На НЕУТРАЛЕН ТЕРЕН .. ХА!
„Излези момче“ пак ќе ечи: распродаден македонскиот сектор во „Скандинавиум арена“!
Македонија натпреварите ќе ги игра во „Скандинавиум арена“ во Гетеборг, каде што освен домаќинот Шведска, на турнирот ќе учествуваат и Бразил и Унгарија, со која играме во првото коло и која мораме да ја победиме ако сакаме да освоиме едно од првите две места на табелата што водат на Олимпијадата во Лондон.
Вкупно 1.500 места во секторите зад головите се распродадени, засега останале уште 500 слободни места за најниската цена од 195 шведски круни (22 евра). На официјалната веб-страница (
www.ticnet.se) за купување билети за натпреварите на Македонија со Унгарија, Шведска и Бразил се гледа дека организаторот назначил на секторите кој ќе биде за македонските навивачи и токму таму веќе местата се при крај. Има избор да се купуваат билети и за другите делови од салата, но тие се многу поскапи и достигнуваат цена од 50 евра за дневен билет.

Каде и да одат, македонските навивачи прават фантастична атмосфера
„Излези момче“ ќе ечи и во „Скандинавиум арена“ во Гетеборг, зашто ако се суди по интересот, салата чиј капацитет за ракомет изнесува малку над 12.000 столчиња, ќе има минимум 2.000 Македонци.
Но и оваа бројка ќе биде мала ако се земе предвид фактот дека во Шведска има многу добро организирано друштво на македонски иселеници „Гоце Делчев“, кое нема да ја пропушти шансата да ја бодри четата на Кирил Лазаров. „Гоце Делчев“ постои 42 години и е најстарото, но и најактивно друштво на иселеници од Македонија, а неговите членови ја бодреа македонската репрезентација пред десетина години, кога гостуваше токму во Гетеборг, на стадионот „Улеви“.
Засега нема информации дека е можно организирање чартер-летови со навивачи, како што беше случајот со ЕП во кошарка во Литванија, но неколку туристички агенции од Македонија најавуваат дека ќе понудат специјални аранжмани, но со автобуси. Откако на последново ЕП во ракомет во Србија направивме вистинска инвазија и во Белград присуствуваа над 10.000 македонски навивачи, истото, но во малку помал обем, ќе се случи и во далечната Скандинавија.
Иако Гетеборг е оддалечен 2.200 километри од Македонија, нашите ракометари и таму ќе се чувствуваат како да играат пред домашна публика. Со ова значително растат шансите за пласман на ЛОИ во Лондон, што би било првпат за една македонката селекција да учествува на најпрестижното спортско натпреварување. Покрај ракометната, квалификации за учество во Лондон ќе играат и кошаркарската и ватерполо-селекцијата на Македонија.