Зошто сите го потценуваат Путин?
Наместо да го критикува рускиот претседател, Западот би требало да ја признае својата историја на предавство кон неговата држава, пишува Гардијан.
Среќен Божиќ за Пуси рајот, Гринпис и Михаил Ходорковски, односно за Владимир Путин.
На помалку бизарна конференција за новинарите, со 1.300 новинари кои мавтаа со знаменца за да го привлечат неговото внимание, Путин објави дека Ходорковски, покрај останатите, ќе биде ослободен од затвор. Путин можеби не е симпатична ниту нежна личност, но уште еднаш покажа дека е необично итар иако не само што му се потсмеваат, туку и упорно го потценуваат.
Од рушењето на Советскиот Сојуз, пред повеќе од 20 години, Западот во односите со Русија ги направи сите можни грешки. Во она што требаше да биде крај на историјата, со универзален триумф на либералната демократија и пазарниот капитализам, американските фанатици се обидоа да ѝ го наметнат слободниот пазар на Русија, по повеќе од седумдесет години од она за што се веруваше дека е социјализам. Не е ни чудо што резултатот беше толку несреќен.
Ова не е одбрана на режимот на Путин, која е на многу начини одбивен. Ниту еден новинар не може да биде симпатизер на држава во која има толку случаи на убиства на истражувачки новинари. Меѓутоа, надворешната политика е нешто сосема поинакво, дури и ако неспособноста да се разликува внатрешниот карактер на рускиот режим од неговите надворешнополитички прашања е многу стара приказна. Генерации идеалисти од Западот биле маѓепсани од советскиот мит за потоа да бидат разочарани од она што Малколм Мегериџ саркастично го опиша како „левичарските патишта на крстот“: договорот Молотов-Рибентроп од 1939, Чешкиот преврат во 1948, задушувањето на револуцијата во Унгарија во 1956.
Сега тоа и не им е некоја утеха на Пољаците, Чесите и Унгарците, но во сите овие случаи Русија се однесувала како голема сила. Напаѓање на малите соседи е она што го прават големите сили: погледнете го односот на САД кон Јужна Америка. Путин во петокот кажа дека Сталин не бил полош од Оливер Кромвел, што можеби звучи малку чудно, но Сталин бил тој што речиси се извинил за агресивните барања од Финска: „Не сум одговорен за географијата“.
Секој обид на Русија да ги сочува своите национални интереси се доживува како провокација, а всушност провокациите пристигнувале до Западот, со векови наназад. Кога за Русите се зборувало дека параноични, се сеќавам на мудрата изјава на писателот Делмор Шварц дека дури и параноидните имаат непријатели. Рсуката војска не го запали Париз во 1812, ниту пак Русите ја нападнаа Германија во 1941.
Не беа Русите тие што ги прошируваа сојузите во 1990 – тоа го правеше Западот, со експанзија на НАТО кон исток, што беше колку глупаво толку и срамно. Тоа беше предавство – Џорџ Буш Постариот на Михаил Горбачов му вети дека државите од источниот блок, да не ги спомнуваме балтичките земји, кои тукушто се отцепија од Русија, нема да се зачленуваат во НАТО, но Бил Клинтон го прекрши тоа – и тоа беше навреда.
„Никогаш немавме намера да го признаеме „правото“ на Куба или Хаити или Република Панама – кои се назависни суверени држави – да склучуваат сојузи кои не се во склад со уредувањето на целиот регион на Северна Америка“. Вака зборуваше Волтер Липман во 1944. Како ќе реагираа Американците ако Русите ја викнеа Куба да влезе во Варшавскиот пакт?
Иако руската политика од време на време делува цинично и безмилосно, често излегува дека е помудра од нашата. За време на кризата во 2008 околу Јужна Осетија, грузиската влада беше таа што ја избра борбата против Русија. Ќе остане запаметено апсурдното пристигнување на Дејвид Камерон во Тбилиси да бара итен прием на Грузија во НАТО, што само би го забрзало започнувањето на тотална меѓународна војна.
Ако Камерон тоа го направи како лидер на опозицијата, што би можел да направи како премиер? Па, одговор на ова е Сирија. Исто како што Горбачов беше измамен во врска со НАТО, така и Путин беше во врска со Либија, кога се согласи да ја поддржи резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, наводно врз „хуманитарна“ основа, за потоа да открие дека станува збор за интервенција за уништување на режимот на Гадафи, со предвидливо катастрофални последици. Од тогаш Путин и неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одбиваат да ја поддржат иницијативата со која нашата влада се обидува да го отфрли режимот на Башар Ал Асад, за Сирија да може да падне во рацете на Ал каеда.
Затоа, божиќни честитки за сите ослободени во Москва. А потоа, можеби една новогодишна одлука, да се остави Русија на мир.