Пред некој ден едно комшиче ни донесе малечко маче (месец до два старо) што го нашол фрлено на улица. Го прибравме, му дадовме јадење и иако отпрво другите три мачки кои ги чуваме не го прифаќаа, на крај сепак испадна да си играат со најмалиот мачор. Он си игра со него ко со глувче. Ми беше страв да не го изеде, зошто буквално си игра со малово ко со глушец, ама сепак е здраво-живо се уште.
Денес, после дождот на пат кон автобуска слушнав жално мјаукање на истото место каде што го фрлиле првото маче. Меѓу тротоарот и ѕидот на една куќа видов уште едно, целото склопчено, мокро, се тресеше од студ и едвај, без душа мјаукаше. Какви бездушници се тие што ги оставаат така мачињата, мене стварно не ми е јасно. На враќање кон дома го зедов мачето (среќа уште беше живо), но сега немаше сили ни да мјаукне. Само се тресеше, склопчено во рака кај мене. Го однесов дома, го избањав и го исушив со фен. Заспа. Попладнево се разбуди, почна да се движи и повторно да мјаука. Му дадов и да јаде, и по малиот оброк повторно заспа и се уште спие. Кутрото, којзнае колку му било ладно додека го врнел дождот. Другите мачки и него не го прифаќаат, но неговото малку постаро врсниче (или можеби братче) си игра со него.
Утре од сабајле ќе одам и двете да ги прочистам од глисти и болви. Е сега, пошто навистина е премногу 5 мачки, и не сум во можност да ги чувам сите, ве молам - доколку има некој што сака да вдоми две прекрасни мали душички, нека пише. Се надевам ќе се најде некој таков.