Еве извештај од Време to e to
Кошаркарите на Свислајон Пелистер во до крај драматичен натпревар излегоа како победници во пресметката со Вардар Осигурување (90-87), еден од најголемите ривали во битката за пласман во плејофот, но и за освојување на третото место на табелата.
Битолчани носени на крилјата на четириилјадната публика во салата „Младост“ одиграа одлично во финишот и иако губеа со седум поени на пет минути до крајот (70-77), сепак, собраа сили и направија резултатски пресврт. Пелистер сега е на делба на третото место со идентичен скор како и Вардар (14-10). Во случај двете екипи да имаат ист број бодови и на крајот од Суперлигата тогаш во предност ќе бидат „вардарци“ кои имаа подобра кош-разлика во меѓусебните дуели во кои резултатот е изедначен (2-2).
- Со големо залагање и верба во себе дојдовме до победата во дуелот со Вардар, кој се покажа во одлично светло. Сега сме на мал чекор до плејофот што за нас е голем успех - изјави Зоран Тодоровиќ, тренерот на Пелистер.
Јунак во триумфот беше Србинот Милан Миљковиќ, кој мечот го заврши со 25 поени, четири скока и шест асистенции. Одлично одигра и неговиот сонародник Бранко Мирковиќ (23 поени). На гостите од Скопје не им помогнаа ниту фантастичните 17 тројки од 36 обиди, најмногу поради дури десетте промашени слободни фрлања (8/18). Перо Блажевски вообичаено беше најдобриот кај Вардар со 23 поени и пет скока. Солидни беа и Доминиканецот Карлос Морбан (16 поени) и Енес Хаџибулиќ (15 поени).
МЗТ и ја подари победата на Струмица
Иако кошаркарите на МЗТ Скопје го имаа водството се до финалните моменти од пресметката на гости со Струмица 2005, сепак, на крајот, тие дома си заминаа како поразени и тоа со резултат 66-72. „Металците“ последното водство го имаа на 78 секунди до крајот (66-65), но потоа направија низа грешки допуштајќи му на лидерот на суперлигашката табела со серија 7-0 да ја запечати победа, која сино-белите сериозно ги оддалечи од местото во плејофот. Гркот Василис Кицулис беше творецот на победата на Струмица 2005 со учинок од 27 поени, три скока и три асистенции додека Ѓорѓи Талевски со 16 поени беше најефикасен кај МЗТ.
Работнички го прегази Фени индустри
Со повеќекратна камата кошаркарите на Работнички им вратија на колегите од Фени индустри за поразот во првиот дел од Суперлигата победувајќи го во завчерашниот меч во Скопје со дури 47 поени разлика (114-67). Шампионот, конечно, заличи за себе, пред се офанзивно реализирајќи дури 17 тројки од само 28 обиди. „Шпедитерите“ по подолго време ја имаа и доминацијата во скок-играта (38-19).
Србинот Немања Пауновиќ со 27 поени и 10 скока беше најзабележителната фигура во таборот на Работнички, во чии редови одлична поентерска вечер имаа уште Диме Тасовски (24 поени), Тони Симиќ (24 поени) и Владо Поповиќ (22 поени).