Горан Славковски, младиот фудбалер на Интер, за кого се крена многу врева во последната година, во минатата недела дрско ги излажа сите дека не може да настапи за младата селекција на Македонија поради болки во стомакот, но во саботата играше за својот клуб 90 минути и постигна гол.
Иако Македонецот Славковски им вети на премиерот Никола Груевски, на ФФМ, на селекторот Мирсад Јонуз и на целата јавност дека ќе игра за младата селекција на дуелот со Црна Гора (победивме 1-0 во неделата), Славковски од Милано откажа поради болки во стомакот.
Но, според официјалниот веб-сајт на Интер, Славковски во саботата (еден ден пред мечот Македонија - Црна Гора) одиграл 90 минути за младинскиот тим на Интер во победата над Монтикиари со 4-0 на гости, а го постигнал првиот гол, во петтата минута.
Селекторот Јонуз вели дека тој имал сосема друга информација како причина за тоа што Славковски не дошол.
- Јас добив информација дека е болен. Славковски беше уредно повикан, му обезбедивме авионски билет, а негово право е дали ќе дојде или нема да дојде. Нему, но и на сите, во секое време вратите му се отворени. Славковски пак ќе добие повик за настап во младиот тим веќе на наредниот пријателски меч со Бугарија - вели Јонуз.
Младиот напаѓач (18) лани стана најмладиот фудбалер што дебитирал во тимот на Интер, а приказната за него и пазарењето за тоа дали ќе игра за Македонија почна пред една година. Неговиот татко и неговиот менаџер дојдоа во кабинетот на поранешниот премиер Владо Бучковски за да „соберат“ информации за тоа каде би го испратиле детето да игра. Веројатно незадоволни од одговорот, тие не го пуштија Славковски да игра за Македонија. Пред нецел месец, Славковски дојде во Скопје, имаше средба со премиерот Никола Груевски, доби пасош, знаме, па дури му беше понуден и владин авион за да игра за Македонија, но повторно откажа. Претходно, во Милано, на „убедување“ беше и директорот на агенцијата за млади и спорт Ивица Георгиевски.
Во минатата недела, во хрватските медиуми излезе веста дека Славковски ќе се пазари и со нив за да игра за Хрватска. Откако постои „приказната“ Славковски, тој постојано е на крстопат, помеѓу Шведска (за која има настапи во повеќе млади селекции), Хрватска (од таму му е менаџерот) и Македонија (потеклото).
Македонија денеска против Албанија
Селекторот на младата македонска репрезентација за играчи до 21 година, Мирсад Јонуз, денеска во Битола уште еднаш ќе го провери сиот потенцијал на новата генерација македонски надежи во дуелот со Албанија, што е втора проверка на нашите сили во пресрет на августовскиот почеток на квалификациите за младинскиот европски шампионат во Шведска по две години.
Новата генерација надежи, предводени од Зоран Златковски, Сашко Пандев, Крсте Велковски, потпомогнати со „староседелците“ Иван Тричковски и Дарко Тофиловски, успешно тргнаа во создавањето подобра селекција, која ќе има позабележителен настап во квалификациите од претходниците, по неделниот триумф против Црна Гора во Скопје. Сега Јонуз уште еднаш ќе ги испроба сите играчи, ќе има можност уште повеќе да ги уигра линиите во тимот, за поподготвени да го дочекаат веројатно последниот тест против далеку посилната селекција на источниот сосед Бугарија на 25 април.
Според најавите на селекторот, како и против Црна Гора, и денеска во Битола сите повикани репрезентативци ќе ја добијат својата шанса за да се докажат и уште повеќе да ги расчистат дилемите кај Јонуз за првотимскиот состав, кој би бил темел за првиот квалификациски дуел со моментно актуелниот европски младински првак Холандија.
Средбата се игра на стадионот „Тумбе кафе“ во Битола, со почеток во 14 часот.

