Под мотото “15 години европско пријателство и партнерство“, со низа концерти, изложби и други културни манифестации, Република Македонија и дипломатско конзуларните претставништва на 13 европски земји деновиве ja одбележуваат 15-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи.
Сојузна Република Германија, Кралството Данска, Италијанската Република, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Француската Република, Кралството Холандија, Кралството Норвешка, Кралството Шведска, Република Бугарија, Република Албанија, Република Финска, Исланд и Република Полска беа земјите со кои во декември 1993 година Република Македонија воспостави дипломатски односи.
Активностите, стартуваа вчера со концерт во Домот на АРМ со почеток, организиран од Амбасадата на Франција и Францускиот културен центар во соработка со италијанската и германската амбасада.
Амбасадата на Кралството Холандија денеска по тој повод ја отвора неделата на холандскиот филм во Република Македонија, а истиот ден почнува и неделата на италијанската кујна во ресторанот „Густо“.
Амбасадата на Бугарија, пак, на 14 декември ќе организира концерт во Домот на АРМ во 18.30 часот.
Прославата на јубилејот ќе биде заокружена на 17 декември за кога е предвиден „Денот на отворени врати“, форма преку која неколку амбасади во земјава ќе им овозможат на граѓаните одблиску да се запознаат со работата на странските дипломатски претставништва. Вратите на Амбасадите на Кралствата Шведска и Норвешка ќе бидат отворени за јавноста од 14 до 16 часот, а Британската амбасада од 9 до 12 и од 13 до 16 часот.
Централната свеченост ќе биде одржана на 17 декември во Домот на АРМ. На свеченоста ќе се обрати министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, а во името на странските дипломати во земјава, пригодни говори ќе одржат доајенот на дипломатскиот кор, Карл Виби амбасадор на Кралството Норвешка и Бернард Валеро, амбасадор на Франција во Република Македонија.
Манифестацијата ќе заврши со концерт на Македонската филхармонија, колаж од фрагменти карактеристични за земјите со кои Република Македонија пред 15 години воспостави дипломатски односи, како и со музички настап на полски уметници кои ќе се претстават со изведба на божиќни песни.