коментира ничии ставови. - Тоа е нивни проблем. Ако знаат да го решат случајот, нека повелат. Не сакам да ги коментирам нивните ставови. Ќе кажам само дека случајот го води Хаг и поради тоа ние немаме надлежност за дејствата опфатени со предметот - изјави Прчевски. Според Ѓорѓи Марјановиќ, професор по кривично право, „срамно е еден јавен обвинител да каже дека обвинителството не е надлежно за нешто што претставува кривично дело“. - Зар е возможно обвинителството да не биде надлежно за случај каде што има кривично дело киднапирање? Би го прашал Прчевски да не е случајно надлежен Центарот за социјални грижи или можеби геријатриското одделение? Смешно и за жалење. Нагласувам дека се што е опфатено со кривичниот закон е во надлежност на обвинителството. Хаг може да има ингеренции, но откако прво предметот ќе мине низ домашните институции - вели Марјановиќ. Тој нагласува дека кривичниот закон е сосема јасен, а Прчевски не го почитува. - Ова што се случува кај нас е неверојатно. Смешно е да давам толкување за нешто што е многу јасно и прецизно. Штом некој ќе понуди елементи за кривично дело, тогаш Јавното обвинителство мора да гони. Со својата постапка Прчевски покажува дека е надлежен само за она што ќе му биде наредено од Владата. Би го прашал дали ќе го оградеше од надлежност обвинителството ако, не дај Боже, беше киднапиран близок член на неговото семејство. Со таков одговор дека обвинителството не е надлежно за вакво дело, Прчевски никогаш не би го завршил ниту факултетот, оти тоа што го зборува е спротивно на кривичната материја - коментира професорот Марјановиќ. Според него, постапката на Јавното обвинителство покажува дека системот е на многу пониско ниво дури и од времето на комунизмот. Марјановиќ смета дека непочитување на законите ги затвора вратите за влез во Европа. - Како ќе влеземе во Европа кога законот пропишува едно, а тие што треба да го спроведуваат го прават спротивното. На Европа не и е битно само што содржат законите, туку дали тие практично се применуваат - додава Марјановиќ. И професорот Никола Тупанчевски нагласува дека обвинителството е должно да дејствува според Законот. - Овластувањата на хашкото и на домашното обвинителство може да се совпаднат, но тие најчесто се одвоени. Без разлика какви дејства презема Хаг, Јавното обвинителство е должно да постапува според законот. Хаг може да се вклучи во кој било дел од истрагата на обвинителството, но никако не може да ја суспендира надлежноста на домашното законодавство и на институциите. Значи, дефинитивно ако постојат какви било елементи за извршено кривично дело, обвинителството е обврзано да поведе постапка. И не само обвинителството, туку и МВР, судството и сите други надлежни институции - објаснува професорот по кривично право. Прчевски ќе заработи кривична пријава од роднините на киднапираните Македонци. - Деновиве ќе поднесеме пријава против јавниот обвинител поради злоупотреба на службена должност. Тој беше должен да дејствува по кривичната пријава против Али Ахмети. Наместо тоа Прчевски се огради од одговорност и излажа дека пријавата веќе ја достави до хашкото обвинителство. Затоа ние моравме сами да ја контактираме канцеларијата на обвинителката Дел Понте и да и го доставиме предметот - вели адвокатот Шехтански. Додека Јавното обвинителство се ослободува од надлежност за случајот со киднапираните, хашкото обвинителство најавува дека голем дел од истрагите што ги води наскоро ќе бидат целосно префрлени во матичните земји. Заменик-јавниот обвинител на Хаг, Боб Рид, при вчерашниот престој во Скопје информира дека Хаг ќе ја затвори канцеларијата во Скопје. Тој се сретна со Силјан Аврамски, министер за внатрешни работи, но на средбата не се говорело за петте случаи од 2001 година за кои Хаг пројави интерес да бидат во негова надлежност. Тој нагласи дека хашкото обвинителство планира до крајот на годината да заврши голем број случаи од воените подрачја на поранешна Југославија.
******** ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството бега од одговорност Обвинителството бега од одговорност, смета Ганка Самоилова - Цветановска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ. - Се прашувам кој треба да биде одговорен за случајот ако не Јавното обвинителство. Очигледно е дека станува збор за бегање од одговорност и за селективна примена на правото. Не сакам да шпекулирам, но секако дека треба да се бара одговорност и од Али Ахмети за случувањата во 2001 година. Партијата наскоро ќе се огласи и со попрецизен став по ова прашање - вели таа.
******** Јани Макрадули: Хашкиот суд е доминантен Домашните судови имаат паралелна надлежност со Хашкиот суд, но ако Хаг реши да го преземе случајотм, тој суд е доминантен - вели Јани Макрадули, координатор на пратеничката група на СДСМ.
******** Хисни Шаќири: Хаг е надлежен за сите случаи од кризата во 2001 Според Хисни Шаќири, пратеник на ДУИ, надлежноста за случајот со киднапираните е во рацете на хашкото обвинителството. - Ние како поранешни припадници на УЧК, а сега на ДУИ, имаме јасен став дека сите предмети од кризата во 2001 година треба да се во надлежност на хашкото обвинителство - вели Шаќири.
******** Доказите стасаа во Хаг преку затворена врата Хашките истражители во Скопје вчера одбиле да го примат адвокатот на роднините на киднапираните Македонци, Ванчо Шехтански, кој попладнето ја посетил нивната канцеларија за да им ги предаде доказите против Али Ахмети. -Скандал. Ми ја затворија вратата и не ме пуштија да влезам во канцеларијата. Документацијата им ја подадов преку затворени порти. Недолично однесување од луѓе кои треба да вршат многу значајна и одговорна работа. Односот на хашките истражители за мене е показател дека обвинителот Прчевски навистина нешто скрил. Како и да е, предметот е во нивни раце и повеќе нема бегање - изјави Шехтански.