Тито пак е пишман
Петковски не си заминува од Владата
Мнозинството ќе се зацврстува со ВМРО-НП, независните пратеници и со помалите етнички заедници
Светлана Унковска
Лидерот на НСДП, Тито Петковски, ги отфрла информациите во јавноста дека денеска партијата требало да донесе одлука за напуштање на власта. Вториот човек на партијата, пратеникот Иван Анастасовски, кој потврди дека таква одлука не постои, пред неколку дена самиот ја најави можноста да излезат од власта доколку Груевски им го одзеде министерското место во економијата.
„Станува збор само за шпекулации. Партиското раководство не донело никаква одлука за напуштање на владината коалиција ниту, пак, имало такво размислување во партиските редови“, вели Петковски. Овој став го потврди и вториот човек на партијата, Иван Анастасовски, иако неделава токму тој изјави дека доколку им биде одземено Министерството за економија, тогаш следното што ќе го направат е да излезат од Владата.
„И натаму стојам на тоа што го реков дека не гледам зошто и натаму би останале во власта ако не биде реализирано нашето барање да ни ги остават сите места што ги добивме со влегување во коалицијата, а доколку ни го земат ресорот економија, останувањето во Владата ќе биде беспредметно“, рече Анастасовски.
НСДП веќе одамна чека премиерот Груевски да го предложи нивниот кандидат Предраг Трпевски да биде назначен за нов министер за економија на местото на Вера Рафајловска. Но, Груевски, кој се' уште нема донесено одлука кога ќе ги пополни испразнетите места, веќе е под притисок на коалициониот партнер Мендух Тачи, кој фрлил око на првата фотелја во економијата. По постојаните закани и контрирања на НСДП и условувања и притисоци на ДПА, се лиферуваат информации дека пред владиното рекомпонирање, во коалицијата ќе бидат поканети и ВМРО-НП, независните пратеници и помалите етнички заедници. Со тоа Груевски, наводно, ќе си обезбеди посилно парламентарно мнозинство, кое нема да зависи од постојаните несогласувања со партнерите во власта.
Петковски не смета дека на Груевски му е потребно вакво засилување, бидејќи со заминувањето на пратеничката Мирјана Секуловска, а претходно и на Јагнула Куновска во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, не е направена штета на парламентарното мнозинство, затоа што тие ќе продолжат да ја поддржуваат коалицијата на власт во носењето одлуки во Собранието. Тој не сака да верува во ваквите комбинаторики, затоа што, според него, ВМРО-Народна нема кадри. Тој очекува Груевски да ги прекине шпекулациите со тоа што ќе закаже седница на која ќе бидат именувани министрите и заменик-министрите за кои веќе се предложени имиња.
„ВМРО-НП остана само со тројца пратеници и не мислам дека Груевски ќе сака да формира ново парламентарно мнозинство со нив“, сигурен е Петковски.