Иконите не претставуваат идол од проста причина што на нив изобразени живи и реални личности на кои не им се придава својство на божество, туку се сметаат како Божји осветени чеда, кои преку својот живот успеале да го прослават нашиот Отец на небесата. За да видиме зошто Бог забранил да се клањаме на други божества и кои се тие божества, убаво би било да разјасниме во какви се богови верувале народите во Стариот Завет (а и денеска ги има), при што неретко и евреите ги преклонувале колената пред нив. Ајде да го разгледаме, за почеток, лажното бесовско божество Ваал Фегор, кое се спомнува во Стариот Завет во неколку стихови
Броеви 25, 1 Израил живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав; 2 и тие го покануваа народот да присуствува на принесувањето жртви на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се поклонуваше на боговите нивни.3 И му се приклони Израил на Ваал Фегор. И се разгоре гневот Господов против Израил. 5 Тогаш Мојсеј им рече на племињата Израилеви: "Секој нека ги убие своите луѓе, што му служат на Ваал-Фегор.
Второзаконие 4:3 очите ваши видоа се', што Господ, Бог наш, му направи на Велфегор; зашто Господ, Бог наш, ќе го истреби од средината твоја секој, што ќе го следи Велфегор;
Псалми 105:28 Тие се *придружија кон Ваал - Фегор и јадеа жртви, принесувани на бездушните...
Ваал-Фегор (Велфегор, Белфагор, Ваалфегор, Белфегор) – е моавско демонско божество, култ кој се состоел во грозни сладострастија и распуштености (оргии). Своето име го добил по гората Пеор или Фегор северо-источно од Мртвото Море, и означува дупка, пукнатина. Се сметал за бог на размножувањето и на плодоносните сили. Се обожавал како фалус – машки голем полов орган во ерекција, кој се употребувал и како украс, а како центар на церемонијата на култот се јавувала голотијата; девственици се оддавале на тој идол преку стапување во полово општење со мажи. Тоа се случувало по пештерите, каде се принесувале и жртви.
Да сумираме:
1. Поради верување во Ваал-фегор се вршел блуд невиден (оргии)
2. Нему му се принесувале жртви, наместо на вистинскиот Бог
3. Тој бил бездушен, лажен бог, бог што не постои, на кој му се оддавала божествена почит како што заслужува само вистинскиот Бог
Заклучок: нема никаква реална поврзаност со иконите на кои се изобразени вистински личности кои живееле целемудрено и кои како жртва пред Бога принесувале само молитва и подвизи до крајот на својот живот.
Сега, пред некој да рече дека иконите се идоли, иконите на кои се изобразени светителите и Мајката Божја, кои го осветиле, односно обожиле својот живот преку добродетели и подвизи поради својата голема љубов кон вистинскиот Бог, икони на кои е изобразен и Самиот Господ Исус Христос, нека размисли повеќепати, пред да изрече хула!