еве како е официјалната вест пренесена од МИА:
Клириншкиот долг на Руската Федерација кон Република Македонија ќе биде подмирен во износ од 60,5 милиони американски долари преку реализација на проекти, особено во областа на гасоводот, изјави денеска вицепремиерот Зоран Ставревски.
Ставревски на денешната прес-конференција информира дека деновиве од Москва е добиена потврда на владиното барање за целосна исплата на долгот во износ од 60,5 милиони американски долари, а не како што било парафирано и прифатено од минатата влада подмирување на долгот во износ од 48,5 милиони долари.
Со ова Македонија добива 12 милиони американски долари повеќе што според вицепремиерот Ставревски е многу важно затоа што Македонија ќе располага со повеќе средства за реализиција на проектите со кои ќе се затвара овој долг.
- Веќе имавме прелиминарни разговори со министерствата во Русија за проектите кои ќе бидат опфатени и примарно долгот ќе биде искористен за реализиција на проектот за гасификација на Република Македонија, рече вицепремиерот Ставревски.
Врз основа на преговорите кои ги имале со руската страна, тој очекува да бидат реализирани четири до пет проекти и тоа примарниот и секундарниот гасоводен прстен околу Скопје, магистралниот гасовод од Клечовце преку Велес кон економската слободна зона во Штип и до термоелектраната Неготино и магистрален гасодовд кон Тетово и економската слободна зона во Тетово.
- Согласно прелиминарните предвидувања овие проекти веројатно ќе чинат околу 80-тина американски долари, што значи дека износот над 60 милиони долари колку што е долгот на Русија ќе биде контрибуција од буџетски средства од Република Македонија, појасни Ставревски.
Проектите треба да се реализираат во перидот од две до три години.
Потпишувањето на Спогодбата ќе биде најверојатно на почетокот на ноември, по што ќе следува оперативна реализација на Спогодбата. - За две до три години Македонија ќе биде целосно гасифицирана и проектот ќе се реализира во повеќе фази во зависност од динамиката која ќе се утврди на работно ниво, рече Ставревски.
Од македонска страна останува да се одредат компаниите кои ќе учествуваат во реализицијата на проектот, односно да се одреди компанијата што ќе биде носител на проектот и подизведувачите.
Ќе стапиме во разговори со „Гама“, а бидејќи се работи за магистрални гасоводи транспорт и пренос на гас, очекуваме да се постигне договор. Ако не се постигне договор ќе се најде решение преку друго јавно претпријатие. Меѓутоа очекувам дека ќе имаме разбирање со „Гама“. Таа има добра експертиза и познавање во оваа област и не гледам причина да не се реализира овој проект заеднички, истакна воцепремиерот Ставревски.