Љубчо Георгиевски: Изборите се почеток на една нова државна криза за Македонија
Поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, во своето интервју за бугарската Нова телевизија, зборува за актуелните случувања во државава, констатирајќи дека предвремените избори се почеток на нова државна криза во Македонија.
“Прво сакам да кажам дека овие избори вооопшто не беа неопходни во Македонија“, вели Георгиевски, прашан за тоа каков заклучок може да се донесе по резултатите од изборите.
“Дури можам и да кажам дека изборите претставуваа своевиден луксуз, бидејќи Македонија пропушти многу скапоцено време, пред и по средбата на врвот на НАТО во Букурешт, за до јули да се завршат преговорите со Грција за името и да влеземе во НАТО“, рекол тој.
“Овие избори несомнено го одлагаат влезот на Македонија во НАТО, а исто така го одлагаат и датумот за почеток на преговорите со Европската унија. Она што го постигнавме, и покрај убедливата победа на мојата поранешна партија ВМРО-ДПМНЕ, нема да донесе ништо ново за Македонија, бидејќи во Македонија одамна постои принципот за формирање на федерална Влада. И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ има апсолутно мнозинство, 63 или 64 пратеници, ќе треба да избере една од албанските партии за партнер. И токму тука започнува еден од големите проблеми на Македонија, зошто независно од тоа која албанска партија ќе ја земе, дали ДУИ на Али Ахмети или ДПА на Мендух Тачи, ние ќе имаме радикализација на другата албанска партија, бидејќи за неколку месеци претстојат новите локални избори. И јас мислам дека многу скоро ќе имаме нов вид на барања од Албанците“, вели Георгиевски.
На прашањето - дали тоа значи дека Македонија навлегува во нов циклус на државна криза, Љубчо Георгиевски со одговор дека државата воопшто не излегла од кризната во 2001 година, поради како што вели, простата причина, дека имаме два проблема.
Првиот проблем, смета Георгиевски, е проблемот со Грција, кој според него може да се реши.
“Јас имам неколку текста напишани на таа тема, во кои укажувам, дека има простор за разговори и наоѓање на решение. И вториот проблем, кој мислам дека е многу посложен, тоа се албанските барања во Македонија. Јас мислам дека овие избори се само една добра шанса Албанците да поставуваат нови и нови барања на маса, и мислам дека тоа ќе го видиме многу наскоро. Прво да потсетам дека изборите во Македонија во албанските делови уште не се завршени, така што не очекуваат уште две недели криза, напади, можеби уште престрелки, убиства, додека формално изборите во Македонија не завршат, а потоа ќе дојде и новиот список од барањата кон македонската држава и дури постепено растурање на македонската државност.
На прашањето - не сметате ли дека победата на Груевски претставува една многу опасна бариера пред можноста да биде решен спорот за името со Грција, бидејќи тврдата позиција на Груевски во спорот со Атина доведе до тоа тој да добие многу сериозна поддршка, Георгиевски потврдува дека тоа бил и негов личен коментар.
“За Груевски не беше неопходно, бидејќи и без тоа имаше доста висок рејтинг, да го постави прашањето за името на Македонија како основа на предизборната кампања. Бев сигурен дека и без да го постави тој проблем во основата на неговата кампања, тој сеедно ќе ги добиеше изборите. Сега веќе многу тешко може да се зборува за промена на името. Тоа може да се случи само по пат на референдум. Но, ако има референдум, тоа е невозможно да се случи. Ако ги прашате граѓаните дали да ви се смени името, 95 отсто ќе речат не. Така да тоа е предвреме загубена игра за Македонија. Меѓу другото, тоа може на Груевски да му донесе некои внатрешно политички плус, но на надворешен план тоа ќе значи изолација на Македонија во регионот, како и од политичките процеси во ЕУ и во НАТО. Од друга страна тоа ќе биде поттикнување на Албанците кон радикализација на нивните барања. Воопшто не мислам дека во моментов ќе имаме брзо решение за спорот со името со Грција. се најдовме во еден магичен круг, каде што Македонија ќе игра сама со себе, додека меѓународната јавност тоа нема да го разбере.
Запрашан, нели сето тоа ја доведува Македонија во една состојба на фактички почеток на распад, Георгиевски без конкретни прогнози дали тоа ќе биде распад, но мисли дека “Апсолутно може да се каже дека овие избори се почеток на една нова државна криза за Република Македонија.