Анализа
МАКЕДОНЦИТЕ ОСТАНУВААТ „НАДУВАНИ“ НА ЦРНО
Петре Димитров
Охрабрени од неодамнешната легализација на марихуаната во американските држави Колорадо и Вашингтон инвеститорите на Волстрит почнаа да вложуваат милиони во бизнисот со марихуана. Кај нас легализацијата или пак, некаква форма на нејзино регулирање сé уште е табу, иако црниот бизнис со марихуаната, најпопуларната дрога кај нас, со години цвета и врти милиони евра годишно. Претставниците на државата се категорични дека наместо да дебатираме за некаква форма на легализирање и контрола на марихуаната кај нас, треба уште посилно да се бориме против употребата на дрога и да создаваме здрави генерации. Поддржувачите на легализацијата и регулирањето пак, велат дека таа, пред сé, ќе донесе контрола и пари за државата преку оданочување на бизнисот
Илчо Захариев
Меѓуресорска комисија за борба против дрога
„Марихуаната не е лесна дрога. Нема лесна и тешка дрога. Има само дрога. Став на државата е дека таа никогаш нема да се легализира!“
Влатко Деков
ХОБС
„Употребата на дрога помалку или повеќе може да биде ризично. Е токму поради тоа треба да се регулираат. Затоа што сега пазарот е во рацете на криминалците. Тие го одредуваат и квалитетот, чистотата, достапноста итн. Марихуаната може да биде штетна, ама таа ќе биде помалку штетна ако не е прохибицијата.“
----------------------------------------------------------------------------
3.500% ПОРАСНАА АКЦИИТЕ НА ХОЛИВУДСКАТА КОМПАНИЈА МЕДБОКС, КОЈА ПРОИЗВЕДУВА АВТОМАТИ ЗА МАРИХУАНА, ЗА САМО ЕДЕН ДЕН ПО ДОНЕСУВАЊЕТО НА ОДЛУКАТА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА ВО КОЛОРАДО И ВО ВАШИНГТОН
1,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВРЕДИ ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНА ВО САД
10.000 ВРАБОТЕНИ РАБОТАТ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНА ВО САД
7,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЌЕ ЗАШТЕДИ АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВО САД СО ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА МАРИХУАНАТА, ПАРИ КОИ СЕГА СЕ КОРИСТАТ ЗА НЕЈЗИНО УНИШТУВАЊЕ
500 ДЕНАРИ ВРЕДИ ЕДЕН „ЌИБРИТ“ СО 2-3 ГРАМА МАРИХУАНА ВО МАКЕДОНИЈА
1.000 ЕВРА ЧИНИ КИЛОГРАМ МАРИХУАНА ВО МАКЕДОНИЈА
50 ЕВРА Е ПРОДАЖНАТА УЛИЧНА ЦЕНА ЗА 10 ГРАМА МАРИХУАНА ВО МАКЕДОНИЈА
6.000 КОРИСНИЦИ НА МАРИХУАНА ИМА РЕГИСТРИРАНО ВО ЗЕМЈАВА
500 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Е ГОДИШНИОТ ОБРТ НА ПАРИ ОД ЦРНА ПРОДАЖБА НА МАРИХУАНА ВО СВЕТСКИ РАМКИ
7% ОД ГРАЃАНИТЕ ВО ЕУ МИНАТАТА ГОДИНА КОРИСТЕЛЕ МАРИХУАНА ИЛИ ХАШИШ
5% ОД ЖИТЕЛИТЕ ВО ХОЛАНДИЈА МИНАТАТА ГОДИНА КОРИСТЕЛЕ МАРИХУАНА, ШТО Е ПОД ПРОСЕКОТ НА ЕУ
-----------------------------------------------------------------------------
Што ќе ви се случи доколку испушите една цигара со марихуана, жаргонски позната како џоинт? ТХЦ, главната состојка на марихуаната многу брзо ќе ви влезе во крвта преку белите дробови при што се пренесува до мозокот и останатите делови на телото. TХЦ ги зафаќа невроните и ја попречува нивната нормална комуникација. На пример, доколку некој сака да се сети што правел пет минути пред да пуши марихуана може да има проблем за да се сети. TХЦ делува и може да направи проблем и кај концентрацијата, размислувањето, задоволството, сензорите и перцепцијата, координираното движење и др. Вака лекарите стручно го објаснуваат ефектот од пушењето марихуана, најпопуларната дрога кај нас. Корисниците на марихуана, пак, делувањето го објаснуваат на следниот начин: „Марихуаната не предизвикува смрт. Не постои физички доказ со кој би се потврдил барем еден смртен случај предизвикан директно од марихуаната. Таа не создава зависност. ТХЦ стимулира одредени нервни центри со што се забрзува мислењето и креативноста, се изоштрува слухот и се лачат хормони кои придонесуваат за исклучиво весело расположение кај корисникот. Марихуаната ги олеснува болките и речиси ги уништува. За ефектите на марихуаната по здравјето може да се дебатира и дебатира. Сепак, објективните истражувања укажуваат на тоа дека марихуаната е многу помалку штетна од алкохолот и цигарите“.
ЦРНИОТ БИЗНИС СО МАРИХУАНАТА СÉ ПОПРОФИТАБИЛЕН
Доколку се следи трендот на цената на марихуаната во последниве дестина години ќе се види дека бизнисот со неа станува сé попрофитабилен. Така во 2000 година еден килограм марихуана чинеше 200 тогашни германски марки, во 2005 година 200 евра, а наредната година двојно повеќе. Од минатата година килограм марихуана чини и до 1.000 евра во зависност од квалитетот. Одгледувањето и продажбата на марихуаната е сé повеќе вносен бизнис, а за тоа сведочи фактот што уличната цена на еден „кибрит“, во кој има меѓу 2 и 3 грама дрога (од кои се прават 3-4 цигари), чини 500 денари, а малопродажните цени се движат меѓу 8 и 10 илјади денари за стотина грама. Не постои официјална статистика колку пари годишно врти овој црн бизнис, но се претпоставува дека се работи за неколку милиони евра. Само последната количина дрога, (од која дел беше и за нашиот пазар) која пред неколку дена беше запленета на излез од соседна Албанија на црниот пазар вредеше над 3 милиони евра.Според официјални податоци, во Македонија моментално има регистрирано 6.000 корисници на марихуана, што според познавачите на состојбите е многу мала бројка во однос на вистинските корисници на марихуана, до која многу лесно може да се дојде на црниот пазар.
КВАЛИТЕТОТ НА ДРОГАТА ГО ОДРЕДУВААТ КРИМИНАЛЦИТЕ
За да го уништат нелегалниот пазар и за да ја регулираат употребата на дрога, за чие користење секогаш ќе постои интерес, неколку европски земји последниве десетина години преку слични модели дозволија одредена форма на легализација. Португалија пред 11 години направи радикален чекор и ги декриминализира речиси сите видови дрога, вклучително марихуаната, хероинот и кокаинот. Што преведено значи дека не се оди во затвор само за поседување дрога за лична употреба или употреба на дрога. Резултатите од овој чекор се фасцинантни. Имено 5 години после оваа промена направена е евалуација и е утврдено следново: кај младите на возраст 14-16 години употребата на илегална дрога е намалена за 4%, инфекцијата ХИВ кај корисниците на дрога е намалена за 17%, а смртноста од дрогата е намалена за повеќе од 50%. Бројот на корисниците кои се пријавиле за лекување се зголемил од 6.000 на 14.800. Употребата на марихуана кај возрасната популација над 18 години (употреба барем еднаш во текот на животот ) е под 10%. За споредба, во САД каде што во најголемиот број држави е криминализирана употребата, 40% од возрасната популација има употребувано марихуана. Всушност, во САД луѓето повеќе употребуваат кокаин отколку што во Португалија користат марихуана. „Употребата на дрога помалку или повеќе може да биде ризична. Е токму поради тоа треба да се регулираат. Затоа што сега пазарот е во рацете на криминалците. Тие го одредуваат и квалитетот, чистотата, достапноста итн. Марихуаната може да биде штетна, ама таа ќе биде помалку штетна ако не е прохибицијата“, смета Влатко Деков од невладината организација ХОБС.
Тој смета дека политиката на прохибицијата за дрогата каква што води Македонија е неефективна.„Прохибицијата се покажа дека е неефективна. Да ги земеме клучните параметри во однос на успешноста на оваа политика. Достапноста - денес дрогата е многу подостапна, цената - денес е со пониски цени, употребата - бројот на лицата кои употребуваат дрога не се намалува, напротив, се зголемува, бројот на смртните случаи поврзани со дрога е зголемен, а затворите се полни со луѓе кои употребуваат дрога. Сетоа тоа ја чини државата и финансиски. Еден граѓанин во затвор е најскапата опција. На европско ниво тоа ја чини државата во просек околу 30-40 илјади евра годишно. Многу е подобро тие финансии да се искористат во програми за превенција, едукација и третман. Регулирањето на дрогата како модел спротивен на прохибицијата нема да е панацеа или сребрен куршум во однос на дрогата и да ги реши сите проблеми. Но, убеден сум во тоа дека е многу похуман, цивилизиран и поефективен модел. Во ерата на цивилизацијата никој не треба да биде казнет затоа што одлучил да става нешто во сопственото тело“, смета Деков. Вообичаено се мисли дека заменувањето на прохибицијата со пристапот на регулирање (декриминализација, депенализација) ќе доведе до ситуација free-for-all во однос на достапноста и употребата на дрога. Што секако не е така. И практиката на повеќе земји, како Холандија, Португалија, Чешка, итн. покажаа дека овој страв е ирационален и дека реформите во оваа насока се многу поефективни отколку ситуацијата статус кво на забрана. Имено, на ниво на цела ЕУ во просек 7% од граѓаните користеле марихуана или хашиш во текот на минатата година. Италија и Шпанија се на врвот со 11%, а Холандија е под европскиот просек со 5%. Во Холандија со воведување на либералните закони немаме драматично зголемување на употребата на марихуана. А употребата на хероин се намалува.
ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ИНТЕРЕС ДА СЕ ЛЕГАЛИЗИРА ИЛИ РЕГУЛИРА МАРИХУАНАТА
Во изминативе 20 години во Македонија во неколку наврати срамежливо во јавноста се отворала дебата за легализација на марихуаната, благодарение на медиумите. Дебата во ист стил се води и денес и главно е концентрирана на формите на Интернет. Сите политички структури, официјално се против легализација на марихуаната и таа никогаш не се нашла во нивните агенди. Таков е и ставот на институциите.Илчо Захариев, претседател на Меѓуресорска комисија за борба против дрога, вели дека наместо да дебатираме за некаква форма на легализирање или регулирање на марихуаната кај нас, треба уште посилно да се бориме против употребата на дрога и да создаваме здрави генерации.„Марихуаната не е лесна дрога. Нема лесна и тешка дрога. Има само дрога. Став на државата е дека таа никогаш нема да се легализира!“, вели Захариев.Тој ги побива сите аргументи на поборниците на легализирањето на марихуаната и смета дека Националната стратегија за борба против дрогата ги дава очекуваните резултати.„Бројот на зависници се намалува. Најголем проблем сега ни е ресоцијализацијата на зависниците. Дури 90% од нив се невработени“, вели Захариев, кој вели дека Македонија сé помалку е транзит за дрогата, која сега до Западна Европа стигнува преку Бугарија и Романија.
-----------------------------------------------------------------------------
ЗАПАДОТ МУ ГО ЗЕМА БИЗНИСОТ НА ИСТОКОТ
До пред неколку години најмногу марихуана во Македонија се садеше во источниот дел на земјата. Тоа беа изолирани случаи и дрогата беше наменета најчесто за лична употреба, многу ретко за продажба. Сега тој примат го зедоа Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот и Гостиварскиот регион, каде што во минатите неколку години беа откриени десетици плантажи наменети пред сé за задоволување на потребите на домашниот наркопазар. Сепак, најголемиот дел од марихуаната која се пуши во Македонија доаѓа од Албанија.
КАКО СЕ КОРИСТИ МАРИХУАНАТА?
Џоинтот се состои од исушени и иситнети листови, цветови и семе од растението Канабис сатива (марихуана). Таа обично се пуши како цигара (џоинт) или со луле. На овој начин се консумираат активните состојки од марихуаната заедно со никотинот и други состојки. Марихуаната понекогаш се консумира преку храна (пр. колачиња) или како чај. Доаѓа и во поконцентрирана темна и густа форма – хашиш.
ПРОФИЛ НА ДИЛЕРИТЕ НА МАРИХУАНА ВО МАКЕДОНИЈА
Во Македонија има неколку криминални групи кои се занимаваат исклучиво со трговија и транспорт на дрога. Иако сме мал пазар, ние сме една од земјите низ кои мора да мине дрогата за да стигне на најголемиот пазар - Европа, а тоа тие умешно го користат. Станува збор за групи од чист и мешан етнички состав, во кои членови се неколку генерации од исто семејство и блиски роднини. Тоа е строго затворен круг и има слепа лојалност. Овие криминални групи се моќни, бидејќи имаат на располагање огромни финансиски средства и на тој начин привлекуваат и врбуваат нови членови. Меѓу нив постои ривалитет, бидејќи досега имало неколку обиди да го преземат пазарот, а тие резултирале со пресметки и ликвидации како во Македонија, така и во странство.
КОЛИЧЕСТВО ЗАПЛЕНЕТА МАРИХУАНА (СПОРЕД МВР)
2007 ГОДИНА-------------- 231 КГ
2008 ГОДИНА-------------- 133 КГ
2009 ГОДИНА-------------- 702 КГ
2010 ГОДИНА-------------- 437 КГ
2011 ГОДИНА-------------- 286 КГ
---------------------------------------------------------------------------
Едит: Бидејќи форумов не ми дозволува целиот текст да го ставам тука во два дела, прочитајте го остатокот од статијава на сајтот на
Капитал