Имав време, изгледав две епизоди. Мене д-р Лектор ми е еден од поомилените психопати, негативци или антихерои, ако сакате.
Претходно имав впечаток дека серијава ќе се влечка зад филмот од 1991, дека ќе ја цеди франшизата до крај и најверојатно ќе ја упропасти.
Од првите две епизоди, пак, изгледа дека нема да биде баш така. Донекаде се интересни, па и морничави. И глумците не се за никаде, а сценариото е задоволително.
Сепак, во меѓувреме се случија повеќе серии кои ги поместија и стандардите и очекувањата на едно ново, повисоко ниво. Го имаме, на пример, Шерлок на ВВС, со кој гурманскиов серијал има сличности кои не се за занемарување. Постои еден чуден лик со невообичаени аналитички способности кој решава проблеми. Постои уште еден чуден тип, исто така невообичаен, но кој сака да прави проблеми. И двата лика, поради својата посебност, поради сличностите и разликите, се склони кон своевидно натпреварување, но и взаемно се почитуваат. Секако дека и во Јагнињата ликовите на Хопкинс и Фостер (сл. како и глумците во Црвениот змеј) изградија специфичен однос, но овде ми се чини дека повеќе се приближуваат на Холмс и на Моријарти од ВВС, се разбира со доста измени, но во суштина се работи за два лика од кои едниот веќе преминал на другата, одлепена страна, а другиот е на самиот раб и изгледа како да се колеба кој пат ќе го фати.
Ми пречеше приказот на внатрешната анализа на Вил за тоа како е изведено злосторството (пак инспирација од Холмс, барем така ми изгледаше мене).
Засега солиден почеток, кој не без потенцијал, како што не е ни без мани. Би можело нешто добро да излезе од сево ова. Ми се допадна, ама искрено, не премногу.
Повеќе би сакал да го видам Хопкинс на стари години како праи лом на геријатрија и конзумира непристојни и безобразни медицински сестри
