СОНК- ШТРАЈКОТ ПОЧНА ВО 97 ОТСТО УЧИЛИШТА, ПРОДОЛЖУВА УТРЕ
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК Дојчин Цветановски на прес-конференција соопшти дека генералниот штрајк во образованието денеска се реализирал околу 97 отсто и дека исклучок биле училиштата кои имале притисок од директори или градоначалници.
Најголем број од училиштата во кои немало штрајк се во општина Ѓорче Петров, помал дел во Карпош и во Гази Баба и уште во неколку општини низ Македонија. Во Ѓорче Петров не штрајкувале основните училишта „Димитар Беровски“, „Ѓорче Петров“, „Страшо Пинџур“, „Тихомир Милошевски“, во Карпош - „Братство“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“ и во Гази Баба - „Крсте Петков Мисирков“, „Стив Наумов“ и „Вера Јоциќ“. Во општина Облешево-Чешиново не штрајкувало подрачно училиште на ОУ „Облешево“, како и ОУ „Тоде Тефов“ во Кавадарци и ОУ „Гоце Делчев“ во скопското село Лисиче.
Дојчиновски рече дека според сознанија на СОНК силен притисок на директорите врз вработените и учениците имало во „Братство“ во Карпош, „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров, „Гоце Делчев“ во село Лисиче, во „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар, во Средното музичко училиште во Штип и во ОУ „Јосифово“ во Јосифово. Во ОУ „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром директорот незадоволен од тоа што не успеал притисокот го искинал плакатот со кој СОНК повикува на штрајк.
Притисоци, како што рече Цветановски, имало и од градоначалници и посочи дека в.д. градоначалникот на општина Карпош со писмо ги известил градинките и училиштата дека денеска е работен ден. Во неколку училишта во Гостивар и Кочани, пак, просветни инспектори барале списоци со имиња и презимиња и други податоци за вработените кои се во штрајк.
- Тоа е кршење на правото на вработените во оваа држава за слободно синдикално организирање и активности, вклучувајќи го и уставно загарантираното право за штрајк, рече Цветановски.
Тој, исто така, ја коментираше и посетата на ресорниот министер Перо Стојановски на училишта во општина Ѓорче Петров чии директори вчера јавно се изјаснија дека не поддржуваат штрајк.
- Дефинитивно го поздравувам доколку отишол да им укаже дека не смеат да се мешаат во правото на вработените да подржуваат штрајк, но ако отишол за да ги пофали за тоа што го направиле и дека нивното додворување усепало, тогаш е многу неуспешно зашто е далеку од надлежностите што ги има како министер, рече лидерот на СОНК и додаде дека ќе ја информираат и Интернационалата за образование со седиште во Брисел и други меѓународни организации.
Цветановски рече и дека во текот на денов немале преговори со претставници на Владата иако, како што нагласи, законска обврска е во време на штрајк да се бара решение.
Штрајкот на СОНК продолжува и утре. Поради барањата на вработените во овие дејности околу 300.000 деца остануваат без настава.
Извор: ТВ Сител.