Македонецот на Македонецот му е - Македонец
Се што исковале човечките општества во текот на вековите за да ги обележат своите разлики, за да подигнат граници меѓусебе и другите, ќе трпи притисоци со стремеж да се намалат разликите и да се избришат границите, вели Амин Малуф, современ француски писател од либанско потекло, во својата книга „Погубни идентитети“. Книгата на авторот што го носи идентитетот на својата родна земја, но и идентитетот на Франција, земјата што го прифатила, прави преглед на комплексниот феномен на идентитетот, со кој се занимавале филозофите од Сократ до Фројд. И кој се уште го скокотка интересот на модерните мислители.
Глобализацијата или мондијализацијата, двата назива за истата појава на унифицирањето на светот, отвора нови простори за мислење на идентитетот во времето кога сите сакаат да станат исти, останувајќи притоа различни. Можно ли е тоа?
Зошто да не, вели Малуф. Повеќе од кое и да е време во историјата, светот им припаѓа на сите оние што сакаат да си најдат место во него. Но, треба ли да потсетам, прашува тој, дека не сме во ерата на масите, туку, и покрај извесни п(р)ојави, во ерата на индивидуите.
Дали е навистина така? Какво место си бара Македонија во светот што се глобализира? Каде сме ние во сите овие превирања? Кои сме и какви сме?
Кога Македонецот се заложува за себе - националист е
1 Колкава е улогата на системот, на општественото уредување во градењето и одбраната на националниот идентитет?
- Организираниот систем е одраз на општественото уредување и само литературна форма е дека тој би застанал зад поединецот. Мислам дека и кога застанува зад поединецот, тоа го прави за да се одбрани себеси, ако смета дека нападот врз единката може скапо да го чини, т.е. ако смета дека би го загрозил системот. Поинтелигентните системи изградиле стратегија со која се штитат себе, но оставаат впечаток на грижа за единките. Нашиов општествен систем се гледа дека е во предадолесценција бидејќи се грижи само за себе.
2 Имаме ли ние проблем со идентитетот?
- Имаме. Пред се, историски, прашањето на македонската нација беше само работа на институциите и на разни научни трудови, а љубовта кон државата и нацијата, во периодот од 1945 до 1992 година, се манифестира низ љубовта кон Тито и СФРЈ.
Оваа шизофрена активност придонесе чувството кон македонското да е на ниво на „хоби“ или да е тајно, но тајно на историчен начин, за нешто што било порано, или љубовта кон Македонија да им биде препуштена на нашите „малцинства“ во другите држави. Во овој период се што било за Македонија, како да било против СФРЈ. Величењето на Македонецот, од тој период, се демонстрирало низ историски факти за страдање, порази и неуспеси - Карпошово востание, „Бегалка“ од Васил Иљоски, Ваташа, Февруарскиот поход, цар Самуил и др. Се сами порази и трагедии.
3 Но, се случувало национално да не мобилизираат атаците и негирањата. Може ли да се сакаме без да го мразиме другиот?
- Всушност, Јас + Ти + е една од основните тези на Ерик Берн и на трансакционата анализа, со која не се промовира алтруизам или некојси нереален однос на човекољубие до ниво на сопствено жртвување, туку спознавање на себеси и на другите и почитување на себе и на другиот. Кај нас е вкоренето, би било интересно и како тема за социолошко и антрополошко истражување, дека ако си го сакаш својот народ тогаш си националист. Така имаме секојдневно илустрација на два различни третмана на сопствената нација во Македонија. На пример,
кога Албанците во парламентот или во медиумите говорат и се заложуваат за својот народ, тоа е за очекување бидејќи тие си го сакаат својот народ. Од друга страна, кога Македонецот се заложува за својот народ, тогаш е националист или романтична „будала“.
Така, вистински личен пораст и развој би значело созревање, што подразбира дека доколку се сакам себеси и своите од сопствената нација тоа не е на сметка на другите.
4 Влијаат ли и оспорувањата на сето тоа? Дали и тие можат да мобилизираат или единствено создаваат доза на одбивност кон негаторите?
- Оспорувањата го јакнат чувството, но на бунтовен, адолесцентен начин. По мене припадноста на една нација историски оди и низ преоден НАЦИОНАЛИЗАМ, кој кај нас беше од минорно долг период (гледано од историски аспект) и непостоење на организации што би ги „казнувале“ оние што не се патриоти или што работат против својот народ. Најпосле, дел од чувството кон својот народ и почитувањето за него, како што гледаме низ историјата, оди и низ стравот од тоа да не те казни сопствениот народ или да те отфрли, но низ активноста на разни организации. Инаку, чисто метафизичка е реченицата „да те отфрли или казни народот“, бидејќи од аспект на реалност, нема казна од народ, тоа го прават поединци, систем или организација.
Реликтите на граѓанското општество се уште виреат кај нас
Македонија, како и поголем број земји во светот, ја карактеризира етничка хетерогеност во чија основа лежат разликите во однос на религиозните чувства, јазикот, начинот на живеење на сопствената културна традиција и погледот на живот. Вака опишаниот културен амбиент во Македонија, посматран од аспект на неговата мултинационална основа, сам по себе, не може да се определи како декохезионен фактор во однос на глобалната интеграција на поширокиот општествен систем.
Во најголем број случаи ваквата издиференцирана конфигурација (втемелена врз постојните културни разлики), резултира со широк спектар интеракции, кои нудат богатство од животни содржини во сите сфери на дадениот социокултурен реалитет. Овие сознанија само до пред неколку години беа конкретни животни искуства. Етноприпаѓањето, во меѓувреме, се повеќе станува заштитен знак за сопствена самоидентификација. Фундаменталните човекови социопсихолошки потреби за сопствен идентитет, за сигурност и за заедништво, во најголема мера, се реализираат во рамките на етничката група на којашто се припаѓа, а се помалку во однос на глобалниот општествен амбиент. Личните ставови се повеќе им го отстапуваат своето место на општоприфатените ставови, најчесто наметнати од политичките водачи на постојниот етникум.
Стравот и недовербата, којашто во последно време се повеќе се интензивира во меѓусебната (не)комуникација, одат во прилог на создавањето негативни чувства спрема претставниците од другите етногрупи. Се потврдуваат веќе присутните етнички стереотипи, а се губи чувството за човечност, блискост, пријателство и соживот.
Но, треба да се избегне мистифицирањето на проблемот. Подвоеноста на македонското општествено и на политичкото ткиво не е исклучиво резултат на хетерогената етноконфесионална структура на овдешниот културен амбиент. Различни етнокултурни обележја на овие простори постоеле од дамнешни времиња, а сепак се живеело во мир и толеранција. Актуелните конфликти се, во голема мера, лоцирани во политичката сфера. Додека етноприпадноста (во нејзината радикална верзија именувана како етнонационализам) претставува реликт кога е во прашање современото граѓанско општество, таа на овие наши балкански простори се уште е присутна како стварност од прв ред, односно претставува механизам за остварување одредени политички интереси и цели.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=1016&ArticleID=66900