Уффф катастрофа...
Кире, по шпанската школа на Душебаев пак стартуваше практично со втора постава и тоа ни се удри од глава. Сепак Македонија во моментот нема такво искуство и ротација за ова да проаѓа - иако во ракометни натпревари на елитно ниво има доста тактичка смисла. Да бидеш стартен среден бек со практично никакво искуство, на ЕП, во клучен натпревар, не е лесно и притисокот го победи Ѓоргиев кој беше главен виновник зошто стартувавме лошо. Но веднаш до него е и Талески кој во тие 10мин треба да е играчот кој ќе повлече, Ѓоргиев сепак е бек кој одработува за шут на бекот од 9 метри - а Талески не знам ни дали упати шут во тие 10мин. Напротив остави Серафимов да проба да ја вади екипата колку може. Зошто е сето ова проблем? Едноставно оваа екипа нема такво искуство за да може 60мин да брка резултат и тоа се виде во последните 15тина минути на натпреварот.
Се ова е целосно пресликано во изданието на Филип Кузмановски. Откако влезе во 10та минута, па се до ~40 минута Кузмановски беше според мене убедливо најдобар играч на теренот. Ја убрза играта, креираше насекаде по теренот, овозможи другите да се разиграат. Но кога стигна финишот, кога се кршеше утакмицата, во ситуација кога Македонија и натаму бркаше резултат, бркаше прво водство, изгуби глава, се распадна - и тука падна цела репрезентација, бидејќи реално тој беше моторот кој ја носеше екипата дотогаш, тој е единствениот креатор кој може да направи вишок која има капацитет да направи разлика.
И до некаде играта на Кузмановски е олицетворение на реалноста на оваа нова генерација - кога сме во налет, кога ни оди, изгледаме одлично, но во тесни моменти, кога ќе згусни, кога ќе експлодираат емоциите, кога противникот ќе не затвори во одбрана се губи главата. Веќе имаме направено скоро целосна смена, ова одвај може да се нарече микс, без Кире, Столе и Манасков, со Миркуловски и Георгиевски во една епизодна улога (а и годините си го направија своето кај нив и не донесоа никаков квалитет плус, напротив беа лоши - особено Георгиевски). Едноставно, Кузмановски има квалитет, особено во еден ваков модерен ракомет каков што пробуваме да почнеме да играме, но не може да биде главниот играч во екипата, лидерот. И се додека не се појави нов лидер, кој ќе ја смири екипата кога ќе згусне, кој ќе овозможи Кузмановски да си ја заземе својата природна позиција на "втора виолина", ова ќе биде нашата реалност, нашиот максимум.
За другите што да кажам. Талески очај, мене стварно не ми е јасно како после сосема солидна партија пред два дена, кога горе долу имаше главно позитивни коментари, одеднаш преку ноќ така да изгуби самодоверба - несфатливо. Миркуловски - толку многу има дадено човекот за репрезентацијата што не сакам да кажам ништо лошо, но објективно одигра доста слабо.
Но и покрај се ова, главната причина за поразот сепак беа крилата. Неискуството на Кузманоски ни се удри од глава во клучниот натпревар. Црногорците играа таква одбрана, што одлучија комплетно да ја убијат играта на влезови и особено на пикер, згуснуваа дури и повеќе отколку што во нормален случај се прави и свесно оставија простор за крилата. Но кога крилата од идеални ситуации не погодуваат, и појаки екипи од нашата би се изгубиле. Апсолутно не се согласувам дека не требало да се игра преку крила. Паметен ракомет е токму тоа да се одигра во тие ситуации против таа одбрана - се друго е лудост и би завршило далеку полошо. Дури и повеќе требаше да играме на крило. Но на крајот на краиштата, да ја цитирам легендарната изјава на Шундовски, треба да "клаваме голови". Без реализација, не може да има успех, тактиката и креацијата завршуваат тука, едноставно мора играчите да погодат. Според тоа што го кажа Кире после натпреварот, очигледно Маџовски бил повреден и практично не сме ни имале замена за Кузманоски, но без разлика на искуството, мислам дека Костески требаше да игра повеќе од Георгиевски. 3/8 шут од крило, во ситуација кога сите шутеви беа со одличен огромен агол, а не изнудени, е едноставно премалку за едно ЕП. Мораше да се дадат барем 6-7 гола. Сите тие промашување, психолошки не убија.
Велковски и Серафимов беа сосема солидни, реално и над нивното ниво. Ако имаме ваков учинок од нив нема од што да се жалиме, без разлика што имаа и грешки во одредени ситуации и имаа свое влијание и врз лошите периоди од играта.
Тоа е, ќе мора по потешкиот пат да се бориме за натамошни учества на првенства. За ЕП не е ова толку голем удар, сепак играат 24 сега, но за СП пласманот ќе биде многу тежок, во ситуација кога ќе учествуваат 14-16 европски селекции зависно од вајлд карти. Ќе ни треба сега не само знаење, туку и среќа.