Да не ти го бустам егото, ама во моментов ти имаш појасна визија за иднината отколку јас. Знаеш што сакаш и кон што целиш, штета што со време ќе се преориентираш на нешто друго во кое нема ни малку да уживаш.
Инаку на пола пат си, издржи само уште 10тина години и конечно ќе сфатиш некои работи. Ќе престанеш да се замараш со туѓите мислења. Ќе престанеш да живееш за другите. Ќе ја победиш срамежливоста. Ооооо, и тоа како ќе ја победиш срамежливоста. Исто и стравот од запознавање нови луѓе. Ќе почнеш да излегуваш од својата комфорна зона. Но ќе научиш и да не се приврзуваш премногу за луѓе, места и предмети. Ќе сфатиш дека никој, ама баш никој не останува засекогаш.
Ќе престанеш да се плашиш од ризици. Ќе престанеш да се нервираш за ситници. Ќе научиш да кажеш „не“ на луѓето кои се тука само кога им треба нешто. Немој толку да се трудиш околу „најдобрата другарка“, таа не цени ништо од тоа што правиш за неа. А и онака патиштата за брзо ќе ви се разидат. Како и со сите останати кои во следните неколку години ќе ги сметаш за блиски.
Не им се лути на мама и тато, ти пружаат се што можат, а и повеќе од тоа. За некое време ќе им бидеш благодарна што те воспитувале така како што те воспитуваат. Со мама ќе се зближиш уште повеќе, со тато постепено се оддалечуваш. Гледај да го спречиш тоа. И он е тврд орев како тебе, но ако наместо да му тераш инат му покажеш колку го сакаш, верувај дека ќе омекне. Сестрите што сега те нервираат пошто се разгалени дечишта ќе пораснат во девојки со кои ќе се гордееш. Немој да бидеш строга со нив, сестра си им, не родител. Дозволи им понекогаш и да згрешат, и сама знаеш дека најдобро се учи од сопствените грешки.
Смеј се. Смеј се многу. Дури и ако тоа значи дека ќе те сфаќаат несериозно. И онака во следниот период сите ќе те сметаат за пресериозна за твоите години. Немој секогаш да постапуваш како што е најпаметно. Дозволи си понекогаш да направиш/кажеш нешто тотално глупо. Глупите полесно поминуваат низ животот.
Во годините што следат ќе имаш неколку анксиозно-депресивни епизоди. Не грижи се, не траат долго. И кога не изгледа така, ќе бидеш добро. Само смеј се. Труди се секогаш да зрачиш со позитивна енергија. Исфрли ги од твојот живот токсичните луѓе, не дозволувај да те трујат. Биди ок со сите, но во никој немај целосна доверба. Луѓето не се толку фини како што мислиш дека се. Таа лекција брзо ќе ја научиш. Биди тоа што си. Тие што те сакаат, ќе те сакаат баш таква. Немој никогаш да глумиш нешто што не си само за да се допаднеш некому. Не, нема да станеш кул во средно. Нема ни на факултет. Нема да си популарна. Нема ни да се трудиш да бидеш. Навреме ќе сфатиш дека тоа е плитко и празно.
Нема да престанеш да се плашиш од грмење. Од птици. Забар. Хеликоптери. Ќе престанеш да се плашиш од пајаци. И од глувци.
Исфарбај се црвена најскоро што можеш, не чекај до 20 години. Ќе си ја обожаваш црвената боја на коса. Стави си и тетоважа. Не плаши се, на мама брзо ќе и помине лутината. Не почнувај да пушиш. On and off врската со цигарите страшно ќе те нервира. А сепак, секогаш ќе им се враќаш. Не почнувај со тоа зло.
Не грижи се, од тебе ќе излезе скроз океј особа, и покрај сите лоши избори. Уживај во детството и не брзај да пораснеш. Things don't get any easier.
Имај убав ден, kiddo.