Ќе врие од обезбедување, и од други работи. Ако не го прогласиле до сега, брзо ќе биде прогласен за меч од висок ризик.
Европската кошаркарска федерација (ФИБА-Европа) една година однапред реши да го прогласи дуелот помеѓу Македонија и Грција за меч од висок ризик, откако двете репрезентации се најдоа во иста група на завчерашната ждрепка во Варшава. „Нова Македонија“, која беше на местото на настанот, можеше да ги забележи загрижените лица на водечките луѓе на ФИБА-Европа и на организаторот Полска, кои постојано се туфкаа како баш овие две репрезентации се најдоа во иста група.
Организаторот очекува наелектризирана атмосфера во Познањ, каде што на 7 септември в година ќе играат Македонија и Грција, а веќе отсега е најавено присуство на најмалку 5.000 навивачи од двете земји.
Политичкиот проблем што со години го имаат Македонија и Грција и можноста од физичка пресметка помеѓу грчките и македонските навивачи, кои ќе бидат стационирани во градот Познањ каде што двете репрезентации ќе играат во првата фаза од кошаркарското ЕП следниот септември, придонесе челниците на ФИБА-Европа да направат можеби досега невиден чекор - ќе воведат дополнителни мерки за безбедност за да не дојде до несакан инцидент.
Иако до почетокот на ЕП има уште 10 месеци, организаторот на ЕП уште отсега почна да размислува како да спречи какви било инциденти во Познањ, како на трибините така и на теренот. На сите им е јасно дека тоа ќе биде меч полн со емоции и со меѓусебна нетрпеливост и дека само со беспрекорна организација и будност ќе можат да се спречат непосакуваните инциденти. Уште отсега е најавено присуство на 4.000 грчки и најмалку илјада македонски навивачи, кои ќе бидат во речиси постојан меѓусебен контакт во полскиот град во близината на германската граница, каде што ќе се играат средбите од групата А.
- Познат ни е проблемот што го имаат Грција и Македонија. Пред ждрепката посакувавме овие две репрезентации да не паднат во иста група, бидејќи ни беше јасно дека ќе добиеме потенцијално жариште на проблеми. Сепак се случи тоа и сега ќе мора да размислуваме на превентивните мерки. Ќе сториме сè безбедноста во Познањ да биде на највисоко можно ниво. Имаме доволно време да размислиме како да се справиме со проблемот, а верувам дека ќе имаме помош и од грчка и од македонска страна. Верувам дека на крајот ќе излезе дека попусто сме се плашеле и дека сè ќе мине во најдобар ред - ни изјавија од полската федерација.
Во ФИБА-Европа планираат да им помогнат на Полјаците во организацијата на овој натпревар, кој уште отсега е прогласен за меч од висок ризик. Во разговорите со челниците на европската федерација дознавме дека тие ништо нема да ѝ препуштат на случајноста и дека ќе бидат подготвени на сè. Дури и судиите ќе бидат посебно одбрани и подготвени, бидејќи од нивното делење на правдата може да зависи и расположението на навивачите.
- Па и не мораше Грција и Македонија да паднат во иста група, но што е тука е. Природата на односите помеѓу двете земји ни налага да го прогласиме мечот од висок ризик и да побараме посебни мерки за безбедност. Сите наши комисии ќе дадат свој придонес кон што е можно подобро организирање на средбата. Судиите мора да бидат крајно неутрални, смирени, бидејќи нивната нервоза може да се пренесе на теренот. Има доволно време да се покријат сите аспекти од овој неочекуван проблем што се појави пред нас - коментираат во ФИБА-Европа.
За разлика од челниците на полската и на европската федерација, претставниците на Македонија и на Грција беа задоволни што ќе играме меѓусебе. Претставниците на другите земји-учеснички на ЕП по ждрепката коментираа дека тоа ќе биде меч што не смее да се пропушти, вистински шлагворт на првиот ден од европскиот собир на најдобрите.