Орален Комунизам
Идејата пламна во една усмрдена усна празнина.
Сулфур и темјан и гозба на милијарди мали суштества пикнати помеѓу забите.
Јазикот се превитка и почна да трепери, капки плунка излетувајќи надвор со секое негово трапаво, одамна заборавенио движење.
Сакам да кажам нешто, дозволете ми, ве молам- рече Устата.
Се изви во молежлив грч, а потоа се присети на сопственото достоинство, уште нешто што одамна го имаше заборавено. Продолжи посилно, малку колебливо, но многу поостро.
Замолчете, јас зборувам. Имам нешто многу важно да ви кажам. - веќе подвикнуваше таа.
Сите други усти се свртеа во нејзиниот правец. Се насмевнаа кисело. Не се сеќаваа на момент кога некоја уста имала нешто да каже што би било важно за толку многу други усти.
Гестот значеше неволно давање на збор. Продолжи, ако мораш - велеа тие.
Првата уста- барем мислеше дека е прва, барем овде, барем сега, поприми доверлив израз, оној кој устите го употребуваат кога шепкаат. Но не шепотеше. Говореше јасно, за мртвите уши и пукнатите тапанчиња да чујат.
Слушајте! Можеби сте забележале дека нешто смрди овде. Не знам каков однос имате со вашите носеви, но реата што лебди во воздухов е неподнослива.
Смрди, почитувани другари Усти. Смрди толку одвратно што сум зачуден што досега не сум го забележал тоа. Мирисов, поганиов мирис изгледа постоел отсекогаш. Откако постојат устите, носевите, ушите. Откога рацете фаќаат, нозете чекорат и мудата и јајниците болат од акутен недостиг на секс. Овде е толку долго што сте се навикнале на таа поганштина која го труе секој вкус, секоја арома која проаѓа низ вас.
Толпата усти се насмевна уште покисело. Изјавата беше примена со неверување. Но носевите душкаа, обидувајќи се да го фатат мирисот. Ушите примаа тивки, пригушени звуци кои како да доаѓаа оддалеку, како низ ѕидот кој ве дели од соседниот стан, но не и од гласовите на неговите напалени жители.
Устата продолжи да зборува.
Значи, драги мои усти, постои Реа. Таа е одвратна, гнасна, до тој степен што размислувам да му кажам на стомакот да поврати. Ја чувствувате, нели? Да.
Знаев дека порано или подоцна ќе допре до вас. Да ви кажам од каде потекнува?
Не мора да одговарате. Ќе ви кажам сеедно. Има врска со стомакот, и нема. Има врска со газот (сечиј газ смрди, нели?) и нема.
Почитувани усти, па зар очекувавте нешто поинакво откако почнавте да јадете гомна и без да знаете? Аха. Устине горе јадат кавијар, јадат печено свинско, салати и слатки, а вие јадете гомна. Ве убедија дека добивате исто што и тие? И мене. Носевите ни ги затнаа, не скараа со нив, не раздвоија, а ушите кои понекогаш и заробуваа по некоја лага ни ги стрелаа.
Секоја уста има право на ПОТРАГА по богата трпеза.
Тоа беше дел од нивната програма за да не замолчат. Заборавија да ни кажат дека трпезата е во заклучена кула, на највисокиот кат, во сеф чуван од стражари со наредба да пукаат во секоја од низоземските усти која би посегнала по него.
Имаме право на потрага, а кога ништо не ќе најдеме, имаме право да ги наречеме гомната вкусни, а мирисот божествен, убедени дека вкусната, богата, ароматична трпеза е мит.
Епа јас ви велам дека не е. Секоја уста има право на храна, а не на потрага по неа. А бидејќи неодамна склучив мир со носот, знам и каде можеме да ја најдеме и земеме. Горе, другари. Онаму кадешто седат и гнетат големите усти, на купишта храна, доволно за сите нас!
Настана длабока, напната тишина. А потоа дојде вревата.
Сите усти врескаа одеднаш - некои обвинуваа, други навредуваа, а трети едноставно го исплазија јазикот и се свртеа настрана, одлучувајќи дека Устата полудела, затоа што се осмелува да ги нарече тие сласни, кафени парчиња рај - гомна.
Таа се збуни. Најмалку очекуваше ваков одѕив. Во најмала рака очекуваше резерва и скептицизам, но никако ваква експлозија на гнев и потсмев. На устите не им пречеа гомната! И не само тоа, туку застануваа во одбрана на нив, велејќи дека се благодарни што ги имаат, бидејќи инаку би гладувале! Оној кој ќе стигне до горните ќенефи добива одбрани залаци, сеуште топли!
Устата слегна со непцата во неверување и замина оттаму. Се надеваше дека постојат некои усти, некаде, кои веруваат во идејата за храна за сите. Се надеваше дека гомното не е единствениот стандард и вредност и дека носот не ја излажа.
Со некисела насмевка продолжи понатаму, сонувајќи за хранливиот преврат, за кулинарската револуција.
Sith