Косово нема да биде дел од Србија
Косово никогаш повеќе нема да биде дел од Србија, изјави на крајот од посетата на Москва американската државна секретарка Кондолиза Рајс.
Таа потврди дека на средбите со највисоките претставници на Русија не се изнајдени допирни точки за предлогот Косово да добие надгледувана независност, што има поддршка од Вашингтон и повеќето држави членки на Европската унија (ЕУ) .
Нема согласност со Русија за Косово, нема готово решение, ќе продолжиме да работиме, можеби ќе успееме да усогласиме резолуција, изјави Рајс.
Шефот на руската дипломатија Серге Лавров го повтори ставот на Москва дека предлогот на Ахтисари не е решение. Нема друг пат освен да продолжат преговорите меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово, изјави Лавров.
Тој додаде дека една од основните задачи е и да се минимизираат разликите меѓу Москва и Вашингтон.
Русија, како постојана членка на Советот за безбедност може да стави вето на резолуцијата за Косово. Ваквата можност официјално не е најавена, иако не може сосема да се исклучи.