“Со 150 продавници, во коишто ќе има 24 нови брендови, со хипермаркет од 4.000 метри квадратни, со ултрамодерен 3D кино-комплекс, со сала за куглање, центар за забава и многу други содржини, Скопје сити мол ќе понуди не само ново шопинг-искуство, туку и досега невиден простор за разонода и современ животен стил“, вели директорот на Балфин МК, компанија коинвеститор во најголемиот шопинг-центар во Македонија
Балфин МК, подружница на групацијата Балфин од Албанија, заедно со партнерот Фешн груп од Македонија забрзано работат нa комплетирање на својата голема инвестиција – Скопје сити мол (Skopje City Mall), најголемиот трговски центар досега изграден во земјава, проект што почна да се реализира есента 2010 година. Разговаравме со Питер Ворден, директор на Балфин МК, за тоа што сe ќе им понуди Скопје сити мол на потрошувачите од Македонија и од регионот.
Господине Ворден, кога се очекува да биде завршена изградбата на Скопје сити мол? Колку чини целата инвестиција?
-Се планира објектот да биде завршен и пуштен во употреба во септември годинава, а целиот трговски центар ќе има капитална вредност од над 90 милиони евра.
Сериозни финансиски институции, како што е Европската банка за обнова и развој, влегоа во проектот со свои средства. Според вас, што беше клучно за привлекување вакви инвеститори во проектот? Колкав е уделот на ЕБРД во вкупните инвестиции?
Носителите на проектот уште од самиот почеток работат со висококвалитетни дизајнери и консултанти од светска класа. Високото ниво на професионализам придонесе за создавање доверба во врска со проектот и за привлекување на голем број меѓународни инвеститори и банки, вклучувајќи ја и ЕБРД, која инвестираше речиси 19 милиони евра.
Што го привлече Балфин да инвестира во Македонија?
-Балфин заклучи дека во Скопје има драстичен недостиг од соодветен шопинг-простор и тоа н$ поттикна да побараме погодна локација. Во моментов Скопје има 50 метри квадратни модерен малопродажен простор на 1.000 жители. Споредете го ова со Загреб, каде што има 500 метри квадратни, или со Будимпешта, каде што има 1.150 етри квадратни за истиот број жители, и станува очигледно дека има огромна потреба за малопродажен простор. Недостигот од модерен малопродажен простор спречува голем број меѓународни брендови да отворат свои продавници во Македонија.
Може ли повторно да објасните за нашите читатели што се ќе содржи овој трговски центар?
-Трговскиот центар ќе содржи 39.000 метри кцадратни простор за малопродажба и за разонода, распореден на три ката, како и подземен паркинг на повеќе нивоа за 1.300 автомобили. Ќе има 150 продавници, од мали киосци до големи продавници, на две нивоа за корисниците на голем простор. Во центарот ќе има хипермаркет од 4.000 метри квадратни, со кој ќе раководи меѓународен бренд. Трговскиот центар, освен продавници, ќе обезбедува и простор за разонода и животен стил, кој ќе вклучува барови, места за храна, кафулиња, ресторани, сала за куглање, центар за забава и најсовремено *3D кино со 10 сали за проекции. Сите ресторани имаат тераса, за да можат луѓето да седат надвор на свеж воздух и да пушат ако сакаат. Се на се, посетата на Скопје сити мол ќе претставува многу повеќе од шопинг.
Го најавувате Скопје сити мол како најмодерен трговски центар во регионот. Во што е поинаков споредено со сличните комплекси на Балканот?
-Дизајнот е на Лагварда лоу (Laguarda Low), еден од најзначајните дизајнери на трговски центри во светот, а внатрешно содржи најсовремена климатска опрема и софтвер кој ќе обезбедува минимална енергетска потрошувачка. Дури и стаклото е специјално изработено за да ја минимизира загубата на топлина во зима и навлегувањето на топлината во лето. Дизајнот на продавниците е посебно изработен за да им обезбеди на трговците оптимални услови во однос на просторот...
Целиот текст може да го прочитате во бизнис магазинот "КАПИТАЛ И МЕНАЏЕР" од 14 март 2012 година (среда)