- Член од
- 29 јуни 2005
- Мислења
- 1.284
- Поени од реакции
- 14
НАТО и ЕУ ќе попричекаат додека Груевски ја заврши домашната задача, а таа, богами, може единствено да се одработи ако Македонија е во самизолација. Треба да се завршат некои мачни и валкани работи затоа Македонија мора да биде далеку од очите на Европа и демократскиот свет. Груевски ја остварува дамнешната идеја на Љупчо Георгиевски да се создаденова класа, нова олигархија која директно извира од десницата. Тоа треба да се направи со нови револуционерни закони како во времето на комунизмот со експропријација и со национализација, да им се одземе имотот на сегашните олигарси за кои поради начинот на приватизацијата во јавноста е создадена негативна слика. Груевски ја презема улогата на балкански Путин и во негов стил ги меша правдата и правото. Големите неправди што се направени во Македонија со приватизацијата кога на голем дел од граѓаните им беше оневозможено да учествуваат во распродажбата на државниот имот, се користат како параван за сега да се направат потези со цел да им се одземе дел од имотот на сегашните олигарси, што наводно ќе биде предмет на нова поправедна распределба. Со тоа ќе се создаде правна несигурност и големи штети за компаниите во подем.
ВМРО-ДПМНЕ и Груевски влегуваат во фаза кога веќе се одбрани бизнисмени кои влегуваат во вмровскиот естаблишмент и кои ќе раководат со партиските пари преку привилегирани државни бизниси кои почнуваат агитпроповски и акцијашки со садење милиони дрвца и градење на училишта и фискултурни сали, а завршуваат со изградба на брани, термоцентрали, големи земјоделски чифлици, латифундии... Во наредните четири години Груевски ќе подели близу десет милијарди долари кеш само буџетски пари, а тој износ најверојатно двојно ќе се зголеми преку разни концесии за изградба на автопати, за експлоатација на рудно богатство, изградба на брани и термоцентрали, аеродроми, се очекуваат и дополнителни пари од натамошна доприватизација, која не е завршена. Значи, преку дваесет милијарди долари ќе има Груевски на располагање да дели до наредните избори. Тоа е огромен капитал за респект дури и во развиениот свет. За да се оствари овој амбициозен план, четири години е кус период за создавање нова класа за што по еволутивен пат во историјата се потребни децении. Затоа се впрегнати сите сили за создавање брза неприродна симбиоза меѓу десницата на ВМРО-ДПМНЕ и крупниот капитал. Се игра грубо со донесување нови закoни за национализација и експропријација по итна постапка. Затоа во овој период мора судството да биде под контрола во сите инстанци од Основен суд до Врховен, од Судскиот совет до Апелационите судови и Уставниот суд, до Јавното обвинителство и се' што значи судство и процесно право. Поделбата на оваа огромна сума пари под закрила на закони кои се во директна спротивставеност на европските права има единствена цел да создаде нова бизнис-елита и нов културен и научен естаблишмент. Тоа е најголемата операција која Груевски ја почнува поамбициозно од неговиот претходник Љупчо Георгиевски. Затоа, македонската Влада и судството нема да се занимаваат со огромен број пропаднати претпријатија како последица на нивното обезврднување и сомнителна приватизација чиј имот едноставно го снема во лавиринтот на хипотеките и на грабежите, туку ќе се занимава со ревизија на приватизацијата кај големите и успешните компании. Подготовките за тоа се завршени. Во јавноста одамна има негативен одиум спрема македонската приватизација. Таа претстава подеднакво ја создаваа сите власти. Во секој случај, Груевски и коалиционите партнери успеаја и медиумски да се засилат за овој голем потфат како што е создавањето нова класа, па од 25 национални телевизии, најмногу во светот по жител, 24 се под контрола на партиите во власта. Во стотици локални радио и телевизиски станици контролата е речиси стопроцентна, со еден или два исклучока, а во приватните весници за неполни две години се сменети сите клучни главни уредници, преку сопствениците на медиумите и под директен притисок на Владата.
Во ваков амбиент секое приближување кон ЕУ и кон НАТО или кон какви било светски демократски стандарди се смета за опасност од нарушување на историската мисија. Затоа Нимиц ќе дава се' нови и нови предлози кои ќе ги слушаме со молчење, а ќе ги обвинуваме гласно сите за заговор против Македонија, ќе блефираме дека сме многу јаки и можеме сами, додека нашиот „Путин“ не ја испили новата вмровска олигархија. Првите примероци старо-нови олигарси веќе пропеаја на вмровското буниште. Се чекаат следните петли на Груевски.
ИЗВОР
Se e chista "vistina" a "realen",koga Erol ja potvrduva tezata na Frchkovski .Da plachesh ili da se smeesh.
Болниот од Балканот
Дефиниција на она што ни се случува е дека нашата демократија е пред колапс - соочена со корпоративна држава, авторитарни методи на власт и меѓународна изолација. Првото искушение на овој мал наш монструм ќе биде наесен. Ако се одлучи за изолација, без решение за името: системот, иако не признавајќи, ќе се делегитимира

Како што на почетокот на дваесеттиот век Турција беше означувана како „болниот на Босфорот“, така на почетокот на 21 век Македонија почнува да ја означуваат како „болниот на Балканот“. Како се случи тоа ? Уште повеќе, со што го заслуживме тоа?Има една теорија за тоа зошто се вмро-овциве (од овој нов ков) толку ступидно упорни во одбивањето на евроатланските интеграции. Секако дека е наивно да се верува во плитката реторика дека е тоа заради уцените за името (посебно во светло на добрата формула што е на маса за негово разрешување).Значи, без претензии за конспиративни рефлексии, ќе си дозволиме неколку цртички анализа на можните мотиви за оваа суицидалност на лидерството.
ВМРО очигледно сака да создаде своја „буржоазија“!
За тоа му се погодило лошо време бидејќи, ако влеземе оваа година во НАТО и подоцна во ЕУ, нема доволно време за таква крупна промена на сопственичките соодноси.Наместо партиско престројување, ќе влезе вистински свеж капитал и развитокот ќе отиде во друг правец. Затоа според стрвниве вмровци потребно е да се добие време надвор од тие контролни механизми на „меѓународната“. Имено тие сметаат дека не треба да брзаме со влез „следните 4 години“ во ништо што импонира вистинска контрола на норми однадвор на дивата власт однатре.Таа програма на изолација проследена со вмровска експропријација внатре, треба, според нив, да се остварува со агресивна пропаганда на „исполнување на критериуми и бенчмаркови“ за прием во тие организации (кои всушност ги избегнуваат). Тоа е незадолжителна игра што ги покрива валканиците на грубата контрола што се спроведува во стварноста.
Техниката на владеењето, во кое има систем (со орнаменти на глупоста и грубост) е убиство на „владеењето на правото“. Ако досега тоа беше слабо, сега е конечно пред клиничка смрт. Техниката со која тоа се убива е ПРЕНОРМИРАНОСТ. Се создава мрежа од конфликтни закони и уредби во секоја точка на системот на социјални односи: во бизнисот, невладиниот сектор, судството, образованието, здравството. Секаде намерно постојат неколку истовремено важечки правила и закони што се преклопуваат и се контрадикторни. Последица од тоа е дека системот е непредвидлив и несигурен. За која било акција не можете да се потпрете на предвидлива норма што јасно ве води до целта, туку на интервенција од некој од власта. Ако одбиете таква интервенција, може да ве „закачи“ некоја од контрадикторните норми и вие сте во секој момент ранлив.
Тоа е основната технологија на владеење денес во Македонија. Наспроти овој развиен систем, власта - како што напоменавме - користи реторика на божемно поедноставување на системот на норми? Имено, пропагандно зборува нешто сосема спротивно на операцијата што е во тек.Тоа медицински се дефинира со недостаток на витамин Б-15 кај личноста или Корсаков-синдром: наречен поинаку патолошка или восочна ЛАГА (Konfabulacia Cerea).
За да успее операцијата на опишаното државно рекетирање потребно е воспоставување строга контрола врз протокот на пари преку тендерите и државните услуги. Затоа власта тврдо се пресметува со ситната корупција во пониските ешалони (со медиски спектакли на апсење), за тоа време крупната централна корупција ја разви до невидени размери во Македонија, се' во рацете на партиската „фамилија“. Тие направија и за себе и за партијата пари, а остана и за капење пари до слоевите на население што постојано се корумпира со ситна помош. Државата е сеприсутна со своите мрежи на рекет - тоа се нарекува корпоративистичка деформација на демократијата. Втор услов за оваа операција да се одвива мазно е онеспособување на улогата на независното судство. Повторно под реторика на спроведување европски реформи, судството е пред партиски диктат и растур-систем од невидени размери досега. Како е возможно под превез на реформирање кон ЕУ судството да е позависно и помалку способно за неутрална просудба од кога било во македонската историја? Ова е наша државна трагедија со долгорочни последици. Втора трагедија што ја сметам за смртоносна е скоро комплетната партизација на државната администрација.
Кога во мултикултурно општество, единствената неутрална оска за сервис кон различните културни сегменти и граѓани се партизира - тоа е знак за распад, не за развој. Страничните удари кон медиумите, универзитетот, здравството и слично се само втори колосеци на основната КОРПОРАТИВИЗАЦИЈА на државата во партиски раце. Дефиниција на она што ни се случува е дека нашата демократија е пред колапс - соочена со корпоративна држава, авторитарни методи на власт и меѓународна изолација. Првото искушение на овој мал наш монструм ќе биде наесен. Ако се одлучи за изолација, без решение за името: системот, иако не признавајќи, ќе се ДЕЛЕГИТИМИРА. Неговите 100 чекори лежат на општ консензус за два чекора: НАТО И ЕУ. Ако тоа стане далечна иднина, оваа власт треба да си оди што побрзо. Нема ништо повеќе што таа може да понуди.
Љубомир Д.Фрчкоски
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?itemID=7BAA9D52AE5B24498785FA903AA9274A&arc=1