Пред почетокот на натпреварот против екипата на Лацио (1:3), навивачите на Интер со истакнување на петнаесетина транспаренти, се одлучија да му постават неколку прашања на сопственикот на клубот, Масимо Морати.
Пред крајот на очајната сезона, една од најлошите за Нероаѕурите во последните 20 години, навивачката група Курва Норд, видно изреволтирана поради слабите резултати на својот омилен клуб, се одлучи да му постави неколку прашања на Морати, за кои што очигледно тој не сака премногу да зборува.
Поставените прашања за кои што навивачите очекуваат одговор од страна на претседателот се:
1. Зашто мислите дека целиот стадион аплаудираше на нашите предходни транспаренти?
2. Зашто го променивте медицинскиот тим со кој што Интер дојде до триплетата?
3. Зашто се продаваат младите играчи ако е најавено подмладување на екипата?
4. Која е поентата на константното продавање играчи?
5. 2010-2013 - од врвот на светот до денешната катастрофа. Дали сметате дека за лошата игра се виновни играчите или пак стручниот штаб?
6. Зашто клубот не реагира на константните напади од страна на медиумите?
7. Зашто дозволувате целата вина да се префрлува врз младите играчи и зашто некој од клубот не излезе во нивна одбрана?
8. Зашто зборувате дека Интер е едно големо семејство? Нели гледате дека секој се грижи за себе поединечно?
9. Зашто никогаш не е образложено зашто замина Ориали? (директор на клубот за време на ерата на Мурињо)
10. Во минатото сонот на вашиот татко а воедно и вам беше Лигата на Шампионите. Сега е новиот стадион ... што е со Интер?
11. Како дозволивте гостинскиот дрес да биде црвен, ако сте прав Интериста?
12. Зашто секој кој што го напуштил клубот, зборува добро за вас а лошо за Интер?
„Претседателе, ние ја дадовме нашата подршка во текот на целата сезона без ниту едно прашање. Вие го сакате Интер, ние го сакаме Интер - сега е време за одговори.“
Навивачите на Интер го кажаа своето а дали претседателот Морати, конечно ќе се одлучи да ја преземе вината за слабите резултати на Интер, да ја признае грешката поради ангажманот на некои соработници и да одговори на нивните прашања, останува да видиме ...