Што е тоа што им се случило минатата година што во неколку наврати кажува дека била лоша година, дека оваа година сака сите да се на број. Да не починала баба и?
Каролина Гочева - Македонско девојче на 21 век
И оваа година ќе биде во знакот на пејачката која со својот изглед, глас и приказна не е случајно најсјајната ѕвезда на македонското естрадно небо.
По повеќе од една деценија се среќавам со Каролина Гочева, една од најважните личности во македонската популарна музика, што беше добар повод заедно да ги резимираме нештата кои сме ги пропуштиле во текот на годините, да ги најавиме новите проекти и да ја регистрираме реалноста – тука и сега. Да зборуваме за љубовта, пријателствата и искушенијата, кои од нас прават подобри луѓе...
Кога пред неколку години го објавивте албумот „Македонско девојче“, помислив дека станува збор за своевиден „инцидент“ во Вашата кариера. Сепак, продолжувањето на проектот ме увери дека станува збор за сериозен концепт. Како се најдовте во приказната?
- Точно е тоа дека првиот проект „Македонско девојче“ беше своевиден експеримент, но овој пат се работи за концепт кој настана откако албумот од пред шест години доживеа успех. Природен тек на нештата... Кога почнавме да го снимаме „кецот“, тој всушност требаше да биде интермецо меѓу мои два поп-албуми, но тој лека-полека постојано и постојано ги наоѓаше слушателите. Времето покажа дека тоа е долговечен проект кој луѓето го спомнуваат, го сакаат, го бараат, го слушаат насекаде, па постојано се наметнуваше прашањето: кога ќе реализирам следен ваков албум? Со „Авалон“ сфативме дека албумот ѝ го должиме на публиката, па сите овие години песните лебдеа во воздухот, како да сакаа да ни кажат дека треба да се сними уште еден албум. Минатите две години јас и мојот тим целосно му бевме посветени на албумот, кој е во финална фаза на реализација. Сега, кога размислувам за албумот од пред шест години, се сеќавам дека воопшто не се плашев како сѐ ќе излезе на крајот. Едноставно, верував дека сѐ ќе биде добро. Од оваа перспектива мислам дека посебен шарм на албумот му даде мојот начин и стил на пеење.
Колку беше тешко да го изградите статусот во текот на годините, за сега Вашите фанови да му веруваат на секој Ваш нов чекор?
- Со овој албум, јас и мојот тим од „Авалон продукција“ сакавме да направиме нешто што се практикува во светот. Но, да одговорам на прашањето – градењето статус на овие простори беше исклучително тешко, бидејќи функционираме на многу мал простор, без оглед што јас сум излегла и надвор од државата, во регионот... Кај нас има многу малку луѓе кои сериозно ја работат оваа работа, за разлика од еден куп оние кои постојано се подготвени за ставање сопки и за дискредитација. Искрено, многу е тешко да се работи во тие услови, меѓутоа битна е упорноста и игнорирањето на сите „зли јазици“ и трачерски муабети. При тоа, во работата не смее да се направат никакви компромиси. Во спротивно, те ставаат во машината и те мелат. Без око да им трепне...
Кога во 1991 настапивте на „Макфест“, сонувавте ли дека еден ден ќе Ви се случи денешниот успех?
- Искрено да. Тогаш бев дете, а кога си дете, сѐ ти изгледа многу бајковито. На крајот од краиштата кое дете кое се наоѓа на сцената не се гледа постојано на неа и во иднина. Тоа им се случува и на сите деца кои сега се обидуваат да станат пејачи или да се занимаваат со јавна професија. На сите ова им е професија од соништата – излези, испеј, дотерај се, насмеј се... Но, не е така. Под површината на лажниот сјај има многу лекции кои треба да се научат. Некој тоа го сфаќа порано, некој подоцна.
Првата песна, насловена едноставно „Чалгиска“, ја продолжува нишката од претходниот албум. Каков е остатокот на материјалот?
- Ние „Чалгиска“ ја лансиравме како прв сингл не затоа што таа најбрзо се „лепи“ за увото, туку затоа што е преубава песна. Но, ако зборуваме за остатокот на материјалот – јас имам еден фаворит, а моите од „Авалон“ – друг... Меѓутоа, на овој албум секоја песна има приказна, има свое место зошто е таму... Во песните е вложено многу труд, време и љубов.
Колку Вие учествувавте во креирањето на песните?
- Како и на секој албум, и на овој бев максимално вклучена во реализацијата на песните. Всушност, постојано сум вклучена во работата – и концепциски и визуелно... Меѓу десетте песни, колку што ги има на албумот, нема ниту една залутана тема. Автор на сите песни (освен на две преработки) е Никола Мицевски, додека текстовите се на Валентин Соклески и Весна Малинова. Албумот претставува и резултат на нашите разговори со авторите. Сѐ е отсвирено во живо, со бендот кој ме следи подолго време. Сега сме позрели, поискусни... Отидени сме неколку чекори понатаму. Со други зборови – македонско девојче во 21-виот век... И покрај тоа што песните се инспирирани од нашиот фолклор, тие се прилагодени на ново време.
Од страна гледано, изгледате многу сигурна во ова што го правите. Но, има ли барем малку страв и несигурност во Вас?
- Нема, воопшто. Сосема сум сигурна во ова што го правам. Се чувствувам супер и во студио и на сцената. Во последниве две години песните убаво ми легнаа, созреа приказната. И се случи. Ништо не правам само за да направам, туку чекам да се случи магијата. Затоа проектите кои ги работам постигнуваат успех и редовно од секој албум остануваат по неколку хита.
Годинава поминаа 22 години од Вашиот прв, сега веќе легендарен настап на „Макфест“ со „Мамо, пушти ме“. Колку денес, пред важни животни одлуки се консултирате со најблиските?
- Не знам дали се тоа совети, но јас секојдневно и тоа по неколку пати на ден се слушам со мајка ми и со сестра ми, како и со татко ми. Тие се во тек со сѐ што ми се случува. Мислам дека тоа е во ред со луѓето кои ни се битни и блиски. Важно ми е нивното мислење за еден куп работи, приватни и професионални. На пример, многу ми е важно дали им се допаѓаат новите песни...
Има ли критики од нивна страна?
- Секако, особено од мајка ми. На татко ми обично сѐ му се допаѓа, но мојата мајка е строг критичар. Со неа знам понекогаш и да се скарам.
Минатите години за Вашето семејство беа многу тешки. Но, колку таквите животни искушенија од нас прават подобри луѓе?
- Никогаш не знаеш животот што ти носи, па треба да се навикнеш и на убавини и на силни удари. Но, по дождот доаѓа сонце. Секогаш.
Имате ли тактики, финти, за надминување такви искушенија?
- Тука нема финти. Иако, зависи од ситуацијата. Но, најлошите работи секогаш нѐ фаќаат неподготвени. Секое лошо искуство е ново искушение за секого. Многу повеќе отколку доброто.
Вложувате ли многу напор за да ја зачувате приватноста?
- Се трудам, кога сум во врска, таа да не влијае врз мојата работа. Но, исто така многу напор вложувам и приватното да не го мешам со јавноста. Некогаш тоа ми одзема многу време и многу напор, но, ете успевам. Отсекогаш ми пречело кога по секоја цена ме ставале на безброј места. Дури и моите другарки кога сме заедно внимаваат нешто да не тргне на лошо. Некој да не падне, па сите да му се смеат...
Пред некои десетина години, кога правевме интервју, ми кажавте дека во иднина се гледате и како семејна жена и мајка. Помина цела деценија, а ѕвездите како да не се поклопија?!
- Некои работи во животот едноставно не можеш да ги планираш. Животот е поинаков од нашата детска мечта. Некои работи ќе се случат порано, а некои подоцна. Нештата треба да ги оставиш сами да се случат, никако со сила...
Имате ли искрени пријатели? Што се вели – другари за цел живот?
- Имам! Се дружам со исти луѓе долги години. Верна сум им на старите пријателства, ги негувам. Исто е и со работава. Во „Авалон“ сум многу години. Исто така долго време соработувам со Сретен Костиќ, со Дадар и со Цаци Паковска. Не би можела долго да соработувам со луѓе со кои не сум и приватно блиска. Тешко излегува некој кој веќе влегол во мојот живот... Кругот на моите пријатели не е многу голем, но тоа се луѓе кои со години ми се покажаа како добронамерни. Меѓу пријатели имам и неколку колеги.
Во едно дамнешно интервју со Тоше, тој ми кажа дека му било многу тешко кога размислувал дали некоја девојка е со него затоа што го сакала, или затоа што тој беше тоа што беше?! Сте размислувале ли некогаш во оваа насока?
- Искрено не. Тој што е со мене автоматски станува јавна личност, а тоа е дополнителен товар за него. Дури и по врската, таа приказна го следи. Барем уште некое време. Постојат луѓе кои сакаат да се појавуваат во јавноста, а постојат и оние кои не сакаат. На моја среќа, околу мене се вториот тип луѓе.
Како ѝ поминува еден обичен ден на Каролина?
- Никогаш не сум била спанка. Се будам во 8, а најдоцна во 9 часот сум на нозе. Тоа е затоа што рано си легнувам. Не сум ноќна птица. Во 23 часот се „гасам“, половина час подоцна веќе спијам. Последниве година-две најдобро се забавувам со гледање американски серии. Ако фатам ритам, една сезона ја изгледувам за 4-5 дена. Од пред два-три месеци почнав да вежбам со тренер, и тоа како обврска го имам четири пати неделно. Сакам да ми доаѓаат гости, или со друштво на цел ден да отидеме во некоја кафеана, а често одам и во Битола, кај моите. Некогаш знае да се зареди и по еднаш неделно.
Вие сте единствениот наш претставник кој два пати пеел на „Евровизија“. Какви искуства носите од таму?
- Првиот пат, кога ја пеев „Од нас зависи“, сѐ беше многу опуштено и релаксирано. Многу забавно... Сѐ се одвиваше во една вечер, и врз мене немаше никаков притисок. За разлика од вториот пат, кога настапив со „Мојот свет“... Тогаш сите во делегацијата имавме трема. Беше тоа огромен притисок кој спласна кога влеговме во финалето. Тогаш три дена одлично се забавувавме.
Ќе има ли трета среќа за „Евровизија“?
- Нема. Доста беше!
Единствено, ако добиете добра песна?
- Ни тогаш нема! Ни во тој случај не би прифатила. Бев, видов... Убаво е да се доживее таа перфектно организирана манифестација. Но, никој којшто таму победил не направил некаква забележителна кариера вон границите на својата земја. Мислам дека „Евровизија“ може единствено да ти ги зацврсти позициите во својата земја, а во мојот случај и во регионот. По „Евровизија“ почнав повеќе да патувам низ Балканот...
Kаде меѓу другото го запознавте и Арсен Дедиќ, кој постојано преку медиуми Ви испраќа комплименти...
- (се смее) Арсен е многу симпатичен, и без оглед на неговите години и статусот на легенда во регионот, тој е уште и неодолив шармер. Всушност, на таков шеговит начин тој комуницира со јавноста...
На самиот премин од 2013-та во 2014-та, каква Ви беше тековната година и што очекувате од следната?
- Искрено, 2013-та не ми се погоди, и добро е што заминува. Се надевам дека со неа ќе замине и лошата карма што ме следеше постојано. Со позитивни мисли ја пречекувам 2014-та, и се надевам дека и таа на тој начин ќе ми возврати. Од желбите само сакам да сме живи и здрави. Другото само ќе си дојде.
Се надевам дека до следното наше интервју нема да поминат нови десет години. Но, ако се сретнеме, „некогаш и негде“, како што велите во песната, со што би сакале да се пофалите?
- Со оглед на старата желба, која ми се нема исполнето сѐ уште, овој пат ќе го премолчам одговорот (се смее). Десет години се голема временска дистанца, и без оглед што не сме се среќавале, многу нешта се случија. Не сакам да звучам нескромно, но единствената моја желба за во иднина е сите да сме на број. Мене тоа ќе ми биде доволно.
Немам „Фејсбук“-профил. Имам само еден профил на „Инстаграм“. И тоа од неодамна. Но, не сакам своите приватни работи
да ги делам со јавноста. Единствено што многу сакам е да ја фотографирам мојата внука Луција