Дечки, пак се скаравте. Вивисекцијата на секој општествен проблем, проследен со широка јавна дебата, е здрав процес за секое општество. Кај нас тоа го прават пар медиумски аналитичари, скриени зад некоја партија, кои го креираат јавното мнение. Технички, вршат пропаганда. Како и да ни се сервира, што и да ни се сервира, ќе го исркаме.
Пишував за општествена декаденција, а убав пост напишал и Дел Бој. Националниот дух е убиен со претходно донесените и усвоените декларации, договори, меѓународни отстапки и неверојатни правни преседани (баш Дејтон на кубик) кои резултираа со серија внатредржавни промени, дел премолчено имплементирани, процеси низ кои не поминала ниту една модерна европска држава во поновата историја, сем Босна.
Лично сум за промена на Уставот (фактички и сега ги има Бугарите, само ги нема технички ("и другите")), и онака Преамбулата е ужасна, но да биде проследена со формален реципроцитет (и нашите државјани да ги уживаат истите права во Бугарија односно Бугарија да ги признае како малцинство). Тука правото на образование не можеш да го оспориш затоа што веќе го има на правното мени, а по пат на аналогија, треба да им се даде и на Бугарчињата. Само не е задолжително, ко што сака Влатко. Дали треба да биде? Нека се објаснува Влатко.
Ако зборуваме за историските неправди, далеку повеќе сме трпеле од Турците, него ли од Бугарите. И да, на дедо ми дедото бил ранет на Брегалница, од бугарски куршум, поради тоа ја пропуштил првата светска војна. Тоа ми дава извесна легитимност да критикувам поединечни постапки, меѓутоа треба да се видат и разгледаат причините кои резултираат некои луѓе да посегнат по оваа алатка. Дали државата презела активни политики со цел овој проблем да го превенира? Дали имаме политики на сразмерен регионален раст и развој? Одредени градови немаат цели болнички одделенија, нешто што е најелементарно, што понатаму од тоа? Умираат на пат до Скопје. Поради пасивноста и незаинтересираноста на државата, која не ги санира реалните проблеми кои треба да се во нејзиниот делокруг, не гледам причина зошто би критикувал поединечни постапки.