Возот пристигна на последната станица. Ме пречека троглавиот Кребер, гаден пес. Со него е и еден свиен во плеќите, како Квазимодо со грпка кој посака да ми помогне околу ранецот. Кој носи не проси, си понесов неколку џемпери, не попусто рекле, when Hell freezes over, а јас имам подолг престој, можеби ќе дочекам. Да не ми достуди навикнат на мемлавата миризма и горештината. Понав да се потам, да го цедам алкохолот од телово, да се трезнам. Неописливо гадно чувство, морав да се напијам. Застанав и ја грабнав матарката. Топла водка. Ужас, ама за повисока цел. Среќа понесов од онаа матарка што никогаш не се празни, секоја голтка се надополнува. Колку што сум упатен, секој може да понесе две нешта со себе кога оди на подолг престој. Јас, секако матарката веднаш ја спакував, а околу второто се думав долго. Барем додека не се опијанив. Потоа се беше лесно. Табакерата. Нормално, каде се видело и чуло да се налева некој без цигара. Јас не сум будала. Само доброволец. Вечен. За се. Пијаница никако, а сепак пијам секојдневно.
Нема назад, помислив, нема враќање. Или има, ама сеуште е рано на тоа да се размислува. Дали земав преслека, долна облека ми провеи низ главата. Што е важно. Барем има топла вода. Не мора да ја измислувам повторно. Ќе перам почесто. Се прашувам, колку време ќе ми треба да му ги соберам парите на Лиуцифер. Манијак бил по коцкање, а јас сум најдобриот. Дури и животот не можев да си го прокоцкам. Ќе биде интересно. Јас против него и сета негова моќ на урнисан ангел. Повторно сам против сите. Не верувам дека ќе ми биде потребно многу. Што потоа, се прашувам? Што кога ќе снема пари. Во што ќе се коцкам. Со Смртта се искоцкав да не умирам. Со Луцифер немам идеја. Не ми се презема пеколот. Чуму ќе ми е. Бездруго тоа ќе ми го понуди. Будала. Ако загуби, а тоа е една од неминовните вистини, каде ќе го сместам. Жив ќе го одерат ако го фрлам во казанот со останатите. Да ми додева постојано ако го задржам тука, некаде, крај мене, не сакам. Не сум будала. Можеби луд, ама будала никогаш. Среќлија. Ќе ми дотекне нешто.
Ту, ама смрди. Ќе се навикнам. Секој се навикнал. Полека се движиме по патеката која води до дворецот изграден од коските на поразените во дамнешната битка за премоќ на небото. Најмилиот ангел, сега шеф на подземјето. Потоа се прашуваме од каде кај луѓето такви идеи. Кој ако не ближниот. И Цезар бил убиен од Брут. И од другите, ама Брут прв му го зарива ножот. И тие двајцата се тука некаде. Можеби ќе ги ставам заедно. Некое време ќе биде интересно да гледам како се препираат.
Оваа жега е неснослива, ме трезни со исто темпо со кое се опивам. Умна работа направив што фрлив зар со Дедо Мраз. Место вреќата со подароци му ја собрав матарката. А ми ја нудеше. Веројатно да ме прелаже јас да морам да му ја вршам работата. Матарката е чудна работа, плачеше по неа. Сега нема што да го загрее на Нова година. Не е проблем за него, еден ден во годината и се жали. Да помисли човек дека е алокохличар.
Досадно е. Не требаше да играм во бесмртност. Проклетана Смрт не сака реванш. Вели победникот нема право да бара реванш. Малодушен станувам. Се трезнам веројатно, треба повеќе да пијам. Додека се навикнам.
Дојдовме. Овој грбавиот ме нервира. Тој ќе го одерам, нека пишти. Мора ли цело време да ми раскажува дека Луцифер нема досега загубено на коцка. Знам, затоа дојдов, да проверам. За се има прв пат со мене. Среќлија сум. Не сум јас виновен, наречниците, лути на татко ми, на третата вечер кога сум се родил, ме проколнале никогаш да не загубам облог.
Ќе отспијам.
Потоа можеби ќе се прошетам малку. Велат убави жени имало. Не знам. Ќе видам. Мене, сепак, сеуште ми се мислите на друго место, кај друга девојка. Уморен сум веќе. Со ноќи немам спиено. Време е да дремнам.
Salut.