Ќе биде откажана целата сезона
Шефот на Здружението на професионални кошаркари во НБА лигата, Били Хантер, тврди дека двете страни во преговорите се толку далеку од постигнување договор што нема никакво сомнение дека целата сезона 2011/12 ќе биде откажана. Хантер е толку сигурен во својата констатација што вели дека дури и би се обложил дека претстојната година нема да се игра кошарка во НБА лигата.
"Нас во моментов н$ делат 800 милиони долари од конечен договор. Тоа е голема бројка за да се размислува дека може да се смени нешто во блиска иднина", изјави Хантер два дена откако играчите се сретнаа со сопствениците на клубовите на тричасовен состанок, но воопшто не ги приближија своите ставови.
За ваквата состојба тој ги обвинува сопствениците на клубовите за кои вели дека се толку цврсти на својот став за намалување на платите на кошаркарите што дури го минираат и Дејвид Стерн.
"Околностите се променија, па и Стерн во последните месеци не е толку тврд на својот став како што беше порано. Сепак, во овие шест-седум години во НБА се сменија сопствениците на голем број клубови кои платија многу пари за да дојдат на нивно чело и сега не сакаат никакви преговори кои би ги зголемиле нивните трошоци. Тоа значително ни ја отежнува работата и ако некој ме праша дали ќе се игра кошарка во НБА лигата наскоро, категорично ќе речам не", додаде Хантер. Интересно е тоа што токму тој уште од почетокот беше голем оптимист околу постигнувањето договор. Токму затоа пред еден месец им порача на кошаркарите да почнат потрага по клубови во Европа затоа што НБА лигата долго ќе биде на пауза.
Лигата засега нема официјален коментар на неговите изјави. Двете страни во преговорите се договорија да се сретнат повторно овој месец, но беше одреден точен датум кога точно ќе се одржи следниот состанок. Засега нема ниту откажани натпревари од регуларниот дел од сезоната за кој беше направен распоред пред околу 20 дена. Во сезоната 1998/99, кога последен пат имаше локаут и секој тим одигра по 50 натпревари, откажувањето почна дури во октомври што значи дека сега сопствениците и кошаркарите имаат два месеци за да ги решат несогласувањата.