Џ
Џонтра Волта
Гостин
![](http://www.pronofootbol.fr/files/images/news/ITALIE/serie-a/championnat-italien-serie-a-pronofootbol-saison-2015-2016.png)
Традиционално новата сезона на најеминентното италијанско натпреварување започнува со финалето на Суперкупот кој сезонава ќе се игра во Шангај на 8ми Август. Минатогодишните финалисти на Купот сега ќе ги вкрстат копјата во Суперкупот а тоа се Јувентус кој е актуелен шампион на Италија и освојувач на Купот и римски Лацио. Овие два тима до сега се имаат сретнато 2 пати во Суперкупот (1998 и 2000) и двете екипи имаат по една победа.
Толку за Суперкупот, сега одиме на она главното. Калчото официјално започнува на 22ри Август а ќе заврши на 15 Мај 2016та година. Вкупно 20 тима ќе се натпреваруваат, 17 од минатата сезона и 3 екипи пласирани од Serie B a тоа се дебитантите Фросиноне и Карпи и тимот на Болоња кој по една година пауза се враќа во најсилната италијанска лига.
Минатата сезона својата одисеја во првата лига ја завршија екипите на Каљари, Чезена и Парма која поради банкрот ќе започне од Serie D.
Правилата се исти и за оваа сезона, првите 2 екипи ќе се пласираат директно во групната фаза од Лигата на Шампионите, 3то пласираниот ќе игра плеј-оф за влез во ЛШ.
4от ќе обезбеди директен пласман во групите за Лигата на Европа а 5то пласираната екипа ќе игра 3то квалификациско коло за ЛЕ.
Од лигата испаѓаат 3те последно пласирани екипи.
А во новата сезона ќе имаме можност да ја проследиме и goal-line технологијата.
Во новата сезона неколку екипи ќе започнат со нови предводници од клупите, Пипо Инзаги беше отпуштен од Милан а за негов наследник е назначен Синиша Михајловиќ од Сампдорија.
Валтер Ѕенга е наследникот на Михајловиќ во Сампдорија. Рафа Бенитез одлучи да го напушти Наполи, на негово место доаѓа Маурицио Сари од Емполи кои ќе продолжат со Марко Џампаоло.
Стефано Колантуоно е наследникот на Андреа Страмачиони на клупата на Удинезе. Во текот на летово неочекувано Винченцо Монтела заработи отказ од Фиорентина а на негово место назначен е Пауло Соуса од Базел.
Тоа е тоа што се однесува на тренерските смени, останува уште да ги споменеме и тренерите на новајлиите, Фабрицио Кастори е тренер на Карпи, Делио Роси се враќа во Serie A како предводник на Болоња а Роберто Стелоне е тренерот на Фросиноне.
Првото коло веднаш ни носи дерби пресметка помеѓу Фиорентина и Милан, актуелниот шампион Јувентус ќе го пречека тимот на Удинезе, Интер на Меаца ќе игра со Аталанта. Рома отвара на гости кај Верона а Лацио на Олимпико ќе ја пречека Болоња, Наполи гостува кај Сасуоло.
Дебитантите Карпи започнуваат на гости кај Сампдорија а Фросиноне својот прв натпревар во Serie A ќе го одигра на домашен терен против Торино. И во второто коло имаме дерби пресметка помеѓу Рома и Јувентус на Олимпико во Рим.
Првото Derby della Madonnina се игра во 3тото коло каде Интер ќе го пречека Милан на 13ти Септември.
Derby d`Italia e закажано за 18ти Октомври во рамките на 8то коло каде на Џузепе Меаца Интер ќе го пречека Јувентус.
Derby della Capitale односно градското дерби на Рим ќе го отворат Рома и Лацио на 8ми Ноември во 12тото коло.
Derby della Mole, торинското дерби се игра во 11тото коло на 1 Ноември на Јувентус арената гостува Торино.
И последното големо дерби во италијанскиот фудбал е Derby della Lanterna каде се среќаваат екипите на Џенова и Сампдорија на 6ти Јануари во рамките на 18тото коло.
Оваа сезона, според многумина, не` очекува една интересна и возбудлива сезона каква што не сме гледале неколку сезони наназад. Тоа се должи на фактот што неколку екипи сериозно се засилуваат и покажуваат сериозни намери да се вклучат во горниот дел на табелата односно во местата кои водат во Лигата на Шампионите и Скудетото.
Интер до сега е една од екипите кои најмногу работи на засилување на екипата и атак на титулата. Милан истотака не заостанува зад градскиот ривал и заедно со веќе силните Рома и Лацио ќе се обидат да му ги замрсат сметките на актуелниот шампион Јувентус кој во новата сезона влегува како прв фаворит за одбрана на насловот.
Вреди да се спомне и големиот мајстор на фудбалската игра, што би рекол Бранко Илиевски, вистински фудбалски џентлмен кој повеќе нема да го гледаме на зелените терени ширум Италија а тоа е, претпоставувате, фудбалскиот Моцарт, Андреа Пирло.
Тоа би било тоа во оваа увертира за новата сезона на Калчо лигата, за крај ќе се послужам со еден цитат од еден од најголемите умови на форумов, филозоф и прераскажувач:
`` Секој од нас со свои очекувања и свои размислувања. Ќе поминат долги кола, непреспани денови и преспани полувремиња, надополнети со бескрајни одисејни дискусии и расправии. Полемики и “реметења“. Шпекулации и предвидувања. Кладби и разочарувања, се додека не дознаеме кој ќе слави, а кој ќе се “дави“ на крајот на сезоната која со нетрпение ја очекуваме да почне, и парадоксално, воедно и едвај чекаме да заврши.`` -
@Malcolm van den Сабаховић 1857ма година, Шефилд-Англија.
@Malcolm van den Сабаховић 1857ма година, Шефилд-Англија.