Eve denes i ova go procitav.. neznam sto da kazam navistina..
Забраната за пушење ги наполни театрите
Во Драмскиот театар билетите се трошат како алва, претставите во Македонскиот народен театар се распродаваат и по неколку недели однапред
Наместо на кафе и на цигара во кафуле, патиштата на младите се' почесто водат кон места во кои има културни збиднувања. Случајно или не, по забраната за пушење на јавни места се зголеми бројот на посетители во театрите и во другите културни институции во земјава. Раководителите на театрите велат дека се задоволни од ваквата состојба, иако со сигурност не можат да кажат дека тоа е поради забраната за пушење.
РАСПРОДАДЕНИ ПРЕТСТАВИ
Во Македонскиот народен театар билетите се трошат како никогаш досега. Оттаму велат дека Законот за заштитата од пушењето има големо влијание. Сандра Стојмирова од МНТ вели дека влезниците се распродадени неколку недели пред одржувањето на претставите.
- Во текот на јануари и на февруари како никогаш досега се продаваат билетите во МНТ. Во претходните години во јануари секогаш имало помалку посетители, но сега веќе не е така. Оваа ситуација ја поврзувам со Законот за забраната на пушење на јавни места. Па и да не е така, драго ни е што претставите се преполни. Билетите за „Г-ѓа Министерка“, „Сомнително лице“, „Буре барут“, „Суд“ и за другите проекти, кои се навистина добри, се продаваат неколку недели пред одржувањето на претставите - вели Стојмирова.
Директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев, не може со сигурност да тврди дека Законот за заштитата од пушењето има некаква врска со тоа што публиката се враќа во театар, но во оваа културна институција прометот е зголемен по Новата година, откако забраната стапи во сила. Ѓорчев признава дека во октомври и во ноември, перидот кога Македонија беше преплавена со информации за свинскиот грип, се загрижил како ќе функционира театарот, бидејќи немало публика.
- Ако публиката не се вратеше, навистина не знам што ќе правевме, бидејќи продажбата на билетите се намали за 30 отсто. Сметам дека во тој период луѓето се исплашија од информациите за свинскиот грип, па затоа не доаѓаа во театар. Навистина се забележува зголемен промет и продажба на билети, која сега се движи во просек од 210 до 220 влезници за претстава, а порано просекот беше 150. Точно е тоа дека ова почна да се случува откако стапи во сила забраната за пушење. Некако се совпадна ситуацијата и ако е поради тоа, немам ништо против. Важно е дека има голем интерес за нашите претстави. Мислам дека голем удел во сево ова има и тоа што медиумите престанаа да пласираат информации за грипот - вели Ѓорчев.
ЗАДОВОЛНИ И БАЛЕТОТ И ФИЛХАРМОНИЈАТА
Посетителите на Македонската филхармонија најчесто имаат годишна претплата или, пак, купуваат блок-билети. Поради тоа, директорката Маја Чанаќевиќ не можеше да ни каже дали во последните неколку месеци забележеле раст на продажбата на влезниците.
- Кај нас континуирано, во текот на целата година, имаме публика, но не можам да дадам процена како се одвива продажбата во последните неколку месеци, бидејќи најчесто продаваме блок-влезници за цела сезона или посетителите купуваат годишни претплати. Интересот за нашите концерти, исто така, го диктира гостинот од странство, односно диригентот или зависно од тоа на каков инструмент свири солистот. Што се однесува до Законот за заштитата од пушењето, не би можела да го поврзам со продажбата на влезниците - вели Чанаќевиќ.
И во велешкиот театар интересот за претставите е константен, а директорот Јордан Витанов вели дека кога бројот на влезниците значително се зголемува, тоа се случува поради многу фактори.
- Интерес кај публиката има ако понудите добри претстави и, според мене, тоа е единственото мерило - вели тој.
Директорот на Македонскиот балет, Кире Павлов, исто така забележува многу поголем интерес за балетските претстави во последниот период.
- Последните пет претстави на балетот беа преполни. Во текот на февруари имаме уште две претстави: „Рајмонда“ и „Дон Кихот“, па можеби тогаш би можел да направам некаква процена. Во секој случај, прометот на Балетот од продажбата на влезници во последниот период е зголемен, а имаме и многу помалку гратис-влезници - вели Павлов.
Прометот на Балетот е зголемен и на годишно ниво. Павлов вели дека во 2008 и во 2009 година оствариле поголем приход од влезници во споредба со претходните години.
- Не можам да тврдам дека публиката се врати поради цигарите, но можеби е и така. Јас не пушам, гледам дека на пушачите им пречи забраната, но како да се навикнаа на ситуацијата. Во секој случај добро е да имаме поздрава животна и работна околина - вели Павлов.
Македонските актери не смеат да пушат на сцена
Неодамна одекна информацијата дека театар од Анкара, Турција, е казнет со голема парична казна бидејќи еден од актерите запалил цигара на сцената. И во Македонија актерите не смеат да запалат цигара на театарската сцена бидејќи театарот е установа од јавен карактер, за кој важат одредбите од Законот за заштитата од пушење.
- Во конкретниот случај, местото каде што се одржуваат претставите е работен простор на театарот и за него исто така важи Законот за заштитата од пушење, односно не е дозволено пушење - вели Ерзана Јакупи, портпарол на Министерството за труд и социјална политика.
Во нашите театри не беа информирани околу тоа како треба да постапат кога актерите треба да запалат цигара во име на улогата. Директорот Ѓорчев смета дека не треба да има забрана бидејќи ќе се изгуби автентичноста на сцената. Според него, треба да има некои исклучоци кога е во прашање уметноста. Во МНТ, исто така, немаа одговор на ова прашање, но кога треба да се запали цигара тоа се прави со ароматизирани цигари.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=672122C9CC2DF244A76B49EA41E06174