После неколку дена слаба форма, колку толку се враќаат во колосек
Го издвојуваме најинтересното од
вчера
Опа, ако и веруваме на La Gazzetta dello Sport, а треба, Мино Рајола само Јувентус го “закрпи“ со 25 милиони евра. Според договорот, допрва треба да плати и Јунајтед.
Типично за Арсен Венгер, којим нареди на своите скаути да бараат играчи во пониските англиски лиги. Наводно имало добри и ефтини фудбалери. Навивачите изгледа ќе почекаат за трансфери на светски топ-играчи.
Ниту Кристал Палас нема да му ја мисли многу каде ќе ги потроши парите од продажбата на Јаник Боласи, бидејќи на ум го има Кристијан Бентеке од Ливерпул. Ливерпул веќе одби една понуда на Палас во вредност од 29 милиони евра, но, сега засилен со парите од Евертон, Кристал Палас е решен да ги плати сите 37,5 милиони евра што ги бара Ливерпул.
Кинезите се незаситни и, по ВБА, решија да купат уште еден англиски клуб – Хал. Се работи за група на бизнисмени од Кина и од Хонг Конг, кои ќе го купат Хал веднаш по завршувањето на летниот преоден рок.
Во Јувентус веќе размислуваат што да прават со парите од продажбата на Пол Погба. Една варијанта е Аксел Витсел од Зенит, а втора Немања Матиќ од Челси. На Јувентус повеќе му се допаѓа Матиќ, но тој е и многу потежок за доведување, бидејќи не го дава Антонио Конте. За секој случај, претставници на Јувентус веќе закажаа средба соагентот на Немања Матиќ, па што ќе биде, ќе биде…
Кога сме кај Аксел Витсел, Јувентус полека ги губи нервите па му испрати на Зенит уште една, ама овој пат наводно последна понуда. Јуве за крај дава 18 милиони евра и дополнителни 4 милиони во вид на бонуси. Работата е дојдена до – земи или остави.
Јувентус се интересира за голманот на Њукасл Тим Крул, кого го сака…бесплатно. За таа цел, Јувентус ќе го потпише во јануари, а ќе го добие следното лето, кога ќе му заврши договорот со Њукасл. Итро, нема збор.
Продолжуваат патишествијата на Марио Балотели, кос се согласи да дојде во Киево, а и нема друг избор, ама сега се мисли самиот Киево, бидејќи платата на Балотели е 105000 евра годишно, а е уште под договор со Ливерпул.
Маркос Љоренте, кој до вчера му се нудел на Њукасл како кусур во зделката со Муса Сисоко, сепак ќе замине од Реал, ама во Алавес.
Денес
Голема главоболка за Арсен Венгер. Наводно, двете главни ѕвезди во екипата, Месут Озил и Алексис Санчез, одбија да ги продолжат договорите што им истекуваат во 2018 година, а Озил дури заговара враќање во Реал. Така барем тврди Tajms.
Додека ја лечи главоболката Венгер брка и засилувања. Еден од тие кого би сакал да го види во својот тим е Вилфрид Бони, кој, според Daily Star, не е во плановите на Пеп Гвардиола. Арсенал подготвува пакет од 30 милиони фунти за овој 27-годишен фудбалер.
Ако може да му се верува на The Sun, со Венгер нешто се случува. Имено, изворот тврди дека Арсенал е заинтересиран за две исклучително крупни риби, Роберт Левандовски од Баерн и Антоан Гризман од Атлетико. Ако е ова точно, тогаш Арсенал уште од сега треба да бара кредит во банка, бидејќи овде се работи за многу многу големи суми. Овде треба да го додадеме и интересот на Арсенал за Лаказет, Марез, Иско, Хамес Родригес и Мауро Икарди. Лудница.
Муса Сисоко од Њукасл сон не го фаќа од желбата да дојде во Реал: “Се надевам дека тие ќе дојдат да ме земат. Јас се уште ги чекам“, вели јадниот. 

Ова веќе личи на вистина – Симоне Заза отпатува во Германија за да ги доврши преговорите со Волфсбург.
За крај ја оставивме веста која не ослободува од притисокот секојдневно да пишуваме за Аксел Витсел од Зенит. Имено, тој објави дека оваа сезона ќе ја мине во Зенит, а потоа како слободен агент ќе му се приклучи на Јувентус. Имало спас…