Се бара и политичка одговорност за патриотските сметки
Трговците не сакаат повторен рекет од државата што ќе им го направи таа доколку товарот од одлуката за задолжителност од враќање на старата фискална меморија, со која на фискалните сметки нема да стои издвојување на македонски од увозни производи и логото на кампањата „Купувајте македонски производи“, го префрли на нив. Тие се повеќе од убедени дека овој владин гаф, кој ги чинеше пари, повторно ќе падне на нивни грб, судејќи според обидите Владата да се амнестира од каква било одговорност за одлука која самата ја донела. Опозицијата, пак, побара и политичка одговорност од Владата за „патриотскиот каприц“, најавувајќи поднесување интерпелација за министерот за финансии.
„Бидејќи премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не знаат што е политичка одговорност, СДСМ во Собранието ќе поднесе интерпелација за министерот за финансии, Трајко Славески, директно најодговорен за штетата од таканаречените патриотски фискални каси“, најави Јани Макрадули на вчерашната прес-конференција.
Од Министерството за финансии информираат дека се' уште ја немаат добиено одлуката на Уставниот суд за укинување на патриотските фискални сметки, а вицепремиерот Зоран Ставрески вчера не сакаше да даде каква било изјава за укинувањето на патриотските сметки.
„Одлуката од Уставен се' уште ја немаме добиено, а кога ќе пристигне, ќе им биде дадена на експерти кои ќе ја разгледаат и ќе дадат препораки за натамошно дејствување. Во секој случај, станува збор за сериозна работа и треба внимателно да се постапува“, вели портпаролот на Министерството за финансии, Мартин Мартиновски.
Трговците се убедени дека тежината на одлуката на Уставен суд повторно ќе треба да ја понесат тие.
„Се' е импровизација во државава. Државата еднаш ни наметна обврска што не ја сакавме, а моравме да ја платиме, а сега повторно сака да не' рекетира и да ни земе пари за нејзина грешка, односно неуставна одлука. Не ми пречи надградениот софтвер, но сакам да ми се вратат парите што сум ги вложила за менување на фискалната меморија“, вели сопственичка на бутик.
Според неа, дуќанџиите немаат моќ да се изборат за своите права, бидејќи не се организирани и постојано се врши некој притисок врз нив, а со цел државата што подлабоко да им брцне во џебот.
„Требаше да се кренеме уште пред воведување на оваа мерка, но се прави постојан притисок со кој не' замолчуваат. Така ќе биде и доколку ќе треба да го платиме вадењето на софтверската надградба“, велат трговците. Сепак, трговците се поделени околу барањето одговорност кој е виновен за ваквата фискално патриотска збрка и кој треба да ја плати направената штета. „Едни велат дека тој што ја предизвикал штетата треба да си ја плати, други се со став дека било што било и дека Владата нема шанси да им враќа пари, па само бараат да не им се товари повторно тие да си ја платат наложената промена од Уставен суд“, велат трговците.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека тие побарале Министерството за финансии да ја преиспита одлуката за воведување на патриотските сметки уште пред нивното воведување, но тоа немало слух за барањата на трговците.
„На Министерството за финансии му беше предочено дека патриотските сметки ќе немаат ефект, а ќе значат само давачки за стопанствениците. Покрај тоа, трговците уште во април реагираа дека ваквите фискални, покрај пари, ќе значат многу одземено време поради новите бази на податоци, проблем со одредување на потеклото, краткото време за имплементација на мерката. Нашите сугестии не беа прифатени, а сега може ќе треба да ја поминат истата голгота“, вели Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија.
„Потрошувачите не гледаат на сметката дали купиле домашни или странски производи, туку дали им е вратено доволно кусур и дали некои производи имаат цени какви што биле наведени на рафтовите“, велат трговците.
Тоа дека фискалните патриотски сметки се дел од серијата грешки на Владата го потенцираше вчера и опозициската СДСМ и побара Владата да ја санира состојбата.
„Трговците треба да бидат обесштетени за трошоците што ги направиле за воведување на неуставните патриотски фискални сметки. Премиерот Никола Груевски и сите министри на ВМРО-ДПМНЕ мора да го финансираат повторното менување на софтверот и враќањето на фискалните каси во почетна состојба“, побара Макрадули.