Бесмислено е за мене до толкава мера да би се поврзала со предмет или со било која материјално заменлива ствар па да не можам навечер да спијам или да би ме тортурирала самата помислата на загуба на истиот. Судбината на допирливите нешта вклучува голема веројатност за нивно губење, гребење, уништување, кршење, потреба од нивно заменување, па во тој случај, која е поентата? Не можам да кажам дека нема да ми е криво ако лоша судбина го снајде предмет за кој сум жртвувала многу работи за да си го обезбедам, ама на крајот на краиштата не вреди многу жалење за работи за кои ако ништо друго, некаде околу нас барем ќе се најде било каков супститут.
Идентично на ова погоре, не се врзувам ни за конкретни места или локации што им оди во прилог на моите потреби и желби за честа промена на местото на живеење.
Врзување за луѓе кај мене е веќе дискутабилна тема зошто по сите изгледи ги надминува границите на нормалното и потребното. Во поглед на оваа тема се однесувам исто сега, како и на 15 години со далеку помало искуство во односите со луѓето. Грешките поврзани со нечување резерва кон луѓе кои наеднаш ти се појавуваат во животот и заради твојата отвореност кон примање нови личности во животот брзо ти се вовлекуваат под кожа, со секој нареден ден ги правам со поголема свесност и со помал страв од разочарување. Можеби најмногу заради фактот што не постои можност да бидам повеќе повредена во споредба со досегашните слични искуства, па на некој начин секое наредно разочарување од тој калибар го прифаќам со се поголема (ама не и потполна) рамнодушност.
Гледајќи од другата страна, гледам да не ги тортурирам луѓето кон кои длабоко ќе се врзам, од една страна од страв да не ги оттурнам непотребно од себе, а од друга страна затоа што на приврзаноста кон нив и се доволни и оние моменти кои тие самоволно ќе решат да ми ги посветат наместо беспотребно да ги давам со мои фанатични желби и потреби за вишок внимание.