Преглед на ден 3 : Четири златни медали и 5 светски рекорди
Машката штафета на САД во трката 4х100 метри слободно во драматичен финиш успеа да го освои златниот медал и да направи нов светски рекорд, подобар за 4 секунди од стариот. Иако до последните 15 метри, француската штафета беше во водство, американците не се предадоа и со тоа му помогнаа на својот сонародник Мајкл Фелпс да си го оствари својот сон, да освои дури 8 златни медали на една Олимпијада.
Вториот светски рекорд беше срушен кога австралијанецот Иман Саливан во трката на 100 метри слободно го претрка главниот фаворит, французинот Алан Бернар. Не само што го претрка, туку му го презема и рекордот, кој сега изнесува 46:58 секунди.
Британката Ребека Адлингтон ја остави зад себе американката Кејти Хоф и стана првата британка која и носи на својата земја златен медал во пливањето по 48 долги години.
Конечно видовме некој и да си го одбрани својот медал од минатите ЛОИ. Јапонецот Косуке Китаџима не само што си го зачува приматот најдобар спринтер во градниот стил, туку и го подобри своето најдобро време, светскиот рекорд на 100 метри градно, допирајќи го стартниот блок кога стоперицата беше на 58 секунда и 91 стотинка.
Женското финале на 100 метри пеперутка помина воглавно мирно. Австралијанката Лизбет Трикет мирно дојде до своето злато, откако наиде на отпор само во последните 15-тина метри од американката Кристина Магнусон.
Во второто полуфинале на 100 метри грбно кај жените, претставничката на Зимбабве, Кристи Ковентри ја потврди својата доминација во овој стил, завршувајќи со најдобро време и поставувајќи нов светски рекорд, 58:77.
Италијанката Федерика Пелегрини постави нов светски рекорд во трката на 200 метри слободно. Го подобри за 0:07 секунди најдоброто време на Лор Манаду, со што го презема рекордот во свои раце.
Изненадувачки добриот резултат на Пелегрини дојде откако потфрли во трката на 400 метри слободно. Пелегрини изјави дека никако не можело да и тргне цела трка, напоменувајќи дека италијанците не се навикнати на натпревари во претпладневните часови.