Рачна за рекламите, погон за реформите
Владата со агресивни маркетинг-кампањи постојано создава приказна дека нејзините економски чекори недвосмислено водат во благосостојба и во подобрување на животниот стандард на граѓаните. Опозицијата се покажа слаба во детектирање на вистинските ризици по економијата, па влезе во дневно-популистички пресметки со власта и со тоа не се наметна како релевантен критикувач. Експертите се во постојани додворувања на политичките елити, наместо да се определат за строго службување на науката. Статистиката мери, но и бројките станаа мета на тргување и калкулирање со политички поени. Во такви услови, јавноста не може да добие вистинска слика за тоа во кој правец се движи државата и дали се води погрешна или добра економска политика. За среќа, Меѓународниот монетарен фонд нема намера да си ги мери силите на политички избори во земјава, па растоварен од бркање поени кај граѓаните, со неопходна доза популизам, ја соопшти реалноста. А таа не е розова како во владините реклами, платени со заеднички пари. Дојдоа јасни предупредувања дека скапиот увоз на струја што се врши како последица од намаленото производство (во голем дел поради ремонтите и дефектите во термоцентралите, што нејасно зачестија последните две години), е штетен за ефикасна буџетска политика. Ако до завчера министерот за финансии ја убедуваше јавноста дека инфлацијата е падната од небо и Владата не може да направи ништо да ја смири, ММФ даде прецизни решенија. Но, тие не се по мерка на Владата затоа што бараат таа да прикочи во својата желба за трошење пари и да почне да штеди. Владата, според изјавите на министрите задолжени за економската политика, овие предупредувања ги сфаќа како совети што не мора да ги послуша. Но, цената ќе стигне, без оглед колку ручекот се рекламира како бесплатен, зачинет со реклами, популизам и самофалби. Многу почесно е ако им се погледа в очи на проблемите, без оглед колку инфлациски проценти тие тежат, отколку да се прават обиди да се обои реалноста во розово. Марк Грифитс од ММФ не брка рејтинг во земјава и не нуди популизам ниту во делот на критизерството, како што прави опозицијата, ниту во обидот да им се додвори на граѓаните за уште четири години власт. Можеби затоа, неговиот збор тежи повеќе.
Ида Протугер