Мал поздрав до малата
Билјана Секуловска
Сите сакаат да бидат Миркуловски и Мекејлеб
Двојно, па дури и тројно е зголемен бројот на деца што се запишуваат во ракометните и во кошаркарските клубови по успесите на домашните репрезентации. Спортските работници предупредуваат дека овој импулс треба мудро да се искористи
Успехот на репрезентациите ги наполни спортските сали
Ако ви треба слободен термин во некоја училишна сала, воопшто не се обидувајте да најдете, оти нема! Тие се веќе зафатени од многу спортски клубови, во кои деца тренираат различни спортови. Најполни се сепак салите, кога има тренинзи по ракомет и кошарка, оти успехот на македонските репрезентативци на европско ниво натера стотици деца да сонуваат еден ден да бидат како Филип Миркуловски или Перо Антиќ. Нивните тренери веќе ги препознале оние талентираните, па со нив работат по посебна програма.
И додека децата сонуваат и тренираат, спортистите предупредуваат дека државата мора постојано да инвестира во нив, оти единствено така се стигнува до успеси на национално ниво.
- Успехот на репрезентативците го зголеми бројот на деца што тренираат ракомет. Ако лани имавме околу 200 деца, сега тој број е 350. Тренинзи имаме во шест училишта во Скопје. Имаме и мини-лига, што не е случај со другите ракометни клубови. Најголема и најдобредојдена е поддршката од Ракометната федерација, но и од општините, кои ни одобруваат термини за тренинзи во училиштата – вели Горан Стојков, тренер на младинските категории на Металург.
Во клубот се прави организирана селекција, со која се издвојуваат талентираните деца.
- Вложуваме во нив. Со талентираните имаме поактивни тренинзи, работат со стручни лица, сé со цел да не престанат да играат. Единствен клуб сме што вложува комплетно во талентираните деца – додава Стојков.
Во клубот се прави организирана селекција, со која се издвојуваат талентираните деца.
- Вложуваме во нив. Со талентираните имаме поактивни тренинзи, работат со стручни лица, сé со цел да не престанат да играат. Единствен клуб сме што вложува комплетно во талентираните деца – додава Стојков.
„Нова Македонија“ вчера присуствуваше на тренинг по кошарка на клубот Карпош-Соколи во училиштето „Војдан Чернодрински“.
- Едвај чекам да дојде денот за тренинг. Сакам да сум како Бо Мекејлеб – вели четвртоодделенецот Христијан, кој една година тренира кошарка.
И во овој клуб е значително зголемен интересот кај децата, по успехот на репрезентативците во Литванија. Горан Костовски, тренерот на младинските категории, вели дека бројот на деца не е двојно, туку речиси тројно поголем.
- Лани имавме околу 110 деца, а сега кошарка тренираат преку 250. Од сите нив, има шестмина што се многу талентирани. Со нив работиме пет пати во неделата. Тие работат по посебна програма, имаат поредовни тренинзи. Еден ден ги гледаме во репрезентација, тоа ќе е најголемата клупска сатисфакција – вели Костовски.
Овој период, кога е драстично зголемен бројот на деца-вљубеници во спортот, клубовите мора да го искористат, смета Гино Стрезовски, декан на Факултетот за физичка култура.
- Ако училишните ракометни клубови го искористат овој момент и сериозно работат со децата, тоа еден ден ќе донесе многу спортски успеси за државата. Мора да се искористи потенцијалот, па за пет години отсега машкиот ракомет со сигурност ќе биде на повисоко ниво од сегашното – изјави Стрезовски.
И Влатко Неделковски, асистент по предметот ракомет на Факултетот за физичка култура и тренер на младинците и на сениорите во Работнички, смета дека мора да се искористи ваквиот голем интерес кај децата за спорт.
- За да има бенефиција државата по неколку години, со нив интензивно треба да работат и клубовите, но и федерацијата, која е мајка на сите ракометни клубови – рече Неделковски.
Мојсоски: И петмина да стигнат до репрезентација - успех е
Зголемениот интерес несомнено ќе и донесе успех на државата. Дај боже сите тие деца да продолжат да играат и да стигнат до репрезентација, вели ракометарот Наумче Мојсоски.
- Од тие 2.000 деца, петмина да се квалитетни играчи ќе биде доволен успех. Идејата за функционирање на спортските академии во средното фискултурно училиште е одлична, оти најголем е вакуумот на таа возраст - од 14-15 години до 27 години. Тој простор мора да се исполни – изјави Мојсоски.
Дека преполните училишни сали ќе ни донесат успеси смета и Врбица Стефанов, спортски директор на кошаркарската репрезентација.
- Успехот на спортистите влијае на децата. Тоа го гледам по син ми. Кога беше актуелна кошарката, играше кошарка, сега по успехот на ракометарите сака и ракомет. Дефинитивно, преполните училишни сали за тренинзи ќе и донесат добивка на државата по неколку години. Само мора да има континуитет, да се инвестира во спортистите – вели Стефанов.Кастратовиќ: Ќе одиме на Олимпијада
По неколку години може да очекуваме да се изроди уште некоја успешна репрезентација како што беше оваа што освои петто место на Европското ракометно првенство, вели македонската ракометна легенда Индира Кастратовиќ.
- Ќе имаме ракометари што ќе се пласираат и на Олимпијада и на светски првенства. Покажавме дека спортот е најголем амбасадор. Мора да се вложува континуирано во овие деца, за да успеат – смета Кастратовиќ.
Таа има свој ракометен клуб, кој се вика Кастратовиќ. По успехот на македонската ракометна репрезентација во Србија, во клубот се јавувале сé поголем број родители што сакале да ги запишат своите деца на ракомет.
МОН изградило 21 сала низ Македонија
Дваесет и една спортска сала се веќе изградени и се користат, а други 29 се во градба, информираат во Министерството за образование и наука. Салите што се наменети за учениците се дел од проектот „Изградба на 145 спортски сали“. Нивната изградба државата ќе ја чини вкупно 58 милиони евра.
Се градат два типа фискултурни сали. Едните се од 650 квадратни метри и чинат по 23 милиони денари, а вториот тип се поголеми и се простираат на 1.300 квадратни метри. Една ваква поголема сала чини 39 милиони денари.
Талентираните имаат поактивни тренинзи: младинска школа на ракометниот клуб Металург
Автор: Антонија Поповска Христов Фотографија: Игор Бансколиев