МАГИЈАТА НА КОЦКАТА ГО ДОПРЕ ЈУГОТ НА ЗЕМЈАТА
Гевгелија - македонски Лас Вегас
ПОСТОЈНИТЕ КАЗИНА “АПОЛОНИЈА КЛУБ", “ХИТ ИНТЕРНАЦИОНАЛ" И “АТЛАНТИК" НАСКОРО ЌЕ ДОБИЈАТ КОНКУРЕНЦИЈА
Во Гевгелиско виреат домати и пиперки. Но во последно време виреат и казина. И по се изгледа ќе ги има уште повеќе бидејќи се подоходовни. А и зошто да не. Ако Американците можеа во пустината Невада да направат чудо со Лас Вегас, ако целата држава Монтекарло живее од казина, зошто и ние да не ја искористиме местоположбата која ја има нашиот најјужен град и секако заинтересираноста и желбата, пред се на Грците да си ја испробаат среќата на коцка. Но за разлика од споменатите градови кои одлично живеат од комарот, а оваа “индустрија” многу придонесува и за економиите на самите земји, кај нас за казината се уште никој не сака да зборува. Не се знае точно кои се газдите, тоа се шведски, австриски, германски или какви не фирми или капитал, нема шанси да се влезе во нив и да се слика дури ни кога се празни и секаде на влезовите стојат силни момци, задолжително облечени во црно, кои не дозволуваат неовластено приближување. А оние кои раководат со нив, дење ги нема. Тие тогаш спијат, бидејќи ноќе работат. А дека Гевгелија, за која велат дека е рамна како тепсија и дека има една улица од станица до граница, полека станува коцкарски град се забележува веќе по самото минување на македонско-грчката граница. Прво што патниците кои од граничниот премин Богородица влегуваат во Македонија ги пречекува е билбордот со реклама на казиното “Аполониа клуб". А веднаш потоа ќе го видат огромното и преубаво здание на казиното “Фламинго", кое се најавува дека многу скоро ќе почне да работи.
Казиното “Аполониа", сместено во хотелот “Југо" во центарот на Гевгелија е најстаро и постои уште од времето кога бевме дел од Југославија. Таму е извршена една од првите приватизации во земјава, во времето на Анте Марковиќ, и денес е сопственост, како што се кажува, на извесна Шведска фирма.
Хотелот е убаво уреден, со четириесетина соби кои се наменети пред се за клиентите кои доаѓаат во казиното. Најмногу има Грци, млади и стари, жени во поодминати години кои имаат пари и сакаат провод. А во последно време има и Холанѓани. На онаа “обичната” клиентела може да и се случи да не најде слободна соба во најубавиот хотел во градот. Меѓутоа, ова казино многу брзо ќе добие сериозна конкуренција во казиното “Фламинго", кое се наоѓа веднаш на излезот од граничниот премин Богородица. Како некој успеал на таа локација да добие право да гради толкав објект е прашање кое веднаш се наметнува. Но официјално на преминот велат дека, наводно, не бил во граничниот појас и дека се работи за земјиште купено од приватни лица. Дури се кажува дека за уште едно мало делче кое сопствениците сакаат да го купат за да го оформат паркот сега им се бараат 120.000 евра. И повторно во сферата на шпекулациите е кој е сопственик на “Фламинго". Имало австриско-германски капитал, но неофицијално се зборува дека вистински газда бил Србин кој имал фирма во Австрија. Оние што имаат бизнис на преминот зборуваат дека отворањето е одложено затоа што дошол газдата и прво не му се допаднало како се направени собите - му биле многу еднолични. Па се додавале удубленија, се ставало специјално осветлување. Потоа повторно дошол и не му се допаднал мебелот, па и тука се се менувало. Колку соби ќе има не се знае, но се зборува дека ќе има и базени, фитнес-центри и други содржини кои на клинтите ќе им овоможат, покрај коцкањето и пријатен престој. Луѓето зборуваат дека брзо “Фламинго" ќе добие конкуренција. Наводно, од спротива некој Турчин ќе градел уште поголем и поубав објект и повторно со казино. И се фалел дека ако во “Фламинго" има најави дека ќе се вработат 300 до 350 луѓе, тој ќе вработел 500. Гевгеличани со нетрпение очекуваат да видат дали таа најава, како и неколку други, ќе се остварат. Зашто, општината ќе живне и ќе има нови вработувања. Во градот се зборува дека целото ритче од десната страна на граничниот премин (кон Македонија), па се до Прдејци, што е на 8 километри од Гевгелија, е купено и тоа по цена од 40.000 до 50.000 евра за декар. Некогаш таа земја чинела не повеќе од 15 евра за декар. Има најави дека “Лукоил" ќе отворел две бензински пумпи, “Меркатор" ќе правел голем трговски центар и пумпа, а и уште некои други.
Кога ќе се одмине “Фламинго", има уште едно казино кое чека да проработи. Засега има назив “Казино-базен", бидејќи е веднаш до базените кои ги користат гевгеличани и кои местото го викаат Фатаморгана. Симпатично ниско здание, во пембе боја, веројатно ќе побуди внимание. Во овој регион има уште две казина, на влезот и излезот од Дојран. На првото, “Атлантик" кое е преправено од некогашно одморалиште, не се знае на кого му припаѓа. Било со странски капитал. Момците кои стојат на влезот ќе ве информираат да дојдете навечер и да се обидете со некој надлежен да разговарате. Второто, во хотелот “Мрдаја" е на словенечка фирма ХИТ.
Хотелот е ист како и порано, бидејќи во него не е влезен странски капитал. Откако помина сезоната сега е веќе празен. Вработените велат дека речиси единствените гости им се оние кои доаѓаат во посета на казиното. И очекуваат од некого да дознаат што ќе се случува со нив во иднина. Би сакале да можат да ги имаат условите кои, на пример ги има хотелот “Југо". Таму, се зборува, сите вработени биле добро платени. А можеби и ќе добијат странски газди. Зашто, дефинитивно, гевлелиско - дојранскиот регион и неговата близина до границата со Грција допрва ќе стануваат интересни за странските инвестиции.