Тврдоглавоста во оние случаи кога негативно ми се одразува во животов. Ретко ги признавам таквите случаи и пак тврдоглаво се убедувам дека сепак има нешто позитивно во тоа.
Јас-да-го-имам-последниот-збор ми создава тешкотии и во последно време се трудам да го сменам ова. Од желба да не бидам погрешно сфатена, но после сфаќам дека само ја комплицирам повеќе работата.
„Зошто да е просто кога може да е сложено“ знае да создаде одолговлекување на работите кои можат да се средат по брза постапка. Секогаш ја одбирам потешката опција, секогаш го бирам начинот кој бара повеќе вложување труд, енергија, време.
Емотивноста воопшто, а посебно кога ја вклучувам во ситуации во кои најмалку треба да биде вклучена. Често излегувам од рационалната рамка и пресудувам, постапувам, делувам водена од емоции.
Грижа на совест за банални и ситни работи. Со часови и денови може да ми оди паметот на одредена ситуација (кое исто така ми цица енергија), да се мислам и да ми е криво што сум рекла нешто. Ама добро, потоа или отворено ќе и` кажам на личноста дека ми е криво или ќе најдам начин да укажам дека мислам дека сум згрешила. Најчесто излегува дека не било толку страшно колку што сум се оптеретувала и сум изгубила време.
Мрзам неправда и веднаш реагирам.
Принципиелноста знае да ми создаде проблеми. Во смисла - не отстапувам од утврдениот принцип и стојам цврсто, а некој очекува да го погазам. Тука настапува благ конфликт, т.е. објаснувања зошто не можам поинаку. Си велам дека некогаш можеби треба да правам отстапувања, ама не можам.