Black Swan
Вчера го гледав филмов и не можев да го рецензирам веднаш, ми требаше малку да го размозгам. Проблемот е што сфатив дека нема што многу да се мозга. Од некој од форумџиите прочитав дека филмвиве на Аронофски не третираат којзнае што, но дека човекот има свој посебен приказ. Тука се согласувам потпоплно, според она што го видов. Филмов во реализацијата е прекрасно осмислен, се мислело на детали, на пример боите, тесни простори кои предизвикуваат клаустрофобија итн.
Искрено не се сеќавам да сум гледала филм којшто волку ме напнал, во хорор очекуваш да има крвови некои непријатни сцени итн, но ова што го видов сериозно ме згрози на моменти. Но ми се допаѓа тоа, штом не можам да го предвидам текот на филмот за мене тоа е одлично.
Секоја чест за Натали Портман, секој може да ослаби 15 кила, но не може да се трансформира во балерина. Она успеа. Не знам колку е потребно за да се изведе таа трансформација, но сигурна сум дека бара вложување. Можно е улогава да се покаже како улога на нејзиниот живот, ќе видиме.
Во суштина филмов е уметничко дело, од музика, до движење до гестови, се е прекрасно изведено. НО, јас не сум фан на филмови кои не се докрај јасни, триковите кои ги користат режисерите од типот "сега ќе те збунам па и кога ќе заврши филмот ќе се прашуваш што се случи" ми идат на нерви. Имам и причина за тоа. Јас лично преферирам филмови во кои режисерот си игра со тебе цел филм, никако не успеваш да погодиш што се случува, но на крај ти ја објаснува приказната и разврската и остануваш запрепастен од решението. Secret Window е токму таков филм и намерно го ставам како пример зашто можам да повлечам паралела меѓу филмовиве.
Филм без разврска не го сметам за врвно достигнување. Многу лесно се изведува таков филм, сепак, да беше само тоа содржано во филмов немаше да ми се допадне. Но, има многу зошто да ми се допадне. Јас не сум од оние кои ќе го глорифицираат, но, во поновата кинематографија ова е навистина посебно дело кое филмофилите мораат да го погледнат.
Има една сцена во која Портман го изведува црниот лебед на сцената при крајот. Мислам дека таа изведба е една од најсовршените што сум ги гледала на филм.
Патем филмов ќе си го имаше истото значење и вредност и без експлицитните секси сцени. Сосема се непотребни и без врска.