Еве еден текст од Канал 5 кој според мене треба да стои на оваа страна. Најмногу поради емотивноста на новинарот а се надевам дека вчера никој од нас не остана рамнодушен. Како и да е вчера беше гордост да се виде Македонец , а јас ја имав таа среќа да бидам единствениот меѓу стотина Германци, верувам дека на секој од нив за цел живот ќе им остане во сеќавање Пандев и пред се Македонија. Благодарам Пандев ...
А сега текстот од Канал 5
Храбриот Горан Пандев, спасител на Интер
Не можеше да биде поинаку. Колку додавања и да промаршеше, колку топки да изгубеше, синоќа на Горан Пандев му беше судено да го спаси неговиот тим и да го одведе во четврт-финалето на најквалитетното клупско натпреварување.
Пандев одигра лош натпревар, но во фудбалот се паметат головите, а нашиот капитен не можеше да згреши во клучниот момент, кога пред самиот крај на натпреварот Ето ја додаде топката во правец на неговото натрчување.
Во тој момент беа заборавени свирежите од Тифозите, катастрофалната статистика, натпреварите поминати на клупата. Во дел од секундата, скромното момче од Струмица ги допре ѕвездите, откривајќи го божествениот распоред на нештата, блесокот на предодреденоста. Инстинктот, желбата, срцето ја претворија судбината во орудие во рацете на Горан Пандев. Секунда потоа, топката е во мрежата.
Враќање во реалноста - илјадниците навивачи на Баерн занемени, играчите на Интер избезумено го бркаат Пандев, тренерот Леонардо се тркала по тревата, Жулио Цезар чувствува како да му паѓа камен од гради. Киксот на голманот кој ќе беше клучен за пласманот на Баерн сепак беше само дел од сценариото. Нашиот Горан беше предодреден да го реши натпреварот против Баерн, како демонстрација на универзалната правда за човекот кој напорно работеше за другите да ја собираат славата, кој трпеше навреди и покрај неговата верна служба.
Но Пандев знаеше дека неговиот момент ќе дојде. Тоа го знаеја и неговите соиграчи, кои по некоја интуиција, го убедуваа дека оваа вечер ќе постигне гол. По натпреварот, најдобриот стрелец во историјата на македонскиот национален состав изјави ‘Јас не сум некој кој ќе даде 20-30 гола во сезона. Јас работам за тимот, но кога ќе постигнам гол, тој е важен’.
Совршена изјава по совршената ноќ. Горан е свесен за својата улога во тимот, свесен е дека не е суперѕвезда. Но, веруваше дека еден ден, некој ќе го забележи неговиот труд, ќе избие на површината, затоа што среќата ги следи храбрите.
Интер продолжува понатаму во Лигата на шампионите. Покрај Пандев, херои беа и Ето, Снајдер, па дури и Жулио Цезар. До трофејот има уште многу и веројатно ќе има уште поголеми подвизи од оној на Пандев во Минхен. Но успехот на нашиот Горан е посебен, затоа што е награда за оној кој тивко и наспроти сите препреки, дојде до заслуженото признание.
Во таа смисла, Горан Пандев не е само херој на Интер, туку и на Македонија, симбол на искушенијата, борбата и надежта, од чие надминување гратификацијата е огромна, иако навидум мала. Како што вели Влатко Стефановски „За трошка љубов, за малку среќа живееме“. Барем еден од нас нека го живее сонот. Денеска, тоа е Горан Пандев.
Иво Босилков
http://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=46&eventId=72615