Пишува: проф. д-р Билјана Ванковска
Кога пред два дена ја слушнав веста за можноста мојот колега од студии и сега колега-професор да биде кандидиран за Претседател на РМ, првата помисла ми беше дека станува збор за уште една
„патка“, во која име на некој интелектуалец се става во политичка конотација (а тоа на
Иванов му се случуваше повеќепати и при избор на судии, претседател на ДИК, амбасадорска позиција и сл.).
Му испратив СМС порака со
„ај честито“, уверена дека ќе одговори на шеговит начин, но стаса едно сериозно -
благодарам! Тогаш за прв пат сфатив дека работата е сериозна и дека, ете, можеби ќе ми се оствари сонот една личност со извонредни квалитети, а првенствено со висок личен интегритет и знаење, да застане на таа позиција.
Навистина, ако некој ме праша да набројам неколку колеги-професори кои би ги рангирала на највисоко место на мојата „ранг-листа“, Иванов апсолутно би се нашол меѓу првите пет.
До неодамна, неговата позиција беше дека наша задача е да пишуваме научни дела, да оставиме академски подмладок, да образуваме - и дека вистински професор не треба да се ангажира во политика. Оттука, која јас и уште неколкумина од универзитетот застанавме во Граѓанското движење во 2004-та, Иванов сметаше дека сме погрешиле - а можеби и беше во право...
Сега, слушајќи дека веќе постојат листи на интелектуалци (покрај иницијалната група на елитна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ), како први размисли ми се јавуваат следниве:
- Ако веќе најде во себе храброст и желба да излезе од својата кожа на професор, во која толку добро се чувствува(ше), зошто не тргна во „битка“ за претседателската позиција преку собирање на 10,000 потписи, како што доликува на независен кандидат?
Јас прва, a и голем број колеги, интелектуалци и јавни личности ќе застаневме до него и ќе повикавме на собирање на 10,000 потписи.
ТОА ќе беше изблик на демократизација, која ни е толку многу потребна! Излегување од шемата која ни ја наметнаа „големите“ партии, избирање на претседател на сите граѓани!
- Можам да искажам комплименти за една владеачка партија која се надраснала себе си, видела квалитет во една извонредна непартиска личност. Гестот ќе го ценев уште повеќе доколку предлогот беше заеднички - на владеачката коалиција, со што ќе се создадеше мост на поврзување на македонските и албанските граѓани.
Тоа ќе беше потег за превенција на насилства и меѓу-етнички ривалитети, и гаранција за регуларни избори псоле кои нема за Претседател да имаме
„Граѓанинот едикојси“.
Но, простете, не можам да и верувам на партија која инаку нема слух за експертска и независна, уште помалку за критичка мисла - дека одеднаш и се просветлило и се сетила дека на Македонија и треба вистински претседател, кој ќе обединува.
Да не зборувам за резервата дека
„Пастирот“ има вистинска желба за позитивна конкуренција во вториот носител на извршната власт... Човек кој не поднесува конкуренција во својата непосредна околина, нема да може да се носи со некој кој е интелектуално, професионално и етички над него...
Затоа се плашам дека мојот драг колега и пријател ќе
„изгори“. Тоа ќе биде огромна штетна последица за секоја идна надеж за израснување на нова и подобра елита...
- Иванов не се изјаснил експлицитно за својата идеолошко-политичка определба (иако ме зачуди кога успеа да напише програма за да ја изложи пред партиското членство, пред да ја чуе јавноста).
Но, не можам да сфатам како е можно еден врвен интелектуалец да прифати номинација на која е потпишан
министер за полиција?!
- Денес читам дека во седиштата на ВМРО ќе се собирале потписи. Чуму? Зошто јас би одела во партиски штаб за да поддржам независен кандидат, а плус тоа и да апелирам до партиското членство?
Изјавата на колегата Иванов дека ќе собира потписи веќе ја изгуби смислата.
Ова е по свадба - тапани! Уште полошо, масовното јавно изјаснување (како по должност) веќе наликува на некои тоталитарни фоми на плебисцит и е нарушување на тајноста на избирачкото право. Дали сега треба јавно да се определуваме?
Никако не можам да сфатам
зошто ректори на три државни универзитета се потпишале! Тие во ситуација, кога не се само професори, имаат посебна одговорност да ја чуваат автономијата на универзитетот - особено наспроти се што мириса на власт.
- Се уште е рано да се прогнозира кој се навистина ќе биде кандидат за претседателската функција. Целиот циркус со наводна битка на
„непартиски и независни“ личности не ми се допаѓа - затоа што тие како невести чекаа(т) партиските босови да ги благословат.
Но, од она што засега се врти, јас сум склона своите симпатии да ги изразам за мојот колега (иако, интересно, мене никој не ми се ни јави да ме праша дали би сакала да ја потпишам
онаа славна партиско-независна петиција веројатно, си знаат луѓето со кого си имаат работа).
Ако стане претседател може да биде далеку подобар од сето она што сме го имале, НО... Има едно големо „НО“! Не знам колку слобода на мисла и говор ќе остане, но од таков човек ЈАС ќе очекувам многу, нема да бидам толерантна и ќе очекувам да го задржи инегритетот првенствено спрема Владата и нејзиниот Премиер.
Знам дека мнозина веќе ме сметаат за наивна (а не сум) - сепак, ми останува само да се надевам дека
Иванов ќе не изненади сите, а најмногу оние кои го промовираат како свој кандидат.
Авторот е доктор по правни науки