Ескалација на протестите во Подгорица
Нередите избувнаа по завршувањето на протестниот собир пред парламентот некаде по 19 часот и 30 минути. Група хулигани ја пробиле заштитната ограда и со камења и шишиња почнале да маваат кон зградата на парламентот и кон полицајците кои ја обезбедувале.
Фрлена е и димна бомба. Нередите продолжија на неколку места во градот, но најжестокиот судир меѓу полицијата и демонстрантите беше пред владата.
23 полицајци и 11 цивили се полесно повредени. Меѓу повредените има и новинари и фоторепортери, а причинета е и голема штета во центарот на градот. Состојбата во Подгорица сега е мирна, но по улиците и понатаму е присутно силно полициско обезбедување.
До нередите дојде и покрај повиците на опозиционите лидери мирно да се разотидат. Протестот против владината одлука за признавање на независноста на Косово го организираа четирите просрпски опозициони партии.
На митингот не изостана ниту говорот на омразата. Учестуваа околу 10 илјади луѓе кои бараат од црногорската Влада најдоцна до среда да ја поништи „нелегалната одлука“ за признавање на независноста на Косово и парламентот да распише референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали се за признавање на Косово или не.
Во спротивно опозицијата ќе бара распишување на предвремени избори.
Извор А1