Знаете што ме иритира? Во 21 век уште постои очекувањето мажите да имаат обезбеден стан, добра работа и кола за да бидат “вредни” партнери. Нели зборуваме за еднаквост? Тогаш, зошто сè уште опстојуваат вакви традиционални размислувања?
Ова не се разликува многу од очекувањето жената по секоја цена да се реализира како мајка под 30 години, зашто “биолошкиот часовник отчукува”. И едното и другото ги прави луѓето објекти, а не субјекти, жените како тела што треба да исполнат биолошка норма, а мажите како проекти со финансиски обврски што мора да ги испорачаат пред да бидат прифатени.
Да не бидам погрешно сфатена, сите сакаме професионална независност и финансиска стабилност (и јас самата се стремев кон тоа при градење на мојата личност и при бирање партнер). Но, зошто акцентот толку често се става на тоа мажот да биде главниот носач на товарот? Интересно е што и самите мажи подлегнуваат на таквите “правила” и ретко кога самите они поставуваат такви критериуми кон жените. Они обично немаат проблем да бидат со жена која не заработува многу, или воопшто не работи, или живее со родители. Зошто вие мажите се потценувате на таков начин?